Во понеделникот на 10 декември, со почеток во 18,30 часот, со благослов на Неговото Високо Преосвештенство Владиката Струмички г. Наум, во НУЦК Антон Панов во Струмица беше инаугурирана Тивериополска Филмска Алијанса. За таа прилика од ризницата на Кинотеката на Македонија и Вардар филм беа прикажани филмовите "Затемнување" на Мелиес (снимен точно пред 100 год.) и "Средновековни фрески во Македонија" на Кочо Недков (снимен пред 50 години). Тивериополската филмска Алијанса (ТФА) ќе биде партнерски и организационен субјект на филмскиот фестивал Астер фест и во соработка со Кинотеката на Македонија и други странски филмски архиви, веќе се подготвени следни тематски циклуси на филмови, средби со автори и трибини во Струмица.
ТФА како иницијатива беше пласирана на последното издание на АстерФест во Струмица, и тоа како платформа за проширена Балканска и Југоисточноевропска фестивалска програмска размена и филмски ко-продукции помеѓу 15 субјекти (од Македонија, Албанија, Бугарија, Кипар, Турција, Грција, Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Молдавија, Романија, Унгарија и Косово) основани во новиот милениум. ТФА во Струмица ќе се развива како своевиден Институт за краток и документарен филм, единствен од ваков тип во Светот, со профилиран дискурс за истражување, дигитализација и промоција на овие форми на уметничко и интермедијално изразување.
Во таа насока, ТФА во рамките на глобалната културна мрежа "Растко" подготви веб-портал кој треба да биде електронска библиотека на културата и традицијата на Македонија, која може да се пребарува на адресата македонија.растко.нет. Бројот на делата и авторите од повеќе уметнички видови и родови постепено ќе се шири, а за почеток се застапени 15 наслови, меѓу кои и разнородни книжевни дела од академик Митко Маџунков, Љубен Ташковски, Живко Чинго, Илинденка Петрушева, д-р Васе Манчев, Данило Коцевски и др.
Инаку, покрај интернационалната промоција што Астер фест ја имаше неодамна во Визбаден, Јихлава и Тирана и покрај претстојната промоција на 15 овој месец во Нови Сад, деновиве се конституира и мрежата на Астер фест и ТФА во градовите од Источна Македонија. На тој начин, покрај Струмица, каде е седиштето на фестивалот кој се одржува кон крајот на мај, дел од програмата следната година ќе можат да видат и граѓаните на Берово, Радовиш и Дојран и Пробиштип, каде на 7 декември беше презентирана оваа идеја.
Ова симболично промовирање на Тивериополската Филмска Алијанса во Струмица се случи ноќта спроти Денот на Светите 15 Тивериополски Свештеномаченици, христијански празник кој се смета за заштитник на градот Струмица (некогашен Тивериопол). Промотивна беседа одржаа д-р Илија Велев и режисерот Горан Тренчовски, којшто е воедно и Претседател на Алијансата.
Посети:{moshits}