Фестивалот ќе се отвори на 29 април со „Сенки“ на Манчевски
о организација на Групата за промоција на македонската култура во Велика Британија „Круг“, од 29 април до 5 мај во Лондон, ќе се одржи првиот Македонски филмски фестивал, јави дописникот на МИА од Лондон.
Во шесте лондонски филмски вечери ќе бидат прикажани неколку играни и документарни филмови на македонските режисери, а фестивалот ќе биде отворен со „Сенки“ на Милчо Манчевски.
Освен ова најново остварување на Манчевски, во следните денови пред лондонската публика ќе се најдат и „Џипси Меџик“ на Столе Попов, „Големата вода“ на Иво Трајков, двата документарни филма „Планетариум“ на Киро Урдин и „До крајот на светот“ на Марина Дојчиновска, како и филмовите „Балканкан“ на Дарко Митревски и „Превртено“ на Игор Иванов - Изи.
Во текот на одржувањето на фестивалот, гледачите ќе имаат можност да видат и неколку филмови од опусот на најстариот жив македонски филмски автор Благоја Дрнков. Фестивалот ќе се одржува во салата на киното „Принц Чарлс“ што се наоѓа во непосредна близина на лондонскиот Лестер Сквер, каде што се лоцирани најголемите и најугледните кино сали во британскиот главен град, во кои по правило се одржуваат светските и британските премиери на филмовите од светската и домашната продукција.
Македонскиот филмски фестивал ќе го отвори амбасадорот на Република Македонија во Британија Марија Ефремова. Основачот на „Круг“ Весна Соколовска, која е и уметнички директор на организацијата, за МИА изјави дека организирањето на еден ваков културен настан во Лондон има за цел не само да ја промовира нашата култура пред Британците, туку и да понуди една поинаква слика за земјата и за нејзините можности и достигнувања во културата.