ЗАВРШИ 4. АСТЕР ФЕСТ
Гран при за Комарците од Бугарија
Со премиерната проекција на филмот "Скали" на режисерот Илир Харчи од Албанија и со доделувањето на наградите, синоќа, во Струмица заврши четвртото издание на Меѓународниот филмски фестивал "Астер фест", кој се одржа во организација на Тивериополската филмска алијанса. Златната гран при потковица му припадна на филмот "Проблемот со комарците и други приказни" на режисерот Андреј Паунов од Бугарија, сребрената на филмот во македонско-хрватска продукција "Дома" на режисерот Ѓорче Ставревски, а бронзената потковица на филмот "Српски шајки" на Димитар Анакиев од Словенија.
Единствената награда за највисоки творечки достигнувања во авторски филмски опус "Астер" годинава ја доби познатиот режисер од Хрватска Лордан Зафрановиќ. Специјалната награда "Стар златен проектор" ја доби филмот "Тонечко село" на режисерот Мартон Ширмај од Унгарија, а нововостановената награда за најдобар краток игран филм жирито му ја додели на филмот "Болен" на Мајк Римел од Велика Британија, додека наградата на програмата "Мувиленд" ја освои романскиот филм "Бранови" на режисерот Адриан Ситару.
На фестивалот кој годинава протече во знакот на 90-годишнината од првата филмска проекција во Струмица беа прикажани над 50 кусометражни, играни и документарни филмови од 34 земји од ЈИЕ.
Извор: Вечер