Директно, сурово, без пардон, се "продава" поетичност, љубов, патетичност во споменот... Оттука, неморалноста е до нас видливо прикажана, во случјов, многу блиску, со нас, на малата сцена на НТ "Антон Панов" од Струмица
Целосна и разоткриена слика на хипокритичното, со времиња затскриено во деловите на суштеството кое себеси се нарекува хомосапиенс и сето тоа покриено со неверојатна саркастичност и (само)иронија, ниски страсти, завидливост, рушење на индивидуалноста... Сиот срам на малиот човек (граѓанин), изведен на една свадбена маса, на која јадат, пијат, "се смеат" и навидум срамливо се разгледуваат карикирани ликови, е, вусшност, "Малгораѓанската свадба" на Бертолт Брехт. Директно, сурово, без пардон, се "продава" поетичност, љубов, патетичност во споменот... Оттука, неморалноста е до нас видливо прикажана, во случајов, многу блиску, со нас, на малата сцена на НТ "Антон Панов" од Струмица. Луѓето кои сето тоа го правеа за нас и не забавуваа уште еднаш не потсетија на нашата затскриена длабочина - да мислиме, да го правиме она што би му наштетило другому...
Во тој контекст засебната игра на дел од ансамблот присутен на сцената, функционираше точно, по идеја на режисерот, гостин од Бугарија, Гаро Ашикјан.
Сепак, во актерска смисла, па до некаде и во мизансценскиот режисерски концепт, како да фалеше флуидност меѓу актерите, или поточно компактност на енергијата која кружи и создава еден целосен театарски проект. Во оваа смисла од актерскиот тим, малку "подзастануваа" Јасмина Вучкова, како Невестата, Ванчо Василев и на моменти искусниот Кире Георгиев. Интересна, специфична крајно вербално редуцирана ролја, успешно оствари Тинче Ристеска.
Карактеристичен по својата надменост, лик изгради Ангелина Тренчева, свој простор актерски по енергија си создаде и Кољо Черкезов како пријателот на младоженецот... Со главниот лик успешно се справи актерот Васил Михаил, иако на моменти неговата енергичност, со која требаше константно да владее на сцената, имаше амплитудни размери, но во секој случај тоа не беше лошо искреирана улога. Ванчо Крстевски го носеше својот лик низ лавиринтите на скромноста, интровертноста и експлицидно прикажаната болка, остварувајќи само навидум "епизода" која функционираше во целиот контекст, а Оливера Аризанова Манзберт, како негова жена, пак, оствари луцидно карикиран лик - нервчик...
Значи, актерската игра го даде саканиот резултат на гледлива претстава, но останува впечатокот дека во вербалниот дел некои актери мора што поскоро да се ослободат од примесите на формата која ја носи струмичкиот дијалект (ова особено важи за Јасмина Вучкова, Ванчо Василев, Васил Михаил, а до некаде и за Кољо Черкезов и Кире Георгиев)...
Вклопено со режисеркиот концепт и идеја, Гаро Ашикјан, ја создава и руинираната сцена (целата од дрво со расклатени столчиња и маси и орман кој не се отвора) која кореспондира со руинираната слика на Брехтовата Свадба.
Борче ГРОЗДАНОВ- Вечер