логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

TVIT379 

Филарет, Митрополит Московски изречено на Велики Петок, 1816 год.

                 Бог толку го возљуби светот (Јн 3,16) Можеби некои ќе речат, сега ли најде да говориш за љубовта? Сега ли, кога плодот на непријателството созреа во градината на Возљубениот; кога и земјата трепери од ужас, срцето на камењата се крши и небесното око се помрачува од негодување? Сега ли (да се говори) за љубовта кон светот, кога и Синот Божји, Кој страда во светот, е оставен без утеха, а Неговиот молитвен повик: Боже мој, Боже мој, зошто Ме остави (Мт 27,46) – е без одговор од Отецот?

HRISTOS.blagoslov6

         Навистина, христијани! Овој ден е ден на непријателство и ужас, ден на гнев и одмазда. Но ако е така, тогаш што ќе се случи со нас, кога и земјата не е тврда под нас и небото не е спокојно над нас? Каде да се побегне од земјата што се колеба? Каде да се склони од небото што се заканува? Погледнете поусрдно на Голгота и таму, кадешто се гледа фокусот на сите беди, вие ќе најдете прибежиште. Додека се тресе и ниша земјата; треперат и од темел се поместуваат горите, зашто Господ се разгневи (Пс 17,7), зар не гледате како непоколебливо таму стои невкоренетото дрво на Крстот? Додека и мртвите не почиваат во своите гробови, зар не гледате како мирно почива Распнатиот на Својот Крст, колку и да се обидуваат да ја симнат самата слава на Спасителот: други спаси, а Самиот не може да Се спаси;самото достоинство на Синот Божји: ако Си Син Бижји, слегни од крстот; самото богатство на верата во Него: нека слезе сега од крстот, па ќе поверуваме во Него? И така, да ја утврдиме во нашите срца оваа чудесна и страшна за светот, но радосна за верните вистина: дека во целиот свет нема ништо покрепко од Крстот и побезбедно од Распнатиот. Ужасите од Голготата затоа и се расеани по целиот свет, за ние, не воочувајќи никаде безбедност, да бегаме право на Голгота, и да се фрлиме пред нозете, да се сокриеме во раните и да се потопиме во страданијата на Распнатиот Спасител. О, сонце! Зошто од Него го криеш своето лице напладне, кога великото дело на темнината уште при твојата светлина ја достигна веќе својата полноќ, и кога заочите на Оној што гледа сè и темнините сепосветлиод твојата светлина, и во темнина толку јасно го гледаат призорот на Богоубиството! Така! Во твоето негодување запечатено беше нашето вразумување; ти побрза да го направиш видлив денот на непријателството и гневот, за да нè преведеш нас кон созерцателниот ден на љубовта и милосрдието, осветлен со незаодната светлина на Трисолнечното Божество.

HRISTOS.na.Raspetie

             Христијанину!Нека темнина ја покрие земјата! Нека има мрак над народите! Дигни се од стравот и недоуменијата! Заблескај со вера и надеж! Низ темнина доаѓа твојата светлина! (Ис 60,1-3). Помини низ патот, преку кој раскинатата завеса ти ги открива таинствата; влези во внатрешното Светилиште на Исусовите страданија, оставајќи го зад себе надворешниот двор, предаден на народите за уништување. Што има таму? – Ништо, освен светата и блажена љубов на Отецот и Синот и Светиот Дух кон грешниот и беден човечки род:

Љубовта на Отецот која распнува.

Љубовта на Синот која е распната.

Љубовта на Духот која торжествува со силата на Крстот.

Бог толку го возљуби светот!

За оваа љубов, христијани, нека ми биде дозволено малку да помолчам пред вас, бидејќи е невозможно таа да биде изречена, така што и Самото Слово Божјо, за совршено да ја изобрази неа, замолкна на Крстот. Ова Слово и оваа љубов нека ни даруваат и нам безмолвие, како и внимание на тоа безмолвие, како што и децата на една иста мајка со нејзиното срце и нејзините зборови заеднички молчат и го рабираат молчанието.

