ЕПИСКОП НИКОЛАЈ ВЕЛИМИРОВИЌ
ЖЕТВА ГОСПОДЊА

ПРВИ ПЛОДОВИ НА ЖЕТВАТА
„Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во Рајот.“
Првиот Христов современик што бил земен во Рајот бил покајниот разбојник на крстот на Голгота, во дваесеттата година од владеењето на царот Тибериј, а во триесет и четвртата година од воплотувањето на Бога Логосот.
Така Христовото Небесно Царство започнало со еден единствен човек. И тоа со каков човек? Не со еден од големите апостоли, ниту со Пресветата Дева Марија, Мајката Исусова, туку со злосторник — но покајан. Преку овој злосторник се симболизира целиот човечки род, заради кого Христос, од љубов, претрпе маки и ја пролеа Својата безгрешна крв. Но, истовремено, се истакнува и спасоносната тајна на покајанието, една од седумте големи православни свети тајни.
Ние говориме за луѓето, а не за ангелите. Зашто, уште пред покајниот разбојник, безбројни војски ангели, заедно со Господ над војските, живееле во тоа Небесно Царство. Од тоа Царство тие слегувале на земјата и повторно се вознесувале на небото, служејќи Му на јавениот Месија во Неговото дело на спасението на луѓето.
Но спасениот разбојник не останал долго единствениот човек на Небото.
Истиот ден, на Велики Петок, Исус со душата слегол во Адот, во Шеолот, и им се јавил и им го благовестил Своето Евангелие на упокоените од почетокот на светот, кои таму, од Адам па низ вековите, ја очекувале својата конечна судбина.
И Тој, Господ Исус Христос, „откако слезе, им проповедаше и на духовите што беа во темница — Евангелието, за да примат суд како луѓе по тело, а по Бога да живеат со духот“.

Кои се тие созданија?
Тоа се праведниците од времето пред Христа, сите оние што „умреа со вера“, а не го дочекаа исполнувањето на Божјото ветување, односно Спасителот, туку само „оддалеку Го видоа, Му се поклонија, исповедајќи дека се туѓинци и придојдени на земјата. Зашто, оние што така зборуваат, покажуваат дека бараат татковина“ (бидејќи не можеле да ја најдат на земјата).
Но тој „собир и црква на првородените“ не бил составен само од Јудејци, старозаветни праведници, туку и од сите народи и племиња под небесата. Зашто ниту Авел, ниту Сит, ниту Енох, ниту Ное, ниту Рута, ниту Јов не биле Јудејци.
Според зборовите на апостол Петар: „Навистина сфаќам дека Бог не гледа на лицето, туку во секој народ Му е мил оној што се бои од Него и твори правда“ (Дела 10, 34–35).
Сите тие биле спасени од Адот преку Божјата благодат и заслугата на Господ Исус Христос. И не само познатите и признати праведници, туку и сите грешници кои грешеле на земјата, а потоа, кога Го виделе Исуса лице в лице во Адот и ја чуле Неговата благовест, се покајале и поверувале во Него како во единствениот вистински Човекољубец и Спасител.
Нивните тела одамна станале прав, измешан со земниот прав, а нивните души копнежливо и со воздишки пребивале во темнината на најдлабокиот Ад.
Таму биле човечките души од Адам до витлеемските деца, кои првиот Ирод ги погубил заради Исуса, Новиот Цар, и до свети Јован Крстител, кого вториот Ирод го обезглавил како Предвесник на Исуса Месијата.
Единствено Бог, Сезнајниот, го знае нивниот број. Но дека станувало збор за огромен народ, поброен од сите народи на Римското Царство, сведочи, најнапред, долгото временско раздобје од Адам до Христа, а потоа и светите отци, боговидци.
Во својата Пасхална беседа, вдахновениот Јован Златоуст, зборувајќи за Христовото слегување во Адот, вели:
„Адот се огорчи, зашто се испразни... Христос воскресна и ниеден мртов не остана во гробот.“
Целиот тој многумилионски народ Христос го вознел во Рајот, чиишто врати ги отворил со Својата крв, како Човекољубец. А откако ги отворил рајските врати за луѓето, Тој го отстранил и чуварот на тие врати — херувимот со пламен меч.
