Подготвил: Милан Ѓорѓевиќ
Извор: http://digitalareopagus.wordpress.com/
Скопје, 26 јули (МИА) - Во Скопје денеска се одбележуваaт 45 години од катастрофалниот земјотрес во кој животот го загубија 1.070 луѓе, а 3.000 беа повредени.
На градските гробишта во Бутел граѓаните се поклонија пред споменикот на жртвите на катострафалниот земјотрес што го погоди главниот град на 26 јули 1963 година.
Делегација од градот, Македонското собрание, Владата, претставници на Армијата и македонската полиција, почесните граѓани на Скопје положија венци и свежо цвеќе за да им одадат почит на жртвите во несреќата. Блиските роднини и пријатели на жртвите на земјотресот кои ги посетија гробиштата и се потсетија на трагичниот ден, кога нивните најмили го загубиле животот.
Програмата за одбележување на земјотресот, која годинава е под мотото „Скопје - 45 години град на солидарноста и меѓународното пријателство“, започна синоќа во Музејот на Град Скопје, со отворање на изложбите „Скопје - солидарност и пријателство“, Донација Јурген Пиплов, Германија и Слики од Курт Нојбауер, Германија.
Одбележувањето ќе заврши вечер на скопската тврдина Кале каде што ќе се одржи свечена академија. Манифестацијата ќе биде отворена мултимедијално, со танцот „Град на имагинацијата“. Потоа ќе им бидат доделени плакети на Лоренс Иглберг и Кристофер Хил од САД, Торвалт Столтенберг од Норвешка и Вернер Трини од Германија, четворицата нови почесни граѓани на Град Скопје.
Во Домот на АРМ, традиционално се спроведува и крводарителската акција на „Црвениот крст“ на Скопје.
Катастрофалниот земјотрес се случи на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 мунити, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Скопскиот земјотрес се почувствува на простор од околу 50.000 квадратни километри. Од потресот беа урнати 15.800 станови, а оштетени беа 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над глава.
Од трагедијата на Скопје целиот свет беше возбуден и ангажиран. Меѓународниот Црвен крст упати апел до сите национални организации да организираат исхрана за скопските деца. Интерпарламентарната унија упати препорака до сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот. Хуманитарните организации во многу земји пристапија кон собирање помош за Скопје. Така Скопје стана град на меѓународна солидарност.
Обединетите нации веднаш по катастрофата презедоа активности за плански и долгорочно да му се помогне на разурнатиот град. Во времето кога екипи стручњаци на ОН почнаа да пристигаат во Скопје, во седиштето на меѓународната организација беше речено дека Скопје ќе биде споменик на човечката солидарност. На 23 септември 1963 година 35 земји побараа Генералното собрание да стави на дневен ред од своето заседание точка за преземање мерки по повод земјотресот во Скопје. По четири дена, на 27 септември, Генералното собрание и даде приоритет на меѓународната акција за давање помош на Скопје.
На 14 октомври, по двочасовна дискусија, Генералното собрание на Обединетите нации едногласно усвои Резолуција за давање помош на југословенската влада при реконструкцијата на Скопје. Во Резолуцијата се изразува жалење по повод големата катастрофа. Во дебатата за давање помош на Скопје, Генералното собрание го ислуша излагањето на претставници од над 20 земји од сите континенти. Тој ден остана во аналите на Обединетите нации како ден на Скопје.
Во својата долга историја, градот повеќе пати пропаѓал и одново се раѓал. На просторот меѓу селата Злокуќани и Бардовци постоел град Скупи, метропола на провинцијата Дарданија. Овој римски град во 518 година бил наполно разурнат од земјотрес. Тогаш во провинцијата Дарданија биле урнати 24 градски тврдини. Јачината на овој земјотрес изнесувала 10 - 11 степени. Катастрофалниот земјотрес наполно го уништил Скупи. За време на потресот биле создадени многу пукнатини во земјиштето. Од околните ридови се урнале големи маси карпи. Скопје потоа бил изграден на денешното место.
И новиот град не бил поштеден од сеизмички појави. Наредниот катастрофален земјотрес се случил во 1555 година. Неговата јачина изнесувала околу 10 степени, по што градот вторпат бил разурнат.
Последното трето големо катастрофално разурнување на Скопје се случи пред точно 45 години, утрината на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минути. вј/ев/13:57
--------------------------------------------------------------------------------
Скопје, 24 јули (МИА) - Севкупната безбедност во светот е одговорност на секој негов поединец. Мирот не е траен и за него треба да се ангажираме индивидуално и институционално. Тоа е еден заклучоците на трибината „Од култура на насилство кон култура на мир: Трансформирање на човековиот дух“ што денеска во Мала станица ја организираа НВО Цивил, УНДП и Мисијата на ОБСЕ во Македонија.
- Мирот го правиме сите ние, со секој збор и постапка. Мирот треба да биде сон на сите, рече Владимир Милчин, извршен директор на Фондацијата Институт отворено општество - Македонија и додаде дека е погубна стратегијата да се молчи пред насилството со илузија дека така ќе се зачува мирот.
Злата Николиќ, педагог од предучилишната установа „Раде Јовчевски Корчагин“ рече дека мирот или насилството се во карактерот и дека за вистински развој на личноста клучни се првите седум години од животот. - Внатрешната трансформација на личноста ги решава проблемите во општеството. Тоа е тежок, но достижен процес, рече Николиќ.
Според неа, воспитно-образовниот процес е банка на едно општество, но дека образованието без воспитување прави неоформени личности, со недостатоци во карактерите. Против девијантно однесување и за всадување на доблесните особини таа препорачува воведување етика во најраната возраст. Таков проект бил применет во градинката каде што работи, траел две години и дал успешни резултати.
Илир Ајдини, потпретседател на Советот за радиодифузија, се осврна од аспект на заштитата на публиката од содржини во медиумите кои промовираат насилство. Советот донел правилник за категоризација на програми, а законот предвидува санкции за непочитување. - Тоа ќе биде еден од сегментите за оценување дали медиумите и натаму може да ја вршат дејноста за емитување, рече Ајдини. Медиумите имаат силно влијание за мотивирање на луѓето на насилство. Во прашање е и нивната етичност зашто неретко на телевизиите се прикажуваат луѓе снимени во нивната најголема болка. Пласирањето негативни информации ги фрустрира луѓето, сметаат учесниците.
Дискусијата беше придружен настан на патувачката изложба на фотографии „Од култура на насилство кон култура на мир: Трансформирање на човековиот дух“, која од завчеравечер е отворена во Мала станица. Изложбата, организирана од Мисијата на ОБСЕ и Обединетите нации, го третира проблемот со атомското оружје низ призмата на безбедноста на човекот. Создадена од Сока Гакаи Интернационал (СГИ) глобално будистичко движење, што промовира мир, култура и ненасилство, изложбата ќе гостува во 30 земји. Во Скопје ќе биде отворена до 3 август. хс/дма/12:49
Апокрифна литература
Блесок бр. 27,
Добрила Миловска
Апокрифните текстови водат потекло од старата еврејска религиозна литература во која со нив се означувале тајни книги кои обработувале иста тематика како и старозаветните книги. Во вториот век п.н.е. тие текстови, заедно со другите еврејски старозаветни книги биле преведени на грчки јазик и заради тоа што биле сметани како еден вид тајни, скриени книги, го добиле името апокрифи /од грчкиот збор апокрифос – скриен, таинствен/. Првите христијани ги презеле апокрифите од тие грчки преводи и оттогаш тие почнале да играат важна улога во христијанската литература. Тие што живееле во првите векови од христијанството многу се интересирале за некои од поважните личности и настани од старозаветната историја за да можат да научат многу повеќе детаљи отколку што можеле да најдат во текстот на Библијата. Оттаму во тоа време многу се распространувале анонимните апокрифни текстови кои со многу фантазија ги преработувале и проширувале библиските легенди. Паралелно со старозаветните се појавиле апокрифни текстови кои на ист начин ги разработувале настаните и личностите од Новиот завет. Особено голема била потребата од вториот вид апокрифи кои содржеле многу неразбирливи и апстрактни места, многи симболи и алегории и кои не биле многу достапни до широките народни маси. Пишувачите на тие старозаветни и новозаветни апокрифи останале анонимни, а понекогаш се случувало тие за да им дадат поголем авторитет на текстовите ги потпишувале со имиња на најстарите христијански писатели, со имињата на некои апостоли и нивните ученици. (Повеќе)