Претставата „Метаморфози“ на Факултетот за драмски уметности од Скопје и Универзитетот за музика и драма од Грац, Австрија, утревечер во 20 часот, во Драмски театар во Скопје, ќе ги отвори 17-те Меѓународните средби на студентите од драмските факултети и академии „Скомрахи“. Претставата е работена според текст на Овидие, во драматизација на режисерот Александар Поповски, а играат студентите од втора и трета година од двата факултета. До 2 април на неколку сцени во Скопје ќе се играат 15 претстави, ќе има неколку филмски проекции, работилници. Претставите ќе се играат на сцените во ФДУ, Драмски, МНТ и во Турски театар, а придружната програма ќе биде на ФДУ. Во Скопје ќе дојдат околу 200 студенти и професори од Хамбург,Грац,Софија,Белград, Загреб,Љубљана,Сараево,Приштина,Тирана,Букурешт.Универзитетот „Аристотел“ од Солун, кој редовно учествува на фестивалот, го откажа своето учество. Официјално се работело за технички пречки и неможноста на еден грчки студент да дојде од Атина во Скопје. Организаторите велат дека не веруваат от постои политичка заднина. Деканот на ФДУ, Данчо Чеврески, се надева дека и годинава фестивалот ќе има голема посетеност. „Скомрахи“ годинава понуди интересно решение за својот плакат. Тоа е пегла што остава трага, што, според авторот на плакатот, ќе ја симболизира трагата што скомрасите со години ја оставаат кај театарската публика, која секогаш бара билети повеќе.
(С.П.)