Фестивалот ќе биде отворен на 29 март со филмот „Покајание“ на Џо Рајт кој го освои „Оскарот“ за музика
Катерина Богоева
Годинешното, единаесетто издание на Скопскиот филмски фестивал ќе започне на 29 март во 20 часот во киното Милениум, со прикажување на британско-францускиот филм „Покајание“ на режисерот Џо Рајт. Истата вечер, во киното Рамстор 1 во истиот термин ќе бидат прикажани францускиот филм „Сведоци“ од режисерот Андре Тешин, а по него и „Ноќна стража“на Питер Гринавеј. Фестивалот ќе трае до 6 април, а дел од филмовите публиката ќе има можност да ги види и во киното Рамстор 2.
Освен посочените филмови предвидени за прикажување на денот на отворањето, организаторите на вчера одржаната прес-конференција им го свртеа вниманието на новинарите и на филмот „Лавови за јагниња“, чиј режисер е Роберт Редфорд кој заедно со Мерил Стрип и Том Круз толкува една од главните улоги, но и на „Девојката пресечена на пола“ во режија на Клод Шаброл. Од програмата на авторски филмови, меѓу другите, беа издвоени и „По венчавката“ на Сузан Биер и „Џуно“ на Џејсон Рајтман.
Годинава освен досегашната понуда на документарните и анимираните филмови, на кратките филмови, на програмата „Sound and fury“ во која ќе биде прикажан и филмот „Глас“ - портрет за Филип Глас во 12 дела, новина е програмата „Миднајт“, во рамките на која ќе бидат прикажани хорор филмови меѓу кои и американскиот „Вива“ на Ана Билер.
„Мал дел од филмските проекции ќе бидат на ДВД и ќе бидат прикажувани само во киното ’Рамстор‘. Најголем дел од анимираните филмови се во таков формат како и 80 насто од документарните филмови што ние, како сеуште мал фестивал можевме да ги добиеме“, изјави вчера директорот на продуцентската куќа „Наше маало“ Иво Антов, коорганизатор на фестивалот и посочи дека цената на билетите за ваквите филмови ќе биде пониска од цената за останатите која ќе изнесува 120 денари.
Во вториот дел од Скопскиот филмски фестивал ќе гостуваат неколку значајни имиња од областа на филмот и филмската музика.
На 30 март композиторот Никола Коџобашија во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ ќе одржи работилница на тема „Филмска музика и како тоа се прави“ по што вечерта е предвиден и негов настап со групата „Проект жлуст“ во истиот простор.
Најавено е и гостување на експертот за интелектуална сопственост Џозеф Бек кој во Кинотеката на Македонија на 2 април ќе одржи отворено предавање на тема „Пиратерија и авторски права“, а неколку дена претходно, на 31 март во Царинската управа треба да биде одржана и тркалезна маса „Пиратеријата во филмот и како против тоа“.
Во Кинотеката почнувајќи од први април во 20 часот ќе биде прикажана и ретроспектива од пет филма на еден од великаните на филмската уметност, Виторио де Сика.
На тема „Комуникации“ Скопскиот филмски фестивал со партнерска поддршка на мобилниот оператор ВИП, годинава организира и посебна програма со натпреварувачки карактер за едноминутни кратки филмови, каде можат да учествуваат и автори со филмови снимени со мобилни телефони или камери. Конкурсот е отворен до 28 март, а се очекува до стартот да пристигнат повеќе кратки, едноминутни дела.
Меѓу најавените гости на фестивалот е и хрватскиот режисер Далибор Матањиќ кој во Скопје во оваа прилика треба да одржи и предавање посветено на неговата работа поврзана со изработката на рекламни видео спотови, а се очекува пред заинтересираната публика за време на одржувањето на фестивалот да бидат претставени и други имиња од областа на филмската уметност.