ОХРИД - Куќата на Уранија е еден од најубавите примероци на старата градска архитектура во Охрид и ќе биде конструирана до крајот на идното лето. Во неа, како што вчера најавија, претседателот на МАНУ, академик Георги Старделов, и потпретседателот на Владата задолжен за евроинтеграции, Ивица Боцевски, ќе се отвори клон на МАНУ и ќе се поведе иницијатива во неа да се формира центар на академиите на земјите од Балканот.
„Со отворањето на центарот на балканските академии на Охрид ќе му го вратиме сјајот на најразвиен културен и духовен центар на Балканот зошто не случајно се нарекува втор Ерусалим. Убедени сме дека оваа идеја ќе биде прифатена и тука ќе ја формираме најбогатата научна база посветена на средниот век на Балканот“, рече претседателот на МАНУ, академик Георги Старделов.
Куќата на Уранија до пред неколку години ја користеше Заводот за заштита на спомениците и музеј од Охрид, а пред две години Владата и' го врати на МАНУ. Вицепремиерот Ивица Боцевски рече дека проектот за реконструкција е готов, средствата се обезбедени и дека работите ќе бидат завршени за една година. Реконструкцијата, според директорката на Охридскиот завод и музеј, Тања Паскали Бундашевска, ќе биде специфичен зафат зошто ќе се урне делот што е над камените темели, а потоа ќе се надгради при што ќе биде задржан автентичниот изглед нешто слично што е направено со куќата на Робевци што се наоѓа во непосредна близина.
„Со МАНУ, покрај овој, договоривме уште неколку крупни проекти каде што ќе соработуваме во геостратегиските истражувања и формирањето на електронска база на податоци поврзани со проектите на МАНУ. Побаравме нивна помош и во процесите на хармонизирање на нашето со европското законодавство“, рече потпретседателот на Владата, Ивица Боцевски. Заеднички, како што рече тој, ќе покренат широка кампања за запирање на процесот на одлив на млади научни кадри кои се' почесто одат во светот. (С.И.)
Извор: Утрински весник