Скопје, 26 јули (МИА) - Во Скопје денеска се одбележуваaт 45 години од катастрофалниот земјотрес во кој животот го загубија 1.070 луѓе, а 3.000 беа повредени.
На градските гробишта во Бутел граѓаните се поклонија пред споменикот на жртвите на катострафалниот земјотрес што го погоди главниот град на 26 јули 1963 година.
Делегација од градот, Македонското собрание, Владата, претставници на Армијата и македонската полиција, почесните граѓани на Скопје положија венци и свежо цвеќе за да им одадат почит на жртвите во несреќата. Блиските роднини и пријатели на жртвите на земјотресот кои ги посетија гробиштата и се потсетија на трагичниот ден, кога нивните најмили го загубиле животот.
Програмата за одбележување на земјотресот, која годинава е под мотото „Скопје - 45 години град на солидарноста и меѓународното пријателство“, започна синоќа во Музејот на Град Скопје, со отворање на изложбите „Скопје - солидарност и пријателство“, Донација Јурген Пиплов, Германија и Слики од Курт Нојбауер, Германија.
Одбележувањето ќе заврши вечер на скопската тврдина Кале каде што ќе се одржи свечена академија. Манифестацијата ќе биде отворена мултимедијално, со танцот „Град на имагинацијата“. Потоа ќе им бидат доделени плакети на Лоренс Иглберг и Кристофер Хил од САД, Торвалт Столтенберг од Норвешка и Вернер Трини од Германија, четворицата нови почесни граѓани на Град Скопје.
Во Домот на АРМ, традиционално се спроведува и крводарителската акција на „Црвениот крст“ на Скопје.
Катастрофалниот земјотрес се случи на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 мунити, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Скопскиот земјотрес се почувствува на простор од околу 50.000 квадратни километри. Од потресот беа урнати 15.800 станови, а оштетени беа 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над глава.
Од трагедијата на Скопје целиот свет беше возбуден и ангажиран. Меѓународниот Црвен крст упати апел до сите национални организации да организираат исхрана за скопските деца. Интерпарламентарната унија упати препорака до сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот. Хуманитарните организации во многу земји пристапија кон собирање помош за Скопје. Така Скопје стана град на меѓународна солидарност.
Обединетите нации веднаш по катастрофата презедоа активности за плански и долгорочно да му се помогне на разурнатиот град. Во времето кога екипи стручњаци на ОН почнаа да пристигаат во Скопје, во седиштето на меѓународната организација беше речено дека Скопје ќе биде споменик на човечката солидарност. На 23 септември 1963 година 35 земји побараа Генералното собрание да стави на дневен ред од своето заседание точка за преземање мерки по повод земјотресот во Скопје. По четири дена, на 27 септември, Генералното собрание и даде приоритет на меѓународната акција за давање помош на Скопје.
На 14 октомври, по двочасовна дискусија, Генералното собрание на Обединетите нации едногласно усвои Резолуција за давање помош на југословенската влада при реконструкцијата на Скопје. Во Резолуцијата се изразува жалење по повод големата катастрофа. Во дебатата за давање помош на Скопје, Генералното собрание го ислуша излагањето на претставници од над 20 земји од сите континенти. Тој ден остана во аналите на Обединетите нации како ден на Скопје.
Во својата долга историја, градот повеќе пати пропаѓал и одново се раѓал. На просторот меѓу селата Злокуќани и Бардовци постоел град Скупи, метропола на провинцијата Дарданија. Овој римски град во 518 година бил наполно разурнат од земјотрес. Тогаш во провинцијата Дарданија биле урнати 24 градски тврдини. Јачината на овој земјотрес изнесувала 10 - 11 степени. Катастрофалниот земјотрес наполно го уништил Скупи. За време на потресот биле создадени многу пукнатини во земјиштето. Од околните ридови се урнале големи маси карпи. Скопје потоа бил изграден на денешното место.
И новиот град не бил поштеден од сеизмички појави. Наредниот катастрофален земјотрес се случил во 1555 година. Неговата јачина изнесувала околу 10 степени, по што градот вторпат бил разурнат.
Последното трето големо катастрофално разурнување на Скопје се случи пред точно 45 години, утрината на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минути. вј/ев/13:57