ПРО
Вангел Божиновски, архитект
Уште кога првпат се појави идејата, го дадов моето мислење и не сум го променил. Таков објект е неопходен за плоштадот „Македонија“ и тој е вистинската локација за неговата изградба. Ние, како Сојуз на архитекти, таа идеја ја предлагаме од поодамна, можеби уште пред десет години. Издигнувањето на таков објект би било репрезент на македонската историја, култура и цивилизација, секако, ако се одбере навистина квалитетно идејно решение. Само така ќе добиеме вистински плоштад „Македонија“. Сега тој не го заслужува тоа име, затоа што нема ниту едно обележје со кое ќе го оправда, освен Камени мост, кој сепак е спуштен подолу и не доминира во просторот. Изградбата на црквата не ја гледам како изградба на верски објект, туку како симбол на нашиот идентитет.
Не верувам во тврдењата дека изградбата на тој храм ќе ги наруши предвидените сообраќајни решенија. Јас, бидејќи учествував на конкурсот, го испитував местото и дојдов до таков заклучок. Тоа се само измислени приказни на некој совет што го формирал градоначалникот Трифун Костовски. Ако градот планира да прави подземна сообраќајница, попрактично е да ја направи покрај кејот на Вардар, каде што и онака нема објекти, па ништо нема да и пречи. Таквите тврдења ги сметам само како проблеми со суетата или, пак, детски болести, и тие се недозволиви кога се дискутира за толку важно прашање, како што е изградбата на црквата на плоштадот.
КОНТРА
Мирослав Грчев, архитект
Црквата на плоштадот „Македонија“ не само што не е потребна, туку таа е спротивна на сите урбанистички стандарди, како и на амбиенталните, градските и на естетските норми. Едноставно, нема место за таков објект на плоштадот. Тој е оформен со правци и со улици што се слеваат во него и во ниту една цивилизација не се користи како градежно земјиште на кое што допрва ќе се градат нови објекти. Со црквата, всушност, ќе се затне доминантната улица што се влева во плоштадот. На тоа место се вкрстуваат историската оска на Скопје, од Старата железничка станица кон Камени мост, како и новата оска што ја креираше Кензо Танге, преку Градскиот трговски центар кон Новата железничка станица. Тој воспостави нови, современи концепти што треба да се надградуваат.
Одлуката да се гради црква е потполно непромислена, надвор од секаква стручна процедура и е автархична, адхок-одлука. Тие што ја донеле го третираат плоштадот само како празен простор, слично како што се правело во цивилизациските сломови. Такви примери имало во минатото, кога некоја голема цивилизација ќе паднела, па нејзината територија ќе ја населело селско население што ги третирало камењата од славните храмови само како материјал за изградба на обични објекти среде плоштадите, без никаков ред.