логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

Starec.Pajsij.SVetogorec

Монаштво
-
Старец Пајсиј Светогорец


            Според мене, за да може некој да се поврзе со Бога, треба првин да се одврзе од светот и да засака подвиг заради Бога, за да се просветни и полека да стане земски ангел. Секако, доколку смирено се подвизува, зашто и сатанските црни ангели се подвизуваат повеќе од сите, но, што им вреди тоа кога немаат смирение.
             Пред да се упати некој кон ангелската држава, треба цврсто да верува дека како монах повеќе ќе помогне и на себе и на светот со молитва и молчаливо проповедање (преку пример), па дури и материјално (преку молитва), воздигнувајќи раце кон небото и собирајќи ги облаците за да падне дожд во време на суша, а не подавајќи раце кон богати за да им помогне на сиромаси.
Ниту во манастир не треба да се толерираат голи туристи за да се собираат пари за облекување на сиромаси, зашто тоа e дело на лукавиот, за да го оддалечи монахот од благословот Божји и да го направи световен, додека вистинскиот стремеж на монахот за Христа го прави богат во добродетелите.
Оние кои преку Божјата благодат ја запознале суетата на овој живот, добиле најголем дар и не им е потребен дар на прозорливост за да ја предвидуваат иднината, зашто е доволно да се погрижат за спасението на душата и да преземат соодветни духовни мерки.
Убеден сум дека најголем непријател на спасението на нашите души, поопасен и од самиот ѓавол, е световниот дух, зашто слатко нѐ одвлекува и на крајот вечно нѐ огорчува. Кога би можеле да го видиме самиот ѓавол, би нѐ опфатил страв и би морале да прибегнеме кон Бога, зашто Он за своите подготвил рај.
Монасите кои се натпреваруваат со световните во светскиот развој покажуваат дека се на погрешен пат. Во тоа можат и самите да се уверат врз основа на светските грижи кои ги оптоваруваат.
Најголемо безредие во манастирите е светскиот поредок, воената дисциплина која не само што заморува, туку ја отстранува „светата простота“ и ги насочува сите душевни и телесни сили на денешниот уморен човек кон овоземни работи и заборав на Бога. Од друга страна, ја гледаме возвишената едноставност Божја пројавена во Неговото создание, како што се небеските светила (звездите). Гледаме дека едноставно се расфрлани по небото без калап и како такви го одмораат човекот, додека вештачките светла наредени во совршен ред го заморуваат човекот.
Затоа, ако сакаме ангелски да живееме, мораме да го избегнуваме не само светот, туку и духот на овој свет, за духовно да се издигнеме. Дури и дебелите кокошки кога би cе оддалечиле од местото каде што буричкаат и се гојат, како и од кафезите кои луѓето им ги направиле, со тоа би станале лесни и би можеле и тие да полетаат како птиците небесни.
Надворешниот мир со умерена аскеза донесува и внатрешен мир (мир на душата), кој е неопходен услов за тежок духовен напор. Зашто, колку повеќе се оддалечуваме од светот, толку и светот повеќе се оддалечува од нашата внатрешност. Тогаш се оддалечуваат и помислите на овој свет, а умот се очистува и станува божествен.
Очистениот монах, кој жив се облекува во црно (расо) и умира за светот, а однатре, преку тајната на ангелската схима се облекува во покајание, со тоа ќе направи најголемо чудо во својот живот и не ќе има потреба да прави други чуда во својот живот.
Мислам дека поголема вредност имаат живите икони, оние кои личат на ангели, отколку оние насликаните, кои ги создаваат најголемите сликари. А оние кои не се борат да личат на ангели, туку лажно ја смируваат својата мисла со промена на местото, световното име и облекување, без каква и да било внатрешна промена, личат на ментално растроени кои носат офицерски одела и сами си закачуваат ордени (претставувајќи се како генерали), и се фалат самите со себе, но бидуваат исмевани од светот.
Голем ентузијазам и мал егоизам се оправдани кај монаси-почетници, доколку се млади како што и малите деца се радуваат на првите заби кои им израснуваат и првите чекори кои ги прават додека на старите ова не им доликува.
Нема ништо да ни користи добриот почеток во светот, ако не завршиме добро, на небото.
Некогаш Светите Отци многу внимавале, се бореле co полно самоодрекување, го избегнувале светот, се воздржувале од сѐ, многу Го сакале Бога и секоја духовна храна за спасение на душата, му давале предност на сувото јадење за телото и така се осветувале. За жал, во наше време, многумина од нас немаат топла љубов и вера во Бога, не се грижиме за подвигот, го запоставуваме сувото јадење и така неосетно сме станале само „разводнети отци“.
