Како човекот станува демоноподобен
Веќе сум ви кажал дека енергетското растројство е изобличување на Божјиот лик во нас, но главниот проблем е што тоа изобличување е според ликот демонски. Да ве потсетам само на еден пример од повеќето што ви ги посочив:
Кога бараме само човечка правда и вината ја лоцираме во другите – надвор од себе, тогаш ни се случува енергетско растројство: поголемиот дел од нашата енергија – сакале или не, го насочуваме кон оној што го сметаме виновен за несреќата што ни се случила; остатокот од нашата енергија го трошиме на погрешни сигнали – кон духовниот свет, кон другите луѓе и кон природата околу нас; и ако нешто енергија ни остане и ако ни текне да се помолиме, ја насочуваме кон Бог – во некој неодреден правец. Ако вината не ја лоцираме во себе, преку првенствено барање на Божјата правда, тогаш немаме целосна енергетска молитвена насоченост кон Бог во нашето срце, туку се наоѓаме во енергетско растројство.
Еве ви еден пример и од животот на свети Макариј Египетски, кој го потврдува тоа што ви го велам, дека енергетското растројство е вообличување на ликот демонски во нас:
„Свети Макариј, египетскиот духовен Старец, овој редок избран Божји сад, ме праша еднаш: ’Која е причината што ние, паметејќи го злото што ни го направиле луѓето, ја растројуваме силата на нашата душа што памети, а кога си спомнуваме за злото што ни го направиле бесовите, не претрпуваме никаква штета?‘ Кога јас, не можејќи да одговорам на неговото прашање и го замолив тој самиот да ми го објасни тоа, тој рече: ’Првото е спротивно на нашите раздразителни сили, а второто е сообразно со нив‘“.
Со други зборови, некои луѓе стануваат толку демоноподобни што воопшто не се гневат на демонот кој ги повредува, активирајќи ги нивните страсти кон чинење грев, додека пак, многу лесно се гневат на своите ближни и за најмала нивна грешка, злопамтат и не простуваат. Тоа е најобично енергетско и душевно растројство, т.е. демоноподобност.
Ќе ве потсетам на уште еден пример: нашата немолитвеност, т.е. потхранувањето на примарната функција на нашиот ум, т.е. неговото отпаѓање од превосходната енергетска комуникација со Бог, а од друга страна, прехранувањето на секундарната функција на нашиот ум, односно прекумерната комуникација со овој свет поради задоволувањето на нашите страсти, како и знаењето и опитот што нашиот разум го стекнува притоа, го прават нашиот разум компатибилен на демонскиот. Истото ни се случува кога не го ставаме нашиот ум во процес на исцеление, преку послушание кон духовниот отец, сѐ до добивањето на дарот на умно-срдечната молитва, а наместо тоа остануваме послушни на демонскиот глас во нас – кој е компатибилен со нашите страсти и нашиот компромитиран – од демонот – разум, а пред сѐ, со страста на високото мислење за самите себе и демонската гордост.
Мислам дека, за паметните, доволно објаснив.
Затоа честопати и инсистирам на исповед и духовно советување. Ништо не можете да скриете од духовниот отец. Тоа што се обидувате да го скриете од него, внатре во вас, е смртта. А таа почнува да зрачи, да смрди и почнува пополека да станува видлива за сите останати. Духовниот отец однапред го гледа тоа и ве предупредува. Толку барем може.
Негова задача е да го вообличи ликот Божји во вас, да станете преподобни, т.е. богоподобни – ако го слушате Неговиот глас.
Пресвета Богородице, спаси нас!
Митрополит Струмички г. Наум


























