НАШИОТ РЕЖИСЕР ВО СЛЕДНИТЕ ДВЕ ГОДИНИ ЌЕ РАБОТИ СО ПОЛНА ПАРЕА
Ацо Поповски распродаден во европски театри
Ацо Поповски: предизвик ми се централноевропските простори
Македонскиот режисер Александар Поповски ќе работи на европските театарски сцени во наредните две години. Поповски ќе работи претстави во Грац и во Виена, Австрија. Тој вели дека сака да се фокусира на освојување на централноевропските простори.
- Австрија ми е нова дестинација и многу ми е важно како ќе поминам таму. Во октомври работам претстава на тема на Дионис, на академијата во Грац. Таа претстава потоа ќе оди на натпревар на сите 12 државни академии од германско говорно подрачје во Цирих. Тоа ми е врата за театрите во Грац и во Виена, со кој веќе преговарам за нов текст на Мариус Ивашкевициус од Литванија, текст инспириран од монструмот од Австрија и ќерката во подрумот - рече Поповски.Тој веќе има договорено да го работи текстот „Брод за кукли“ од Милена Марковиќ, на сцената на Словенско народно гледалишче во Љубљана. Во театарот во Целје ќе постави текстот „Еднорог“ на словенечки писател. Потоа следува работа во „Ателје 212“ во Белград, каде што најверојатно ќе го работи текстот „Пат во Дамаск“ од Аугуст Стриндберг.Наредната година првпат ќе работи во Љубљана, во Местно гледалишче. Ќе го постави „Дон Жуан се враќа од војна“, од Один фон Хорват. Во 2010 година повторно ќе бидам во „Гавела“ каде што го договарам проектот „Метаморфози“ - вели Поповски.Тој најавува дека наскоро ке ја работи „Хамлет“ во Скопје. Се' уште не избрал во кој театар, ама најверојатно ќе биде во негова продукција. Сакам да и' подарам нешто на нашата публика, како мој придонес кон нашата театарска актуелна сцена. Во Загреб последно ги работеше „Сон на летната нок“, во Трст - „Близок град“и во Грац- „Метаморфози“.Последен пат во Македонија ја работеше „Дон Жуан“ во Драмскиот театар, 2005 година.
(С.П.)