И така, кој Го распнува Синот Божји? Војните ли?– Тие се речиси исти страдални средства, како крстот и клинците. Пилат ли? – Тој, се чини, сите усилби ги усмери во одбрана на Праведникот и торжествено ја изјави својата несогласност да се пролие Неговата крв: откако зеде вода, си ги изми рацете пред народот и рече: невин сум за крвта на Овој Праведник (Мт 27,24). Народот ли? – Како можел тој да ја бара смртта на Оној Кого се обидувал да Го зацари? Првосвештениците ли? Старешините ли? Фарисеите ли? – Тие признаваат дека немаат никаква власт над нечиј живот: нам не ни е дозволено да убиваме никого (Јн 18,31). Предавникот ли? Тој уште во храмот сведочеше дека предал невина крв (Мт 27,4). Кнезот на темнината ли? – Тој не можеше да се допре ни до животот на Јов: а сега самиот се осудува и прогонува. Но, кој подобро од Распнатиот може да ги познава распнувачите? И што вели Он? – Не знаат што прават (Лк 23,34). Кајафа се докосна до вистинската причина на ова дело, велејќи, дека подобро е еден човек да умре за народот: сепак, ова не го рече сам од себе, но бидејќи беше првосвештеник таа година (Јн 11,50.51); тој прозвучел како кимвал, кој тој ден требало да ѝ благовести на Црквата, но и самиот не го разбрал своето благовестие. На тој начин, она што не го сакале, не можеле, не знаеле, пред целиот свет било извршено од самите оние кои не сакале, не можеле, не знаеле.

Впрочем, ова не значи и дека немало виновни за убивањето на Невиниот! Не! Кој не можел, само ако би посакал, да го разбере она што го разбрал и проповедал дури и очајникот Јуда? Но ако разбереа, немаше да Го распнат Господа на славата (1Кор 2,8).

                Ние треба да видиме, каква ништожна пајажина претставувал целиот сплет на видливи причини, коишто го произвеле великото Голготско собитие. Како ли оваа пајажина не се раскинала уште во своите први нитки или од здивот на гневот Божји, или од ветрот на човечката суета? Кој со неа го врзал лавот од Јуда? Како се случило она што не го сакале, не можеле, не знаеле и што толку подобно било и да се разбере и да предизвика одвратност? Не!Голготските хулители исто така не знаат што говорат, како што распнувачите не знаат што прават, а всушност не се луѓето тие кои го исмеваат Божјото величие: Божјата Промисла се потсмева на човечкиот бунт, без нарушување на слободата, правејќи тој да служи на Својата возвишена Премудрост. Не лукавите слуги Го надмудруваат Господа: Себлагиот Отец не Го поштедува Синот, за да не ги погуби лукавите слуги. Не е земното непријателство она што ја ранува небесната љубов – небесната љубов се крие во земното непријателство, за со смртта на љубовта да се убие непријателството и да се распространи светлината, и животот на љубовта низ темнината и сенката смртна. Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не погине, но да има живот вечен (Јн 3,16).

