Наслов: Архангел со златна коса
Датира: 12 век, Новгород, Русија
Автор: непознат
Значење: длабокоемотивен приказ, нетипичен за строгите канони
Иконата на архангелот Гаврил или „Архангелот со златна коса“ од Новгород, која датира од 12 век, е една од највеличествените во руската иконографија. Ликот е насликан со многу емоции од непознат мајстор, кој одлично ги познавал византиската уметност и техниката на ликовно создавање. Карактеристична е по големата емотивност, нетипична за византиските средновековни канони на уметноста. Икона на архангелот Гаврил денес се наоѓа во државниот Руски музеј во Санкт Петербург.
Иконата го добила името по златните бои што сликарот ги употребил да ја наслика косата на ангелот. Ова ремек-дело е исклучителен пример на Киевската уметничка школа. Композицијата е многу едноставна. Ништо не го одвраќа гледачот од контемплацијата на убавото лице на ангелот и неговиот фиксиран поглед. Иконата е изработена во класичен киевски стил, има монументален квалитет на композицијата, боите се придушени и се чувствува неверојатно силна врска на ангелот со уметноста на антиката. Се претпоставува дека ангелот го насликал голем мајстор, уметник од Константинопол или некој од талентираните руски иконописци.
Очите на ангелот се меки и гледаат длабоко во минатото на посматрачот. Има многу тага и сожалување во неговите очи, кои како да упатуваат на силната желба за ослободување од болката на верниците. Неговиот непристрасен поглед ги потсетува верниците дека вечен живот им е сигурен само на оние што страдаат за Христос и му остануваат верни и покрај многуте искушенија.
Сенките под неговите очи и ококорениот поглед се слични на погребните портретите на најстарите икони насликани во манастирот „Света Катерина“ во планината Синај.
Величествената икона од рускиот музеј е една од најубавите во руската иконографија. Ликот на ангелот е насликан со многу емоции, а неговиот спиритуален призвук е микс на сензуален шарм и длабока тага, оценува критиката.
Извор: Новамакедонија