„THE ART OF DISTANCE“ – САМОСТОЈНА ИЗЛОЖБА НА ДИТА СТАРОВА ЌЕРИМИ ВО ЧИФТЕ АМАМ
На 16 ноември 2026 година, со почеток во 19:00 часот, во Чифте амам, објект на Националната галерија во Скопје, ќе биде отворена самостојната изложба „The Art of Distance“ („Уметноста на оддалеченоста“) на академската сликарка Дита Старова Ќерими.
Изложбата претставува нов циклус од 20 сликарски дела, во кои авторката го истражува односот меѓу човечката блискост и оддалеченоста, присуството и отсуството, сеќавањето и трајноста на емоционалните врски. Во основата на концептот е размислувањето дека физичката оддалеченост не мора да значи и раздвојување, туку може да открие поинакви облици на човечка поврзаност.
Преку експресивен колорит, динамични композиции, монументални цветни форми и суптилно присутни човечки фигури, Старова Ќерими развива препознатлив ликовен јазик во кој природата и човекот воспоставуваат сложен визуелен и емотивен дијалог.
Цветните форми во овие дела ја надминуваат својата декоративна и природна препознатливост, станувајќи симболи на животната сила, преобразбата, кревкоста и обновувањето. Човечката фигура, неретко сведена на едвај забележлива силуета, се појавува како тивко присуство во просторот на интензивната боја и експресивниот сликарски гест.
Во својот авторски текст за изложбата, Старова Ќерими истакнува:
„Моето сликарство се развива од потребата да го истражувам тој простор меѓу присуството и отсуството, блискоста и оддалеченоста, човекот и природата.“
Оваа мисла ја определува концептуалната основа на изложбата, во која личното искуство се преобразува во универзален визуелен јазик, а сликата станува простор за размислување за човечките односи, минливоста и она што останува присутно во нас.
Кураторот на изложбата, Горанчо Ѓорѓиевски, во својот текст „Самомечтаење“ ги определува делата како „интимно-имагинарен дневник“, нагласувајќи ја нивната изразена емоционална и духовна димензија. Особено внимание посветува на колоритот како носител на сликарскиот израз, истакнувајќи дека „Бојата е заробена енергија“.
Според неговото толкување, сликарството на Старова Ќерими ги надминува строгите граници меѓу апстрактното и фигуративното, претставувајќи визуелен израз на внатрешните состојби, творечката енергија и човековата потрага по сопствената суштина. Цветните мотиви, човечките силуети и динамичните колористички односи создаваат композиции што повикуваат на лично доживување и интерпретација.
Изложбата има и посебна професионална димензија за авторката. Старова Ќерими во 2012 година се претстави со самостојна изложба во Чифте амам, а во периодот од 2015 до 2024 година ја предводеше Националната галерија. Нејзиното повторно претставување во овој простор означува средба меѓу институционалното искуство и континуитетот на сопственото уметничко создавање.
Дита Старова Ќерими е академска сликарка, доктор на науки и универзитетска професорка на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот Американ колеџ Скопје. Нејзиниот повеќедецениски професионален ангажман ги обединува авторското творештво, академското образование, научното истражување и институционалниот развој на културата.
Од првите изложбени претставувања во 2001 година до денес, нејзиното творештво е претставувано во земјата и во странство, вклучително и во Париз, Њујорк, Цирих, Истанбул и други културни средини. Нејзини дела се застапени во музејски и приватни колекции, а за својот уметнички и професионален придонес е добитничка на повеќе домашни и меѓународни признанија.
Со „The Art of Distance“, Старова Ќерими отвора простор за размислување за невидливите врски што го обликуваат човековото постоење, но и за животната сила, надежта и можноста за постојано обновување.
Како што самата авторка запишува:
„Верувам дека и во најтивките моменти на постоењето има простор за светлина, надеж и нови почетоци.“
THE ART OF DISTANCE | УМЕТНОСТА НА ОДДАЛЕЧЕНОСТА | ARTI I LARGËSISË
Самостојна изложба на Дита Старова Ќерими
Куратор: Горанчо Ѓорѓиевски
Отворање: 16 ноември 2026 година, 19:00 часот
Место: Чифте амам, Национална галерија, Скопје
Националната галерија ја поканува јавноста да присуствува на отворањето на изложбата.

























