Наместо со посебни менија,Лелуш ќе го храниме со духовност
Клод Лелуш, легендата на францускиот филм, кој в петок ќе допатува во Охрид, нема посебни, а уште помалку ексцентрични барања.
Мислам дека Лелуш ќе се задоволи со митската слика на Охрид и на Галичица, вели Јордан Плевнеш, копретседател на Фестивалот на францускиот филм, кој почнува вечерва во Домот на културата во Охрид и кој е повод за посетата на режисерот на Македонија.
- Лелуш нема никакви барања во однос на неговиот престој во Охрид. Ќе слета рано утрината на охридскиот аеродром, а ќе биде сместен во хотелот „Милениум“. Тој не се занимава со разни дреболии и детали во однос на храната и на сместувањето. Тој е човек на духот - вели Плевнеш.
Предвидено е славниот француски режисер за време на краткиот престој да ги види црквите „Св. Наум“ и „Св.Богородица Заумска“, каде што ќе му биде покажана познатата и единствена фреска на Богородица-доилка, потоа „Св.Софија“, Плаошник, Музејот на икони и други важни локации во Охрид. Засега не се знае дали пред заминување ќе го посети и Скопје, како што беше предвидено.
- На заминување ќе патува преку Галичица, а точниот протокол го утврдува француската амбасада - вели Плевнеш.
Инспирација
Тој првпат се запознал со Клод Лелуш пред десетина години, кога ги правел подготовките за документарецот „Портрет на Лелуш“, снимен во 2000 година во МТВ.
- Уште тогаш тема на нашите разговори беше спектакуларната сценографија на градот Охрид. Сега чинот на откривањето на овие пејзажи на Македонија, битни за раѓањето на европската цивилизација, мислам дека би можел да биде инспирација за неговиот нов филм - вели Плевнеш.
Амбасадорот и писател вели дека е горд што ќе го пречека култниот режисер и што ќе му подари „златна маска“ за неговото творештво, кое го обележи модерното време на светскиот филм.
Плевнеш е автор на филмот „Портрет на Лелуш“, кој е дел од серијата Кудера, Брук, Клаудија Кардинале и др.
- Се сеќавам дека тогаш со Лелуш зборуваме за мислата на Аристотел дека сликите се основа на мислата, дека без сликите не би постоела ни мислата. Затоа се надевам дека митските слики на Македонија ќе се врежат во неговото сеќавање и мисла - вели Плевнеш.
Доаѓањето на Лелуш во Македонија е еден од најбележитите настани во областа на филмот. Култниот француски режисер ќе пристигне во Охрид за затворањето на фестивалот на 5 јули во Античкиот театар, кога ќе го претстави својот најнов филм „Џебен роман“ и кога ќе му биде врачена „почесна маска“.
Филмот што му ја донесе светската слава на Лелуш и кој влезе во сите филмски енциклопедии е прекрасната приказна „Еден маж, една жена“ од 1966 година, кој го повтори по 20 години, во 1986 година, потпишувајќи го „Еден маж, една жена по 20 години“. Зад себе има педесетина филма.
Охрид - балкански Кан?
Фестивалот на францускиот филм ќе биде отворен вечерва, во 20 часот, во охридскиот центар за култура, со концерт на македонски и на француски песни во изведба на Тања Царовска. Програмскиот дел ќе почне со проекцијата на исклучителниот филм за животот на големата шансониерка Едит Пјаф, „Живот во розово“ на Оливие Дан, за кој главната актерка Маријон Котијар доби „оскар“ и „цезар“ за најдобра женска улога во 2008 година.
Датумот на отворањето на фестивалот е одбран во чест на денешното француско преземање на претседателствувањето со Европската Унија.
Во текот на петте фестивалски дена во Охрид ќе биде прикажана селекција од десет филма од најновата француска продукција.
Заедно со Лелуш, в петок во Охрид ќе дојде и режисерот Ив Боасе, кој е и почесен претседател на фестивалот.
- На планинските граници помеѓу Македонија и Албанија постои едно волшебно место - Охридско Езеро. Толку волшебно што во почетокот на векот турските султани имале обичај да доаѓаат од Истанбул за да се освежат од летните горештини. За нивната благосостојба биле изградени казина и луксузни хотели. Се вели дека пристигнувале редици автомобили „ролс“ и „бентли“ до ова рајско место на Балканот - пишува Боасе во фестивалскиот каталог.
Ќе биде ли Охрид повторно, по неколку века, собиралиште на „ролсројси“ ако се обистини најавата на амбасадорот Бернар Валеро, кој истакнуваше дека целта на фестивалот е да прерасне во меѓународен со центар во Охрид? На вчерашната конференција за печатот во Охрид било истакнато токму тоа - Охрид да биде Кан, Венеција или Берлин.
- Амбицијата ни е од Македонија да направиме земја што би била референтна во поглед на филмот и во поглед на културата. Со една конкретна реализација сакаме да покажеме дека културата може да биде во служба на развојот на една територија, на еден град, на една држава - посочи Валеро.
Фестивалот го организираат Високата школа за аудиовизуелна реализација од Париз и Европската филмска академија од Скопје, во соработка со македонското министерство за култура, градот Охрид и Амбасадата на Франција.
„Златна маска“ ќе добие Клод Лелуш на Фестивалот на францускиот филм - за неговото творештво и за спомен од Охрид.
Маската е реплика на познатата златна маска, откриена во Охрид, кај Горна порта, на 30 септември 2002 година. Маската, пронајдена при археолошките истражувања, е петта посмртна маска, по 4-те требенишки маски, кои, откриени во почетокот на 20 век, сега се наоѓаат во музеите во Софија и во Белград.
Репликата на златната маска со позлата од тенок златен лим на францускиот режисер ќе му ја врачи Паско Кузман, археологот што го пронајде овој бележит наод.
Извор: Нова Македонија
Цела Македонија во Прилеп
Вкупно десет претстави ќе бидат во официјалната програма на годинашниов 43. по ред фестивал "Војдан Чернодрински" што ќе се одржи од 6 до 12 јуни во Прилеп. Ова е изборот на уметничкиот директор на фестивалот, Петар Темелковски, во кој се застапени скоро сите професионални театри од државава. Единствено Народниот театар од Куманово со претставата "Приказна за Роналд кловнот од Мек Доналдс" ќе биде дел од придружната програма. Во овој дел се и "Сердарот засекогаш љубов", копродукција на "Скрб и утеха" и Велешкиот театар, како и испитната претстава по актерска игра за втора година при ФДУ.
За наградите на единствениот државен професионален театарски фестивал, во трка ќе биде и новоотворениот Тетовски театар со "Импресарио од Измир" на Карло Голдони.
Драмски свој адут ќе има во "Супернова" по Лори Андресен, во режија на Златко Славенски, МНТ оди со "Дракула", домаќините со "Светилникот" на контроверзниот Димитар Талев, велешани со нивниот "Херострат", Албанскиот театар го има Војцек, "Женички" доаѓаат од Турскиот театар и "Бегалка" која во Прилеп ќе пристигне од Штип, а струмичани ќе ја играат "Комедијата од грешки" на Шекспир.
Завесата ќе се спушти со претстава по покана за свеченото затворање, и во чест на наградените со "Комшилук наопаку" на Драмскиот театар.
Покрај фестивалската програма ќе ги има и веќе востановените придружни манифестации - промоции на на театарски книги и други изданија поврзани со штиците што живот значат.
(Б.Г.) Вечер