На престижниот фестивал во Епидаурус на 1 и 2 август, Слободан Унковски ќе има премиера на „Орест“
Во време кога македонско – грчките односи се пред вистински тест и кога конфликтот околу името Македонија е во фаза на кулминација, водечкиот македонски режисер Слободан Унковски прави пробив во срцето на грчката театарска сцена. Тој за престижниот фестивал во Епидаурус, посветен на грчката античка драма, работи премиера во продукција на Националниот театар на Северна Грција од Солун. Станува збор за „Орест“ од Еврипид, со чии проби започнува на 9 април, а која премиерно ќе биде изведена летово, токму на 1 и на 2 август.
Освен фактот што Унковски работи за Националниот театар во Солун, кој се наоѓа на територијата на грчката провинција Македонија, каде што чувствителноста во однос на Македонците и прашањето за името се уште позасилени, додатен успех за Унковски, но и за Македонија, е фактот што тој е еден од ретките режисери од странство кои воопшто работеле премиера за овој фестивал со над четиридецениска традиција. Досега за фестивалот кој секое лето се одржува во раскошниот амбиент на античкиот амфитеатар Епидаурус, работеле само четворица врвни светски режисери: Питер Штајн, Волфганг Лангхоф, Питер Хол и Андреј Сербан. Оваа година честа да работат премиера за фестивалот во Епидаурус им припадна токму на Слободан Унковски и на рускиот режисер Анатолиј Васиљев.
Секако, моќна референца кога станува збор за изборот на Слободан Унковски претставува неговиот досегашен успех во Грција, врзан за сцената на Националниот театар во Атина, каде ги постави „Четвртата сестра“ од Главацки и „Крал Лир“ од Шекспир. „После овие две претстави честопати се јавуваше како идеја соработката со Националниот театар на Северна Грција. Мислам дека овие претстави ми обезбедија едно крајно специфично место во грчкиот театар, особено кога станува збор за мојата работа со актерите што за нив беше нешто сосем ново. Мислам дека токму како резултат на сето ова, директорот на Националниот театар на Северна Грција, Никитас Цакироглу, се определи да се бори за овој проект“, вели Слободан Унковски.
Инаку „Орест“ бил еден од најпопуларните текстови на Еврипид во периодот кога се појавил. Драмата е напишана една година пред смртта на Еврипид, додека тој се наоѓал во самоегзил во Македонија, откако ја напуштил Атина бидејќи не се согласувал со актуелната политика. И токму Еврипид, за разлика од останатите двајца од големата тројка на грчки трагичари, Есхил и Софокле, е автор низ чии ликови се огледа политичката димензија на тогашното античко општествено опкружување, откривајќи ги религиозните и етичките прашања. „’Орест’ е длабоко политичка драма за тоа што се случува со правдата и правото. Во драмата има судир меѓу извршување на волјата на боговите, вршење одмазда по сопствена одлука или владеење на правото сеедно од кого или од каде доаѓа. Драмата исто така има една типично заложничка ситуација и на таа линија е многу современа. Мислам дека ’Орест’ допира некои навистина глобални прашања важни за современиот општествен контекст. Таа ги отвора прашањата за тоа дали светот после толку многу пролиена крв на разни места, не само блиску до нас, мора да се соочи со реперкусии и некакво цивилизациско трпење. Во таа смисла драмата е многу современа“, вели Унковски.
Во овој контекст неговата поставка ќе се движи по линијата на доловување на една вонвременска димензија, нешто кое е повеќе сеќавање на антиката. Па дури и во однос на разврската на драмата, при што Еврипид го користи принципот deus ex machina кога Аполон се симнува меѓу смртниците. „Тој не само што ги измирува сите закрвени страни, туку дефинира кој со кого треба да стапи во брак или во друг вид на комуникација со цел да се смират работите што често потсетува на една скоро водвиљска завршница. Како да е излезена од Фејдо. Така всушност и најчесто се играла до сега. Но, во мојата претстава наместо таков хепиенд, ќе има крвава разврска“, вели Слободан Унковски. Инаку, ова е само една од назнаките за еден релативно радикален пристап кој ќе доминира во пакувањето на оваа античка приказна од страна на Унковски.
Актерската екипа со која ќе се реализира „Орест“ е веќе направена и во неа играат десеттина водечки грчки актери, во најголем дел од Атина. Покрај нив на сцената се присутни и уште дваесеттина актери кои го сочинуваат хорот. Сценограф на претставата и овој пат ќе биде стандардната соработничка на Унковски, Мета Хочевар, костимите ќе ги изработи Ангелина Атлагиќ, кореограф е Димитрис Сотириу, а музички директор Никос Вудурис.
Лилјана Митевска -Утрински весник
{moshits}