                 Се чини дека ние, проникнувајќи во тајната на Распетието и воочувајќи ја во страданијата на Синот Божји волјата на Неговиот Отец, повеќе го чувствуваме ужасот на Неговото правосудие, отколку сладоста на Неговата љубов. Но ова треба да нè уверува нас не во отсуството на самата љубов, а единствено во недостатоците на нашата подготвеност да го примиме нејзиното вдахновение.Оној што има страв, не е совршен во љубовта (1Јн 4,18) – вели ученикот на љубовта. Да го очистиме и рашириме нашето око со љубов и онаму, кадешто тоа гледало магливо поради стравот од Божјиот суд, да се насладиме со созерцание на Божјата љубов.Бог е љубов (16) – вели истиот созерцател на љубовта. Бог е љубов по природа и самата природа на љубовта. Сите Негови својства претставуваат облека на љубовта; сите дејствија – израз на љубовта. Во неа живее Неговата семоќност во целата своја полнота; таа е Негова вистина кога го оживува возљубеното; таа е Негова премудрост кога го уредува постоечкото и одржува по законите на вистината; таа е Негова благост кога премудро ги раздава своите вистински дарови; конечно, таа е Негово правосудие кога степените и видовите на испратените или задржаните Свои дарови ги мери со премудроста и благоста, заради највозвишено добро на Своите созданија. Приближете се и погледнете го страшното лице на Божјото правосудие, и вие сигурно ќе го препознаете во него краткиот поглед на Божјата љубов. Човекот со својот грев го оградил од себе „вечниот“ извор на Божјата љубов: и оваа љубов се вооружува со правда и суд – зошто? – За да ја разруши таа ограда што поделува. Но, бидејќи ништожното битие на грешникот непоправливо ќе се скрши како грнчарски сад под ударите на очистувачкото Правосудие, затоа недостижниот Душељубец ја испраќаСвојата едносуштна Љубов, т.е. Својот Единороден Син, за Он Кој држи сè со Својот моќен збор (Евр 1,3), со примената на Себе наша плот, освен гревот, да ги понесе и тежестите на нашите слабости, и тежестите на правосудието упатено врз нас: и Единиот уништувајќи ги стрелите на гневот, наменети за целото човештво, во своите крсни рани да ги открие незаградливите извори на милосрдие и љубов, коишто треба да ја напојат целата, некогаш проклета, земја со благослови, живот и блаженство. Бог толку го возљуби светот.

                  Но, ако Небесниот Отец од љубов кон светот Го предава Единородниот Свој Син, тогаш и Синот исто така од љубов кон светот се предава Себеси: и како што љубовта распнува, така љубовта и се распнува. Бидејќи, иако Синот не може да прави ништо Сам од Себе, но исто така не може да прави Он и нешто против Себе.Он не ја бара Својата волја (Јн 5,19 и 31), но затоа што е вечниот Наследник и Сопственик на волјата на Својот Отец. Пребива во Неговата љубов, но во неа и Самиот во Својата љубов ќе прими сè што Му е угодно на Отецот, како што вели: како што Ме возљуби Отецот, така и Јас ве возљубив вас (Јн 15,9 и 10). И на тој начин љубовта на Небесниот Отец, преку Синот, се распространува на светот: љубовта на Едносуштниот Син Божји во исто време восходи и кон Небесниот Отец, и нисходи кон светот. Нека овде оној што има очи ја види најдлабоката основа и првичниот внатрешен состав на Крстот, од љубовта на Синот Божји кон Својот Сесвет Отец, и љубовта кон грешното човештво, како се пресекуваат една со друга, и како една со друга се придржуваат, навидум разделувајќи го едното, но во суштина соединувајќи го разделеното. Љубовта кон Бога ревнува по Бога – љубовта кон човекот го милува човекот. Љубовта кон Бога бара да биде запазен законот на Божјата правда – љубовта кон човекот не го остава и нарушувачот на законот да гине во својата неправда. Љубовта кон Бога се стреми да го порази Божјиот непријател – љубовта кон човекот го вочовечува Божеството, за со љубовта кон Бога да се обожи човештвото и, како што љубовта кон Бога го издигнува од земјата Синот Човечки (Јн 12,32 и 34), љубовта кон човекот ги ослободува прегратките на Синот Божји кон земнородните; овие спротивставени стремежи на љубовта се допираат, сорастворуваат, урамнотежуваат и од себе го симнуваат она прекрасно среднокрстие, во кое опростувачката милост и судебната вистина се среќаваат, правдата на Божеството и мирот на човештвото се целиваат, преку кое небесната вистина заблескува од земјата, и правдата веќе не со страшно око проникнува од небесата; Господ дава благост на земјата и земјата го дава својот плод на небото (Пс 84,11-13).