Световните луѓе жестоко се борат за суетни работи на стадионот, фрлаат топка или... удирајќи со рака или глава по топка. Наспроти ова, за монасите борбата има големо значење, зашто тие имаат цел да го соблечат од себе стариот човек, паралелно со борбата против страстите на душата (контролирање на чувствата, молитва, смирение и љубов кон непријателите, односно, на начин спротивен на светскиот), да ги победат моќните демони и се овенчаат со Христа. Со ова добиваат рај, а не бесмислен светски пехар.
Православното воздржување, и воопшто, духовниот подвиг, секогаш е насочен кон една повисока цел, за осветување на душата. Додека аскезата на овој свет, како што е јогата итн., е заради еластичност на телото.
Подвигот кој е од љубов кон Христа (бидејќи оваа љубов во себе содржи и љубов за спасение на душата која ја сака Христос), со својот напор и труд ја облагородува и одмора душата, го зајакнува телото, донесува паралелно и бестрастие, зашто се смируваат хаотичните движења на телото и тогаш човекот се одржува со помалку храна, зашто има мир во душата и питомост во телото.
Разновидност на храната, особено мрсна, не им доликува не само на монасите, туку и на побожните луѓе, освен, се разбира, на празници поради свеченоста на денот, во слава Божја, или од гостољубие. За болните не зборуваме, зашто неопходна им е добра храна, за нив доволно е во своите болести да Му благодарат на Бога, за да бидат овенчани како свети маченици.
Воздржувањето за здравите млади луѓе е најтврда узда против страстите, за да загосподари духот и да завладее целосен мир. Тогаш со чистотата на срцето можат јасно да ги гледаат луѓето како ангели. Додека оние кои не се воздржуваат и живеат распуштено, ќе ги сметаат дури и ангелите телесни, како Содомјаните (1.Мојс. 19, 5), кои се беа оддалечиле од Бога. И природно е, оние кои го сакаат своето добро згоено тело и уживање, и другите луѓе да ги сакаат телесно и себеси духовно да се упропастуваат.
Оние кои сакаат телото да им биде зацврстено со подвиг, ќе го доживуваат како свети мошти и како пријател на душата. А и сите луѓе тогаш ќе ги сакаат простодушно, како икони Божји, како свои браќа.
Наивното дете сѐ гледа наивно и сите го гледаат како ангелче, дури и кога е голо, зашто е облечено со божествената благодат на девственоста. Додека возрасните ако не се дематеријализираат со подвиг, за да дојде божествената благодат на девственост, се соблазнуваат дури и ако се малку голи.
Чистите души ја чистат душата и го неутрализираат оружјето на демонот на блудот. Така, непријателот повеќе не може да војува ниту со помислите, ниту со телесните надразнувања. И таа детска девственост го чува човекот во опасности подобро од секоја амајлија, зашто во такво чисто тело живее и чиста душа, а во чистата душа се задржува Божјата благодат.
Оние кои ги прифаќаат нечистите помисли и паралелно се грижат за телото со храна и мрзливост, и зборуваат дека ѓаволот ги напаѓа од завист, бадијала го обвинуваат ѓаволот.
А оние кои неправедно ги запоставуваат своите духовни должности и не обрнуваат внимание на ситните гревови, многу брзо ќе потонат, како дрво кое одеднаш ќе се распадне од многу црви, а не од еден удар на секирата.
Не постои посилен човек на светот од оној кој се бори против човекоубиецот ѓаволот и кој немилосрдно ги одбива и отстранува своите страсти и духовно се ослободува од ропството на страстите.
Кога некој не може да се ослободи од своите страсти, а се бори неуморно, тогаш, обично, во прашање е гордоста која постојано ги пушта своите фиданки.
А понекогаш страстите не отстапуваат, затоа што сѐ уште постои склоност кон гордоста, или, пак, Бог нѐ искушува за повеќе да се бориме и да добиеме поголема награда и ние малодушните да може да се утешиме и охрабриме за борба, а да не изгубиме надеж гледајќи како другите напредуваат, а ние остануваме во место.
Милостивиот Бог многупати, за да не бидеме повредени, не ни ги покажува нашите непријатели, зашто подвижникот се бори со непријателите кои од ден на ден се зголемуваат. Колку поголема сила вложуваме во искоренување на страстите, толку повеќе непријателите се собираат и влечат под тој корен; и ако тогаш не се забележува напредок, тој сепак постои. Душата поволно напредува, зашто повеќе се смирува, повеќе се бори и бидува принудена да прибегне кон молитва, да прибегне кон Бога. Во оваа понизна состојба на разочарување (во нас самите) се крие поволна духовна ситуација.
