Скопје, 28 октомври (МИА) - Дизајнерот на продукција Дејвид Манс, кој работи на спотот за промоција на Македонија што го режира Милчо Манчевски, денеска од министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска доби признание за особен придонес и врвни достигнувања во македонската кинематографија и за афирмирање на македонската култура. Манс соработуваше со Манчевски во сите негови играни филмови „Пред дождот“, „Прашина“ и „Сенки“.
- Задоволство ми е што имам можност да му го доделам признанието на Манс за неговите залагања во филмската дејност. Тој во изминатите 15 години значајно придонесе за македонската продукција, што е исклучително значајно и за државата, рече Канческа-Милевска при врачувањето на плакетата.
Дејвид Манс рече дека е почестен со признанието и со ангажманот во македонски филмови, вклучувајќи го и спотот кој на светот треба да му го открие македонското културно наследство. - Беше привилегија да се работи на снимањето на спотот. Со нетрпение ја очекувам мојата следна посета на Македонија, рече Манс. Тој додаде дека снимањето на едноминутниот спот завршило одлично и сега се работи постпродукцијата.
Манс смета дека спотот ќе биде добра реклама за Македонија, но оти нејзиниот ефект покрај од квалитетот ќе зависи и од тоа колку пати ќе биде прикажана во светските медиуми. Канческа-Милевска рече дека е убедена оти спотот ќе биде квалитетен и дека ќе ја исполни целта - на најавтентичен начин да ја презентира културата во Македонија.
Не сакајќи премногу да открива за проектот пред тој да биде целосно завршен, режисерот Манчевски рече дека се работи за бајка, фантастична приказна за убава земја со долга историја. - Не се занимаваме со регистрирање на сите убавини и сите моменти од историското минато на Македонија, туку раскажуваме една комерцијална приказна во која суштината е вистината. Во 60 секунди не може се да се покрие, но може да се даде вистинскиот вкус и вистинската покана за луѓето да се заинтересираат за Македонија. Колку тоа ќе функционира не зависи само од рекламата, а се надевам дека таа ќе биде убав почеток, рече Манчевски.
Прикажувањето на спотот ќе влијае и врз потенцијални странски филмски продукции да дојдат да снимаат на локации во Македонија. Манчевски како пример го посочи филмот „Пред дождот“ кој веднаш по прикажувањето повлекол бран копродукции во Македонија, како за филмовите „Миротворец“, „Welcome to Sarajevo“... - За жал, тоа не се искористи за Македонија да стане редовна дестинација за странски копродукции, но сега одново има некои раздвижувања и со организирана и координирана работа мислам дека ова може да биде почеста дестинација за копродукции, додаде Манчевски. хс/паг/11:56