Исусовиот Крст, направен од непријателството на Јудеите и бунтот на јазичниците, е само земен образ и сенка на оној небесен Крст на љубовта. Без него дали оној би можел не само да го задржи на себе, дури до смртта, Оној што со дланката го држи сето она што живее, но дури ида се допре до рамењата на Оној, за Чие избавување дванаесет легиони ангели чекале само знак. Залудно мрачниот полк ќе крене оружје за да Го земе во плен Него и Му подготвува Нему окови: осветлувајќи го својот пат со огнот на злобата, тој не гледа дека Он веќе е пленет и врзан од Својата Сопствена љубов, која е силна како смрт (Песна 8,6). Залудно беззакониот собор повикува: ние имаме закон и според нашиот закон Он треба да умре (Јн 19,7) – Он нема да умре поинаку, освен според овој Негов закон: никој нема поголема љубов од оваа, да ја положи душата своја за своите пријатели (Јн 15,13). Залудно хулниците повторуваат: ако си Син Божји, слегни од крстот (Мт 27,40) – Синот Божји со самото тоа и покажува дека нема да слегне од крстот, додека сè во Себе не истошти во сугубиот стремеж на љубовта кон Својот Отец, Кому на крајот Му го предава Својот дух, а за луѓето истекува вода на очистување и крв на животот. Љубовта ја познаваме по тоа што Он ја положи душата Своја за нас (1Јн 3,16). Задлабочувајте се, христијани, во ова велико познание не само со збор и јазик, или со празен слух, ами и со дух и вистина: и на крајот вие ќе стапите, ако може така да се каже, во онаа дружина на Крстот, така што нема да најдете послатко задоволство, од тоа во духот на созерцание да повикувате со Богоносниот маж: Љубовта моја се распна! (св. Игнатиј Богоносец).

Љубовта Божја, која непосредно дејствува во Исусовиот Крст, без сомнеж требала да му ја соопшти нему Божествената сила. И како бргу, како обилно, како неизмерно далеку од него тече оваа победоносна сила!

Ако зрното – така велеше Исус Христос за Себе Самиот – ако зрното пченично што паднало на земја, не умре, ќе остане само, но ако умре, ќе принесе многу плод (Јн 12,24). О, колку бргу ова зрно на Божественото семе што умира на Крстот, околу себе дава изданки на нов живот! Видете како уште пред смртта на Исус, на дрвото на проклетството, во устата на разбојникот процветува молитвата: спомни си за мене, Господи, во Царството Твое! (Лк 23,42), и овој вистински рајски цвет во истиот ден се пренесува во рајот Божји. Видете како заедно со потресената земја и распаднатите камења се круши дотогаш каменото срце на јазичникот и веднаш изнесува зрел плод од усните, кои Го исповедаат Спасителот: навистина Овој бил Син Божји (Мт 27,54). Со каква непреодолива привлечност оние што Го оставија Исуса жив се собираат околу Неговиот Крст и Гроб! Најпрво се покажала победата на крстот во Јосиф Ариматејски. Додека Го познавал Исуса како пророк и чудотворец, тој немал храброст да се открие себеси на Неговите ученици: бил таен ученик, поради страв од Јудејците (Јн 19,38). Но кога дозна дека Исус умре „осуден на смрт“, тогаш Вознесениот од земјата го привлече при Себе со таква сила, што тој не знаеше ниту за чест, ниту за човечки страв, и не се поколеба дури и да го разоткрие пред власта своето учество во Распнатиот: откако се осмели, влезе при Пилат и го побара телото Исусово (Мк 15,43). Зар не со истата сила и оние зрна, кои одамна изгниле во градината на смртта, не покажаа необичен плод – и многу тела на упокоении светии воскреснаа?(Мт 27,53).