Во почетокот на духовниот живот, Бог, од љубов, не допушта некој да ја запознае сета своја грешност, ниту изобилните добрини Божји, а сето ова е за да не падне во очај, особено ако се работи за чувствителна личност.
Затоа, да не очајуваме, туку секогаш да се бориме со надеж, смирено и ревносно, и сите страсти со Божјата благодат полека ќе заминат од нас. Зашто, мрачните облаци никогаш трајно не остануваат на небото, туку поминуваат и пак се појавува сонцето. Трпеливата надеж го истерува студенилото на зимата и ја донесува радоста на пролетта со која сонцето ја затоплува земјата и ја создава зелената покривка. Да не очекуваме духовна пролет, доколку првин не ја поминеме духовната зима каде што умираат духовните инсекти. Да не очекуваме божественото да процвета во нас, додека претходно не умре човечкото; односно, со духовно орање да се претвори во зеленило телесната, материјалната природа и пченичното семе да падне и донесе вистинско зеленило со изобилен (духовен) плод.
Секако, плугот на земјоделецот напредува во зависност од видот на земјата која ја ора. Ако послушникот е тврдокорен, си штети на себеси, зашто го спречува земјоделецот да заора длабоко и тогаш е природно почетникот во градината на своето срце да има многу троскот. Старецот не е одговорен за такво нешто, зашто неговата одговорност зависи од послушноста и покорноста на послушникот.
Огледало на послушникот е старецот (духовникот). Кога послушникот не го огледува своето срце во старецот, природно е да биде исмеван (зашто паднал) од светот и неговите нечистотии.
Младите кои послушноста не ја чувствуваат како потреба со која се пазат од искушенија, туку слободно се движат со своја волја, набрзо ќе бидат смртно ранети од непријателот и ќе станат заробеници, зашто слободата според критериумите на светот одведува во духовно ропство.
Оние кои успеале да ја отфрлат својата волја, истовремено со леснотија ги отфрлиле и оковите на страстите и се ослободиле од духовното ропство на човекоубиецот. Монахот кој ја следи својата волја, ја следи заблудата; а лаикот кој му верува на својот разум завршува, обично на психијатрија.
Најголем успех на лукавиот е, барем малку да го расипе мислењето на послушникот за својот духовник. По ова, почетникот паѓа, како што паѓа сводот кога под него ќе биле извлечен еден столб.
Оние, кои себеси едноставно му се поверуваат на својот духовен отец напредуваат сигурно и лесно (бидејќи се натоварени на плеќите на старецот), и безгрижно стигнуваат во рајот. Додека послушницнте кои се обидуваат да го избегнат послушанието страдаат како палави телиња, кои постојано го тргаат јажето додека не го искинат, а потоа трчаат како луди по полето и, ако никој не ги запре, ќе се изгубат, почетникот не смее ни да помисли да се подвизува по своја волја, туку секогаш под надзор на старец. Не треба ни да се одделува од братството со својата незрела желба за поголем подвиг во пустина. И незрелите смокви кога ќе се соберат, од себе пуштаат млеко наместо мед, покажувајќи со ова, дека cѐ уште имаат потреба за напојување. Како што бебињата, за да се развијат природно, мораат две-три години да цицаат од мајката, така и почетникот треба да биде задоен со манастирското млеко на покајанието најмалку три години. А потоа, по Божји благослов, може за доброто на својата душа да отиде во пустина.
Од друга страна, пак, почетникот не смее самољубиво да се принудува себеси на подвиг, зашто тоа нема да му биде од духовна полза, туку, само ќе му наштети на своето тело и ќе биде неупотреблив, како што ни зелената диња не зрее така што постојано со прсти ќе ја гмечиме, туку созрева со време и тоа самата го покажува со својот мирис. Оние кои самољубиво и самоуверено се борат се мачат и страдаат од наркоза на егоизам. А оние, кои смирено се подвизуваат и побожно се покоруваат, уште во овој живот ќе го почувствуваат вкусот на небесниот мед, кој постојано капе во нивното срце, од она духовно точење, кое се вика страв Божји.