И така, Сесилниот Христос, за една ноќ, го направил Своето Царство поголемо од царството на кесарот Тибериј.
Ова е извонредна и единствена одлика на вистинскиот Месија како Севкупен Спасител на светот. Имено, Тој донел спасение за сите човечки поколенија, од почетокот до крајот на времето, односно и за живите и за упокоените.
Лажните месии и самопрогласените спасители, пак, особено многубројните во нашево време, дури и не помислуваат да ги спасуваат упокоените, туку само живите. Ниту, пак, им паѓа на ум да ги избават од смртта ниту себеси ниту другите.
Целата нивна програма се состои во отстранување на различните животни непријатности, и тоа само за кратко време — сè додека човечкото срце, жедно за живот, не престане да чука.
За нив смртта е непобедлива и посилна од животот. Мрачната царица на смртта владеела уште пред „случајната“ појава на животот на земјата. Тоа е нивната философија, сосема спротивна на Христа и на Христовото Откровение.
Еден од материјалистичките пропагандисти држел говор пред народот на еден собир во Србија, тврдејќи дека Исус Христос за две илјади години не успеал да го оствари она што го ветил, а дека неговата безбожна партија ќе го оствари рајот на земјата.
Тогаш го прашала една вдовица, чиј единствен син штотуку починал:
— А може ли вашата партија да ми го врати во живот мојот единствен син?
На тоа оној нов спасител на светот одговорил:
— Се разбира дека не може тоа никој, па ни ние. Ние сакаме да создадеме рај само за живите, а за упокоените не водиме сметка, бидејќи тие не постојат.
Тогаш ожалостената мајка му рекла:
— Секој рај што вие или кој било друг би го создал на земјата, без мојот син, за мене е пекол.
Во историјата на светот Христос е единствениот Спасител и на живите и на упокоените. Да, Тој е единствениот бујен и неудржлив извор на животот и семоќниот Победник над смртта и пеколот.
Неговото Царство не е од овој свет, но Тој непрестајно ја жнее Својата жетва на посеаната нива на овој свет, преку Своите ангели, и ја внесува пченицата во Своите небесни житници.
Таму, каде што ожалостената мајка единствено може повторно да се сретне со својот упокоен син — во живот без разделба.
(продолжува)
Извор:
Друго:
„Жетве Господње“ е познато духовно-богословско дело на светиот епископ Николај Велимировић (Охридски и Жички), напишано околу 1953 година, по неговото заминување во САД.
За што станува збор во делото:
- Тематика: Книгата ја разгледува историјата на спасението и ширењето на христијанската вера низ вековите — „жетвите“ што Господ ги собира од родот човечки од почетокот на христијанството па сè до современите времиња.
• Првата жетва: Владика Николај започнува со првиот сојузник и сведок на Христовото царство — покајаниот разбојник на крстот на Голгота („Заиста ти кажем, данас ћеш бити са мном у Рају“), покажувајќи како Божјата милост ги преобразува грешниците во први плодови на Рајот.
• Историски преглед: Низ текстот се опфатени различни периоди од црковната историја, вклучително и развојот на православието, борбите против ересите и историските искушенија на црквата.
Достапни ресурси и читање:
- Можете да ја прочитате или преземете книгата во PDF формат преку архивата на Svetosavlje - Библиотека.
• Текстот е достапен и во дигитална форма или како аудио-читање на разни православни интернет-платформи и каналот YouTube - Аудио књиге.
14.11.2026
пп
Каква вредност би имала вечноста ако љубовта не би можела да ја надживее смртта?
„Секој рај што вие или кој било друг би го создал на земјата, без мојот син, за мене е пекол.“
Човекот не копнее само по бесмртноста како продолжување на сопственото постоење.
Тој копнее по заедницата на љубовта, по повторното сретнување со оние што ги љуби.



