                Што подалеку ќе се распространува силата на Крстот, толку поторжествени ќе бидат нејзините дејствија. Таа во единствениот распнат Исус ќе ја сосредоточи сета власт на небото и на земјата; ќе даде да се почувствува силата на Неговото благодатно господство и кај духовите што се во темнина; ќе Го вознесе повисоко од сите небеса; ќе им Го испрати оттаму Утешителот Кој не би дошол, ако Исус не појдеше по патот на Крстот и не го направеше него навистина царски пат. Тогаш љубовта Божја непречено и преизобилно ќе се излие во жедните срца на верните преку Светиот Дух (Рим 5,5) и, без оглед на сите препреки, со крсни подвизи ќе го поведе искупениот свет кон сеопшто торжество на осветување и прославување. Нека непријателите на крстот Христов подготват нов крст за Неговата Црква: тие (така) нејзе ѝ подготвуваат нова победа и нова слава. Нека мудрите од овој век го огласат словото за крстот за безумство: тоа ќе биде безумство само за оние штогинат. Нека Јудеите – древни или нови – бараат знаци, не забележувајќи ги знаците што се извршуваат пред нивните очи, а Елините нека бараат сопствена мудрост на словото онаму кадешто треба дејствено да се верува во Премудроста Божја: вистинската Црква секогаш ќе го проповеда Христа Распнатиот; за Јудеите соблазна, а за Елините безумство, и Он секогаш ќе биде, за повиканите од Бога, Христос, Божја сила и Божја премудрост (1Кор 1,18-24). На крајот, нека настанат и оние лути времиња, кога луѓето нема да го слушаат здравото учење, но, водени по своите похоти, ќе си изберат учители да им го залажат слухот; тие ќе го одвратат слухот свој од вистината и ќе се свртат кон бајки (2Тим 4,3-4); како резултат на лажното учење ќе настапи богоотстапништвото, а љубовта ќе ја оладат намножените беззаконија: по мерата на овие настани силата на Крстот, како при второ распетие на Господа, ќе проникне со ново изобилство врз целото човештво и целата природа, ќе ја потресе целата земја, ќе го разруши во неа она што било тврдо, ќе го снизи она што се издигало, ќе го затемни она што блескало, не толку како одмазда на непријателите Божји коишто обично самите си подготвуваат погибел, колку за да се забрза и доврши привлечноста на сè кон Вознесениот од земјата. На истиот начин и љубовта, подобно на подготвеното масло на мудрите девојки, незабележливо за неразумните, ќе се запази дотогаш, додека не се јави посакуваниот Младоженец, и таа со седумкратен пламен ќе се разагори во денот на свадбата на Јагнето. И дотогаш, додека не поминат небото и земјата, и верата и надежта, и Бог биде сè во сè (1Кор 15,28), бидејќи во сите Богоносни срца ќе има љубов, излеана во нив од Духот Свет преку крсните рани.

Еве ги, христијани, и почетокот, и средината, и крајот на Крстот Христов – сè е тоа самата љубов Божја! Како што во овој сетилен свет, накаде и да го упатиме погледот, кон Исток или Запад, кон Југ или Север, насекаде погледот запаѓа во неизмерливоста на небото: така и во духовната област на тајните, според сите димензии на Крстот Христов, созерцанието се губи во беспределноста на љубовта Божја. Да го прекратиме смелото безмолвие за ова. Словото за крстот колку повеќе се изрекува, толку повеќе немее јазикот на плотта, и окото на земниот ум ослепува од преизобилството на небесната крсна светлина. Самиот вечен Уметник на Крстот, Отецот на нашиот Господ Исус Христос, да ви даде, по богатството на Својата слава, сила да се утврдите преку Неговиот Дух во внатрешниот човек, и преку верата Христос да се всели во срцата ваши, та вкоренети и утврдени во љубовта да можете да разбирате со сите светии што е ширина и должина, што е длабочина и височина, и да ја осознаете Христовата љубов што го надминува секое знаење, за да се испоните со сета полнота Божја(Ефес 3,14-19).