Многу внимание е потребно во почетокот искушеникот да не „истече“, туку да постави добар темел. Зашто, ако фитилот на почетокот се натопи со вода, потоа е бесполезно да се натопува со восок, зашто само ќе прска. Така и искушеникот, ако не постави добар почеток, подоцна само ќе ропта, и ќе се мачи себеси и другите.
Противречењето на духовникот е најголем непријател на искушеникот, зашто ја истерува побожноста, а потоа следи бесчувствителност и незаинтересираност за ситните гревови, кои, сега тој ги гледа како природни. Меѓутоа, искушеникот и тогаш нема да има спокој во душата, туку само немир, ниту ќе може да сфати што е во него и зошто срцето однадвор е во ред, а однатре испраќа чудни импулси. Во таков случај, само телото добива удари. Наспроти ова, чувствителниот и верниот бидува тешко ранет и најмалата грешка ја доживува како голем грев. А доживува и духовно крварење кога немилосрдни луѓе му приоѓаат за да му ги исчистат раните со своите диви канџи.
Топлата љубов на почетокот кон искушеникот, кој има духовни микроби, ќе му штети. Затоа, надворешно студениот однос на старецот на почетокот кон него е најдобра дезинфекција, а ќе ѝ донесе и побожност на душата.
Премногу чувствителниот и ревносниот има голема потреба за љубов од еден претпазлив духовник, за да му ја забави ревноста, така што, не ќе може неочекувано да биде повреден со својата крајна аскеза, како што и планинарите постепено ја освојуваат патеката и така стигнуваат до врвот.
Кога духовникот нема големо искуство, но има многу љубов и смирение, пак може изобилно да му помогне на своето духовно чедо со искуството од поискусните од кои прима совети, а тука е и Божјата благодат која понатаму ја прима заради своето смирение. Незрел монах, кој околу себе собира послушници, само ја покажува гордоста која ја има во својата срж и личи на новороденче кое се раѓа со брада (т. е. на чудовиште). А оние кои го следат очигледно нешто им недостига во главата или срцето.
А на оние, на кои не им се случило (немале можност) да се потчинат на старец, а имале за такво нешто добра волја и покорен дух во себе, и таквите ќе ја добијат изобилно Божјата благодат.
Оние кои не се најдобро духовно ниво, се свештениците кои со студирање на психологија (т. е. со човечка техника) би им помогнале на душите. А чудно е и тоа, што нивните учители, психолозите, не веруваат во Бога, ниту прифаќаат дека постои душа, или, пак, ако го признаат нејзиното постоење, тогаш тоа го прават на свој начин (такви се, речиси, сите). Со таквата практика овие клирици покажуваат дека духовно ослабнале и имаат потреба за светоотечки проверки и откако ќе се исцелат, тогаш ќе можат и самите да расудуваат за својот паднат дух, а паралелно со ова ќе ја запознаат и моќта на божествената благодат, за во иднина да ја употребат за душите кои страдаат.
Кога на човек ќе му се помогне да поверува во Бога и во идниот вечен живот односно, кога ќе ги сфати сите длабочини и смислата на животот и ќе се покае, тогаш тој го менува својот живот и веднаш ја добива божествената утеха со Божјата благодат. Сето ова го менува човекот уништувајќи го и неговото грешно наследство. Тоа им се случило на многумина кои се покајале и усрдно и смирено се бореле. И не само што биле наградени со радост, туку некои од нив станале и светители, и сега побожно ги почитуваме и ги просиме нивните молитви, а знаеме дека некогаш биле полни со страсти и грешно наследство.
На пример, ако преподобен Мојсеј Мурин порано бил разбојник, најкрволочен разбојник со лошо минато, но, штом поверувал во Бога и се покајал, почнал да се подвизува и страстите исчезнале. Ја примил Божјата благодат па дури се удостоил и со пророчки дар. А вo благородноста го надминал и самиот Арсениј Велики, кој бил од една авторитетна фамилија од Рим и имал многу наследни добродетели и високо образование.
Значи, Божјата благодат е сѐ, и на душата може да ѝ помогне само облагодатен духовник, полн со вера и љубов кон душата. Зашто, тој како таков, го познава возвишеното достоинство и призив на душата и може да ѝ помогне во покајанието и ослободувањето од товарот, за така да стигне во рајот. Нема поголема болест во светот од помислите, т. е. кога ѓаволот преку помисли го убедува човекот дека му нема спас. Како што не постои ниту поголем лекар, во такви случаи, од искусен духовник, кој, со својата светост влева доверба и ги оддалечува овие помисли од чувствителните созданија Божји и ги исцелува душите и телата без лекови обезбедувајќи им го рајот.


