ВО ОХРИД
Почнува изградбата на Музејот на вода
Музејот на вода во Градиште ќе претставува туристичка атракција за нас и странците кои ќе можат да ја видат цивилизацијата на овие простори од илјадници години наназад, рече премиерот Никола Груевски, вчера, во Охрид на поставувањето на камен-темелникот на Наколната населба од бронзеното време која датира од 1200 до 600 година пне. Груевски истакна дека Владата работи на иднината, но сепак, како што рече, нашата сила и моќ е во минатото и тоа мора да се негува затоа што така расте нашата вредност. "Македонија е древна земја и има што да покаже пред светот", рече Груевски.
Според директорот на Дирекцијата за заштита на културното наследство, Паско Кузман ова претставува враќање на праисторијата во денешно време. Тој рече дека во изминативе осум години се вршени истражувања на дното на Охридското Езеро, а во чест на претседателот на нуркачкиот клуб од Охрид, Милутин Секулоски Мичо, ова место е наречено Мичов град.
- Граѓаните ќе имаат прилика да шетаат низ времињата од праисториско до римско време, од Музејот на вода до римскиот логор откриен во непосредна близина, рече Кузман.
Инаку, предвидена е изградба на пристапен објект каде ќе се продаваат билети и сувенири, а Музејот на вода ќе биде поставен на платформа поврзана со мост во должина од 15 метри. Предвидено е на платформата, која ќе стои на 900 дрвени колци, да се изградат 7-8 куќарки. Целиот проект се планира да заврши до 8 декември, а ќе чини околу два милиони евра, обезбедени од буџетот на Република Македонија.
Посети: {moshits}