Навигацијата и позиционирањето стануваат значајни во се поголем број активности од животот на човекот, а ГПС (џипиес) е еден од водечките системи за таа намена. Тоа е систем за глобално позиционирање со кој во секое време и во кои било временски услови може да се одреди положбата на корисникот, да се сними неговото движење или да се движи по претходно снимена патека.
Тоа е овозможено со помош на 24 сателити, кои кружат околу Земјата и испраќаат сигнал до ГПС-уредите. На Земјата има и контролни станици за позицијата на сателитите - главната во близината на Колорадо Спрингс, САД, и пет помошни на различни локации.
Системот првобитно е конструиран за потребите на американската арамија. Првиот сателит е ланисиран во 1978 година и до 2000 година се употребува само за воени цели.
Лоцирањето е точно со отстапки од 0 до 15 метри, во зависност од типот на уредот, условите на теренот и од распоредот на сателитите во дадениот момент. За зголемување на точноста се воведуваат базни станици, со чија помош отстапките се намалуваат до 1 сантиметар.
КАКО ФУНКЦИОНИРА ГПС
Овој уред всушност е приемник за податоците на сателитите за положбата во просторот. Според намената и опциите ГПС-уредите се делат на основни и на специјални. Најскапите имаат сопствен софтвер со интегрирани картички, кои функционираат самостојно. Пред да се излезе на терен треба да се направат основните штелувања - на координатниот систем, Земјината проекција, хоризонталните координати, вертикалната елевација, текстуален дел... Во зависност од стандардите и од вообичаената практика, се штелуваат основите параметри за координатниот систем (геодетски, математички), мерните единици и друго.
ШИРОКА ПРИМЕНА
Во секојдневниот живот ГПС-уредите имаат се поголема примена во комерцијалната, поморската и автомобилската навигација, па дури и во планинарството и ловот. Апаратите може да бидат фиксирани во возила - автомобил, велосипед, авион, брод. Уредите имаат голема примена во некомерцијалните рекреативни активности (планинарење, лов), системот се користи да го позиционира корисникот во просторот во какви било временски или релјефни услови на теренот. Употребата е многу едноставна - внесувате координати и ги добивате правецот, растојанието, разликата во надморските височини и другите елементи на рутата. Слично работат и ГПС-уредите фиксирани во автомобилите, во авионите или во бродовите. Тие се дополнети со специјален софтвер на кој се надоврзани и многу автокарти. Со тоа во голема мера се олеснува навигацијата на патиштата, каде што уредот ја покажува позицијата на возилото и може да дава солуции каде да се движи автомобилот. Освен тоа, апаратот ја пресметува и најкратката патека по која може да се стигне до посакуваната цел. Во светот постојат агенции што вршат мониторинг на возилата, кои го поседуваат овој систем на навигација и ако превозното средство е украдено или загубено, може многу лесно да се лоцира.
АВЛ-СИСТЕМ
ГПС-системот овозможи развој на една сосема нова гранка во индустријата - таканаречениот АВЛ-систем (Аутоматиц Вехицле Лоцатион) односно систем за автоматско лоцирање возила. АВЛ-системот ги опфаќа сите пет категории на примена на ГПС и се состои од два дела - уреди што се вградуваат во возилото и контролно-оперативен центар за нивно следење.
Корисникот на АВЛ-системот може да ја дознае местоположбата на своето возило ако го вози негов познаник или ако му е украдено. Може да ја одреди најблиската и најбрза патека на движење од местото каде што се наоѓа до местото каде што сака да стигне, да го следи моменталниот правец на движење на некое возило или, пак, да ја дознае патеката на движење на возилото од претходните денови, да ги следи вредностите на одредени параметри во возилото на далечина (гориво, температура на моторот итн.), со одредени команди преку својот мобилен телефон или од контролно-оперативниот центар да управува со одредени функции во возилото.
Извор: Нова Македонија
Посети: {moshits}