pravoslavenistocnik.mk

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

Видео содржини

dobrotoljubie

Духовност

Јуни 13, 2025
SV.JOVAN.Kronshtatski

Акатист кон Светиот и праведен отец Св.Јован Кронштадски Чудотворец

Љубављу својом озари нас, грешне и немоћне, удостој нас да принесемо плодове покајања, и да се неосуђено причешћујемо Светим тајнама Христовим. Силом својом веру у нама оснажи, у молитви нас подржи, немоћи и болести исцели, од искушења и непријатеља видљивих…
Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.

Света Троица во Стариот Завет

Јун 30, 2024 Полезно и Потребно 1967
Avraamovo.GOSTOLJUBIE
„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од…

За нафората

Јун 25, 2024 Полезно и Потребно 2252
HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 4497
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Најново од духовност

Православен календар

 

07/10/2025 - вторник

Св. првомаченичка Текла рамноапостолна; Св. Стефан крал српски, првовенчан; Св. Давид; Св. крал Владислав;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светиот Божји пророк Јона  5 октомври/22 септември  2025

Тропар на светиот Божји пророк Јона 5 октомври/22 септември 2025

Јона пророкот Божји денес го прославуваме о, верни, преку него ја видовме милоста Негова,Оној Kој човекот го создаде, Тој &...

Тропар на св. Христов апостол Кодрат  4 октомври/21 септември  2025

Тропар на св. Христов апостол Кодрат 4 октомври/21 септември 2025

Светлината Христова преку тебе о Апостоле Кодрате,го посрами мудрувањето елинско,но гордоста на тие што седат во смртна сенка удри по...

Тропар на св. Христов великомаченик Евстатиј Плакида, неговата жена Теопистија и децата Агапиј и Теопист 3 октомври/20 септември   2025

Тропар на св. Христов великомаченик Евстатиј Плакида, неговата жена Теопистија и децата Агапиј и Теопист 3 октомври/20 септември 2025

Господ вистинската Светлина, ја покажа силата на вистината преку учителотваш Максим, о маченици и исповедници Анастасие и Анастасие.Единиот жив ковчег на благодатта...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная