ОХРИД - Охридското културно лето годинава ќе биде збогатено со Првиот меѓународен театарски фестивал на комедијата, што во Охрид ќе се одржи од 21 до 27 јуни. Во негови рамки ќе бидат изведени шест театарски претстави од Македонија и од соседните земји, а организаторите, Скопски саем и Младинскиот културен центар од Охрид, најавуваат дека следната година ќе се зголеми бројот на претставите и земјите учеснички. Трошоците за фестивалот целосно ќе ги покрие туристичко-угостителскиот еснаф од Охрид. Велат дека со организирањето на вакви манифестации, се продолжува туристичката сезона и се прави позитивна промоција на Охрид како туристички центар.
На Театарскиот фестивал на комедијата ќе настапат: Народниот театар од Прилеп со претставата "На два стола" од Реј Куни, во режија на Коле Ангеловски, театарот "Бора Станковиќ" од Врање, Србија со "Покондирена тиква" од Јован Стерија-Поповиќ, а во режија на Радослав Радојевиќ, Автономниот театар од Љубљана, Словенија со "Хотел Бабилон" од М. Гавран, потоа Краљевскиот театар од Цетиње со претставата "Сонлив нагон" од Жељко Станјевиќ во режија на Нико Горшиќ и театарот од Вировитица, Хрватска со комедијата "Љубовта е посилна од меч" од Јасен Боко, во режија на Дражен Ференчина.
Претставите ќе се играат на сцената во Центарот за култура "Григор Прличев" со почеток во 21 часот. Од Центарот најавија дека до почетокот на фестивалот, ќе направат напори за подобрување на условите за играње на претставите, зошто летово тука ќе се одржуваат и дел од приредбите на фестивалот "Охридско лето". (С.И.) -Утрински весник