Битола, 30 септември (МИА) - Со доделување на наградите, синоќа во Битола заврши официјалниот дел на 28-то издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.
На церемонијата на свеченото затворање присуствуваше и покровителот на оваа престижна манифестација од областа на културата, претседателот на Република Македонија, Бранко Црвенковски.
Петчленото меѓународно стручно жири, годинава додели две награди „Златна камера 300“, и тоа на хрватскиот филм „Живи и мртви“ и на чешкиот „Му служев на англискиот крал“.
Според стручното жири, кинематографот Драган Матковиќ ја доби првата награда за хрватскиот филм „Живи и мртви“, заради динамичната визуелна експлозивност која ги претопува минатото и конфликтите од блиското минато, моќно сугерирајќи ја вечната бесмисленост на војната.
Кинематографот Матковиќ, примајќи ја наградата, рече наградата „Камера 300“ ќе биде светилник во неговата понатамошна снимателска работа.
- Навистина сум изненаден од оваа награда, а воедно сум и пресреќен. Ова е мојот прв филм и затоа уште повеќе сум возбуден. Се надевам дека оваа „Камера 300“ ќе биде мој светилник во мојата понатамошна снимателска работа, истакна Матковиќ.
Филмот од Чешка „Му служев на англискиот крал“ ја доби златната „Камера 300“ поради прекрасната визуелизација на едно трагикомично литературно ремек дело, преку употребата на еден калеидоскоп од филмски техники.
- Голема чест е да се стои овде, пред публиката, награден. Нашата професија ја унапредува културата со цел да живее оваа прекрасна традиција на вашиот фестивал „Браќа Манаки“, рече чешкиот кинематограф Јаромир Софр, кој беше бурно поздравен од македонската публика.
Сребрената „Камера 300“ му припадна на кинематограф во македонскиот филм „Јас сум од Титов Велес“.
Меѓународното стручно жири оваа награда ја додели поради тоа што овој филм користи оригинален артистички и кинематографски јазик, за да ја претстави моќната семејна трагедија на три сестри чија надеж создава фасцинантна и длабока необична приказна. Наградата и беше врачена на кинематографката Вирџини Сент-Мартин.
Бронзената „Камера 300“ ја освои кинематографот Кристофер Дојл за филмот „Парк параноја“.
Според востановената традиција и годинава на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ посебни награди доделија конзорциумот „МОС-Филм“ од Москва, Русија и Општината Битола. Специјална диплома од страна на рускиот конзорциум беше доделена за авторите на филмот „Долина“ од Унгарија, додека наградата од градот домаќин ја доби филмот од Јапонија „Таговна шума“ .
Дваесет и осмото издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера завршува вечерва со, како што најавија организаторите, филм изненадување на публиката. мт/бак/9:34
ФЕСТИВАЛ НА ФИЛМСКАТА КАМЕРА „БРАЌА МАНАКИ“
И публиката и жирито задоволни од понудата
По три филмски продукции дневно може да видат филмските вљубеници, кои ги има во голем број
Во импресивни филмски остварувања кои пленат со моќна фотографија ужива публиката на фестивалот што ја слави филмската слика, „Браќа Манаки“ во Битола. По три филмски продукции дневно може да видат филмските вљубеници, кои ги има во голем број. Новите остварувања на Јиржи Менцел - „Како му служев на англискиот крал“, зад чија камера стоеше славниот Јаромир Шофр беше најдобро прифатениот филм завчеравечер, кој публиката ја испрати со многу воздишки и насмевки. Остварувањето, кое засега го виделе околу милион луѓе во Чешка, предизвика голем интерес и кај членовите на жирито, кои на прес-конференцијата што се одржа вчера поставуваа прашања за процесот на работа на филмот.
Јапонскиот филм „Таговната шума“ на режисерката Наоми Кавазе ја остави без зборови публиката. Извонредните пејзажи и успешното доловените приказни на двата главни лика во филмот, отворија многу прашања кои му беа поставени на кинематограферот Хидејо Накано, кој дојде во Битола.
Новиот филм на режисерот Александар Поповски „Метаморфози“ беше промовиран завчеравечер, во Домот на културата. На промоцијата присуствуваа актерите Тони Михајловски, Ирена Ристиќ, сценографот Бујар Муча, продуцентот Роберт Насков.
- Во овој процес на глобализација, глобално затоплување и други глобални процеси, се радувам што се занимавав со процесот на метаморфоза, кој на многу убав начин ми ја одбележа годината. Како резултат на тој процес, настана и овој краток филм, кој морам да кажам дека ме врати во периодот кога почнував да се занимавам со филмската уметност. Собрав многу убава актерска екипа, со која си поминавме одлично. Филмот не е завршен - рече Поповски.
Судејќи според реакциите на жирито, тие воопшто не се рамнодушни кон селекцијата што ја направил Благој Куновски-Доре. Во Битола беше промовиран и најдобриот хрватски филм за минатата година - воениот „Живи и мртви“ на Кристијан Милиќ.
Добитникот на специјалната награда за животно остварување, Бранко Лустиг, вчера одржа мастер-клас, кој предизвика голем интерес.
„Јас сум од Титов Велес“ првпат дома
Македонската премиера на „Јас сум од Титов Велес“ во режија на Теона Митевска е вечерва во 19.30 часот во битолскиот Центар за култура.
Директорка на фотографија на овој филм е Виржин Сент Мартен, која е во конкуренција за награда. Филмот доби специјална награда на Саревскиот филмски фестивал, а се натпреваруваше за награда на фестивалот во Торонто.
Пред тоа, во 17 часот на програмата е „Исчезната ѕвезда“ на кој кинематографер е Лука Бигаси, а во 22 часот на програмата е „Контрола“ на кинематограферот Мартин Руе.
Сребра Пашовска
+++
Битола, 26 септември (МИА) - Во големата сала на Центарот за култура во Битола синоќа почна 28-то издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Брака Манаки“.
На свеченото отворање прво беше доделана наградата за животно дело „Златна камера 300“. Ова високо признание на кинематографот од Русија Анатоли Петрицки му го врачи претседателот на Советот на фестивалот Роберт Насков.
- Благодарам на сите што ме донесоа во Битола. Камерата ми го продолжува животот. Јас знам дека Битола е стар град и се вљувив во Битола како што стар човек е вљубен во старица, рече во своето обраќање пред македонската публика Петрицки, кинематографот на познатиот филм „Војна и мир“ годинешен добитник на наградата за животно дело.
Фестивалот за отворен го прогласи, добитникот на специјалната награда „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност хрватот Бранко Лустиг.
- Кога на моите загребчани им реков дека одам за Битола, ми рекоа, ах, да „Битола мој роден крај“. Јас во Битола и во Македонија сум бил многупати. Првиот пат беше за време на земјотресот во Скопје. Тогаш останав шест месеци, снимавме долго. За документарниот филм „Скопје 63“ ја освоив високата награда на фестивалот во Венеција „Златен лав“. Подоцна снимав со Питер Јустинов, а пред извесно време и кадар за филмот „Миротоворец“ рече Бранко Лустиг на вечерашната свеченост и го прогласи за отворен Фестивалот во Битола.
Фестивалот официјално почна со прикажувањето на македонската премиера на филмот „Превртено“ на режисерот Игор Иванов-Изи во кој кинематографер е Томи Салковски.
Потоа во полноќната програма беше прикажан аргентинскиот филм „Другиот“ во режија на Ариел Ротер. мт/ми/8:29
+++