Скопје, 18 ноември (МИА) - Од програмата филмови во конкуренција денеска на Фестивалот на европски филм CinEdays 2007 ќе бидат прикажани турскиот „Годишни времиња“ на режисерот Нури Билге Џејлан и бугарскиот „Истрага“ во режија на Иглика Трифонова. Во неофицијалната програма се босанскиот филм „Небо над пејзажот“ на Ненад Ѓуриќ, францускиот „Тоа е Градива што те повикува“ на Ален Роб-Грије и документарните филмови „Снегулки“ од Албанија и „Пилешки избори“ од Србија.
Утре од натпреварувачката програма ќе бидат прикажани босанско-хрватската копродукција „Армин“ во режија на Огнен Свиличиќ и унгарскиот „Свеж воздух“ на Агнеш Кочиш. Во неофицијалната програма утре следуваат албанскиот „Магично око“ на Кујтим Чашку, францускиот „Два дена во Париз“ на Џули Делпи и документарните „Трупец полн со олово“ од Хрватска, „Огледало, огледало“ од Косово и „Нежна топлина, дива плажа“ од Русија.
Под мотото „Гладни за филм, добар апетит“ до 23 ноември на Фестивалот ќе бидат прикажани околу 40 филмови од 22 европски земји. На последниот фестивалски ден ќе бидат доделени наградите - Златна ѕвезда, симболот на Европа, за најдобар филм, Сребрена ѕвезда за најдобра режија, две сини ѕвезди - за сценарио и за актерско остварување и Специјална награда Златно сонце за иновативност за филмовите од Регионалната програма „Балкан-линк“.
За наградите ќе одлучи жирито - Макс Азуле, претседател, и Станислав Семерџиев и Антонио Митриќески, членови. Фестивалот нив вчера ги претстави на прес-конференција, на која тие зборуваа за состојбата на филмот во Европа, неговите слабости и предности во однос на големите кинематографски пазари во Америка и Азија и за насоките за позитивна промена на европската филмска сцена. хс/дма/11:12