                Впрочем, да се потсетиме, ако не сме само по име христијани, но или сме, или иако сакаме да бидеме вистински последователи на Исус Христос, тогаш имаме и свој крст, според Неговата заповед: ако некој сака да оди по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и нека Ме последува (Мт 16,24). Бидејќи нашиот крст треба да биде подобие на Крстот Христов, зар тоа не нè охрабрува и нас сега да мислиме, дека и нашиот крст треба да се состои само од љубов. Така, христијани, овој крст, од кој мирољупците бегаат, како од мачител, и од кој самите крстоносци честопати стенкаат, но најчесто затоа што благото и лесно бреме Христово, поради незнаење, малодушие, неопитност, го зголемуваат со сопствени тежини – овој страшен крст целиот е од љубов – што може да биде поутешително? – Целиот и треба да се состои од љубов. Но, нека секој од нас сега го принесе својот мал крст и да го приложи кон великиот Крст Христов, за да види, дали е сообразен оној на својот првообраз: зашто треба да знаеме дека секој крст, што не е подобен на Крстот Христов, нема да нè вознесе од земјата, но ќе падне и со нас и ќе се струполи под нас во дрвата на геенскиот оган. И така, да погледнеме уште еднаш на Крстот Господов. Еве, љубовта на Небесниот Отец го распнува за нас Својот Единороден Син – како се сообразува на ова нашата љубов? Го твориме ли ние делото на Авраам (1Мојс 22), принесување на жртвеникот на љубовта Божја на сè она што ни е мило, без колебање, без остаток од сопственоста, со надеж?

               Еве љубовта на Синот Божји самата се предава на распетие, не само на Најсветата рака на Својот Отец, но и на рацете на грешниците: нè научила ли љубовта и нас на оваа неограничена предаденост на судовите Божји, со која и ние, како Исак, би биле секогаш подготвени да бидеме жртва – за слава ли Божја, за свое ли очистување, за доброто на ближните ли? Еве ја љубовта Божја која се излева од Духот Свет, која ги исполнува небесните и земните, ги обзема времето и вечноста, за она што се ожесточило и умртвело од непријателството против Бога да го раствори во животоносна и блажена љубов: дали нашата љубов умее да го победува злото со добро, да ги благословува оние што колнат, да се моли за оние што распнуваат и да не знае за ниеден непријател во овој свет, макар тој да не ни дава ниту еден пријател? – Да не ги умножуваме овие прашања.

            Беседата тука треба да биде продолжена од совеста на секого, која и ќе ни ги возвести нам, сега, или некогаш, задолжително, или бедата што ги очекува непријателите на Крстот, или победата, мирот и славата на неговите љубители, според судот на закланото на Крстот Јагне Божјо, Нему од секое создание благослов и чест, слава и владеење во сите векови (Откр 5,13). Амин.



Извор: http://pravoslavie.mk.

 

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3217
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7710
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар (2)

 

26/12/2024 - четврток

Божикен пост (пост на масло)

Светите маченици Евстратиј, Авксентиј, Евгениј, Мардариј и Орест; Светата маченичка и девица Лукија (Луција); Светиот свештеномаченик Гаврил, патријарх Српски;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на св. Христови маченици Евстратиј, Авксентиј, Евгениј, Мардариј и Орест 13 декември / 26 декември 2024

Тропар на св. Христови маченици Евстратиј, Авксентиј, Евгениј, Мардариј и Орест 13 декември / 26 декември 2024

Низ оган злато поминува за да се очисти, о свети Евстратие, но огнот тебе не те допре, затоа што напоен од благодатта...

Тропар на светиот Спиридон чудотворец 12 декември / 25 декември 2024

Тропар на светиот Спиридон чудотворец 12 декември / 25 декември 2024

Спиридоне, Богоносен оче наш,на Првиот Собор ти се покажа поборник и чудотворец.Затоа, мртвата од гробот ти прозбори,и змијата во злато...

Тропар на светиот Христов Столпник Данило преподобен 11 декември / 24 декември 2024

Тропар на светиот Христов Столпник Данило преподобен 11 декември / 24 декември 2024

Смирението твое о, Данило столпнику,по молитвите на твоите родители,со заштитиништвото на великиот Симеон,пат кон небесата ти отвори,а ангелите и луѓето...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная