ПОДГОТОВКИ ЗА ГОЛЕМИОТ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ
Филмскиот фонд и Друштвото на филмските работници на Македонија ќе ги промовираат играните филмови снимени во последните три години, а штандот ќе го делиме со Србија
Филмовите „Јас сум од Титов Велес“, „Превртено“, „Сенки“, „Илузија“, „Големата вода“ се неколку од насловите што ќе бидат промовирани на големата промотивна манифестација во рамките на Берлинскиот филмски фестивал, кој ќе се одржува од 7 до 17 февруари. Промоцијата на македонската кинематографија создадена во последните три години ја подготвија Филмскиот фонд и Друштвото на филмските работници на Македонија. Десетте филмски остварувања на нашите режисери ќе бидат презентирани заедно со делата на нивните колеги од Србија, на ист штанд. Македонија годинава си обезбеди учество на еден од најголемите филмски фестивали во светот преку филмот „Јас сум од Титов Велес“ на Теона Стругар-Митевска. - Благодарение на контактите на Лабина Митевска, обезбедивме заеднички штанд со колегите од Србија. Подготвуваме торбички во кои ќе ги сместиме брошурите и промотивниот материјал. Ќе организираме два помали коктела во текот на фестивалот и еден поголем, по проекцијата на филмот „Јас сум од Титов Велес“.
Ќе располагаме со околу 15 квадратни метри за презентација. Секој продуцент ќе си подготви излагање во писмена форма, кое ќе биде објавено во брошурите - вели претседателот на ДФРМ, Роберт Насков.
Тој додава дека не е мала работа да се обезбеди простор за промоција на македонската кинематографија во текот на целиот фестивал.
Со Насков во Берлин ќе отпатува и директорот на Филмскиот фонд, Дејан Илиев. Тој вели дека се' уште не се знае колку ќе не' чини промоцијата на Берлинскиот фестивал.
- Конечната сума не е дефинирана - се' уште се чекаат понудите за подготовката на промотивниот материјал. Промоцијата секако нема да не' чини многу зашто просторот ќе ги делиме со Србија. Ќе промовираме филмови, снимени во последните три години, но акцент ќе ставиме на „Јас сум од Титов Велес“. Презентацијата на Берлинале ќе биде дел од поголема стратегија за меѓународна промоција на македонскиот филм во светот - објасни Илиев.
Од продуцентската куќа „Сестри и брат Митевски“ чекаат известување за четирите термини за прикажување на филмот за да може подобро да се организираат.
- Неизвесноста ни предизвикува мала главоболка зашто треба да резервираме авионски билети. Но, тоа е нормално за големите фестивали како тој во Берлин. Така се создава поголема тензија кај филмските уметници и поголемо изненадување за публиката. Но, нашата работа е при крај. Подготвени сме да ја претставиме нашата кинематографија најдобро што умееме - изјави Митевска, која е продуцентка и ја игра главната улога во филмот.
За меѓународната промоција на филмот на фестивалот во Берлин се погрижи француската дистрибутерска куќа „Инсомнија“. Договорено е за филмот да се пишува во „Варајети“ и во „Скрин интернешнел“. На промоцијата во Берлин веројатно ќе присуствуваат главните актери Ана Костовска, Николина Кујача и Џевдет Јашари.
Ова не е прво учество на Стругар-Митевска на Берлинале. Во 2001 година во програмата „Панорама“ таа доби специјално признание за својот краток филм „Вета“. Нејзината сестра Лабина била присутна на Берлинскиот фестивал со неколку филмови, меѓу кои и со „Добредојдовте во Сараево“ на Мајкл Винтерботом.
- Фестивалот има традиција да ја следи работата на авторите што веќе еднаш ги наградил. Теона им остави впечаток со „Вета“, ја познаваат и затоа и нејзиниот втор филм е избран во програмата „Панорама“. Покана добивме на филмскиот фестивал во Торонто. Тогаш најдовме начин филмот да добие соодветна дистрибуција во САД, Канада, Холандија и во Белгија. Дистрибуција на таков вид филм во САД не е баш едноставно. Тоа го сметам за голем успех - вели Митевска.
По презентацијата на Берлинскиот филмски фестивал, „Јас сум од Титов Велес“ напролет ќе учествува на белградскиот „Фест“. Добра фестивалска презентација на филмот е главната определба на авторите за годинава. Триесетина фестивали ќе ги отворат киносалите за нашиот филм.
Сребра Пашовска