
Гладни во изобилието
Денешното материјалистичко општество, ова време на конзумеризам и невидлива трка по „повеќе“, е суптилно создадена почва за владеење на човечките страсти. Можеби никогаш досега борбата со нив не била толку мачна, толку исцрпувачка и толку тивко погубна. Велам суптилно – зашто човекот станува несвесен дека најважното во неговиот живот не е она што го поседува, ниту она што го стекнува, туку поврзувањето: најпрво со себе, а потоа и со Бог.
Неспоредливо е тоа дека некогаш се воделе војни, беснееле епидемии и владеела глад. Но денешниот човек умира поинаку: тој умира душевно пред да умре телесно – и токму таа тивка смрт, тој пад без звук, ја прави агонијата уште подлабока.
Не знам кога точно започна времето на потрошувачките општества, ниту верувам дека сè што се појавувало на пазарот било создадено со лоша намера. Напротив – секоја иновација можеби била замислена како помош. Но секој нов продукт – било да е храна или апарат – носел со себе нова навика, нов ритам, нови услови на живеење. Така, малку по малку, животот на човекот стана пасивизиран, парализиран од изобилието на апарати и производи што ја исполнуваат секоја полица, но го празнат срцето.
Се прашувам: кому му е потребно сето тоа?
Мојата баба, за разлика од денешните современи жени, завршила учителска - домаќинска школа. Учела готвење, шиење, рачна работа – и тоа знаење до денес никој не го надминал. Ниту една модерна кулинарска емисија, ниту еден нутриционист не може да ја замени нејзината туршија, нејзиниот ориз, нејзините благи колачи. А имала само еден вид производи, не шеесет! Немала избор меѓу толку видови грав, а сепак вкусот на тој еден го потиснува вкусот на сите илјадници што се појавија потоа. Но, покрај трудот, таа жена имала уште нешто што ние го изгубивме: имала време. Време за мир, за молитва, за семејството – семејство кое во тоа време често било многубројно.
А ние? Ние со нашите расеани умови создаваме поколенија кои се уште похаотични од нас. Искрено – живееме во време на епидемија на ментални болести кај младите. Не знаеме како да ги допреме, како да ги водиме, како да живееме со нив. Тоа е неизбежната нуспојава на материјалистичкото и дигитално општество, кое одамна излезе од контрола.
Човекот не е создаден за ваков начин на постоење. Не му е својствено духот да му трча во сите правци без излез. Не му е својствено да поминува часови заглавен во сообраќај. Не му е својствено да избира до избезумување меѓу стотици бесмислени варијанти на една иста работа. Тоа не е слобода. Тоа не е напредок. Тоа е ропство – тивко, удобно, блескаво, но ропство.
А духот, за да живее, бара едно: простор за молитва, тишина во која ќе го најде местото на срцето, и Бог – Оној за кого е создаден и со Кого ќе живее вечно.
Тој што ќе го сфати ова, го освојува најголемото богатство уште сега: Вечноста. Тогаш човекот ги подредува своите желби и приоритети, го смирува животот, ја расчистува вревата и почнува да Му благодари на Господ што му дозволил да ја вкуси Вечноста уште додека живее на земјата. ♥️
п.с. на сликата мојата баба, мојот татко десно од нејзе, моите тетки, мојот чичко - сеуште живи, сликани неколку години после Втората светска војна за Прочка

fb Simeon Stefkovski
Noemvri 2025


























