"... Денес Христос во Јордан ја потопува човечката нечистотија и го измива од нас прадедовскиот грев; денес се осветува природата на водата со крштението на Господа; денес Светиот Дух слезе од небесата во вид на гулаб, и на Јован Претеча му покажа да Го познае Создателот на секоја твар и Господ; денес Бог Отец невидливо говори: 'Овој е Мојот возљубен Син, Него послушајте Го'.
Ѓакон Дејан Трајков
„А што правам не знам; бидејќи
не го вршам она што сакам,
туку она, што го мразам,
тоа го правам.”
„Оти не доброто, кое го сакам,
го правам, туку злото, што не го сакам,
го вршам” (Рим. 7,15, 19)
Не случајно почетокот на овој текст го започнав токму со овие цитати од светото Евангелие, бидејќи сижето на овој труд ќе се потпира околу овие зборови на апостол Павле, кои претставуваат вистински поттик за расмислување на оваа тема.
Факт е дека злото постои во човекот, во народите и во човековата историја. Тоа се манифестирало и сé уште се манифестира на различни начини, често сокриени и тешки за откривање. За мене останува единственото и секогаш актуелно прашање, на кое човек може и мора да одговори: како да се однесуваме кон видливата и невидливата борба на доброто и злото во нас и во светот? Најчестите одговори на луѓето, па и на народите низ историјата ги знаеме и тие гласат: зарем сум јас чувар на својот брат; дајте ми леб, а еве ви ја слободата со која не знам како да постапувам; некој друг веќе води борба за мене, тоа се мојот татко и мајка, шефот на државата во кој имам доверба, ангелите на небото итн.; и да водам борба против злото, не ми помага многу, бидејќи некој друг, посилен од мене, ќе одлучи што ќе биде со мене; не постои ниту добро ниту зло, а и ако постои, релативни се поимите кои секоја религија или световна власт ги проценува според своето гледиште и своја корист.
Посебно времето во кое живееме денес налага еден посериозен пристап кон ова прашање, време во кое слободната волја на човекот доаѓа до полн израз, време во кое, според многумина, злото во својот раст го достигнува својот максимум, време во кое доаѓаме до една состојба на различно поимање на злото.
Злото – лишеност од битие
Во самиот вовед на овој текст може да се претпостави постоење на едно спротивно начело на доброто, а тоа е злото. Но може да се каже дека прашањето не е правилно поставено, затоа што во него се претпоставува дека злото е „нешто”. Кога е проблемот вака поставен, наклонети сме да го прифатиме злото како некаква суштина, „зло начело”. Тогаш вселената е еден вид „ничија зона” помеѓу добриот и злиот бог, а сета нејзина разноликост и богатство е само игра помеѓу овие две начела.
Кон крајот на ИИИ век на исток се појавило манихејството, ерес која претставува една мешавина од христијанското учење и Зороастровата религија. Инаку, според учењето на манихејството, се вели дека „од вечноста суштествуваат две еднакви супстанци или Бог со свои одделни царства: светлина и темнина, Ормазд и Ахриман, со многубројни еони. Богот на светлината е добар, сé исполнува со светлина како благодетното сонце; а Богот на темнината – на материјалната природа и на злото – тоа е сатаната со своите демони”. Според учењето на манихејството, во човекот има две души – светла и зла душа. Целта на создавањето на Ева е за да го намами Адам и да ја зароби во него светлата природа. Веќе првото зачнување бил и првиот грев, а престапувањето на заповедта да јадат од дрвото на познанието на доброто и злото произлегувало од добриот Бог. Човекот кога греши, не греши тој, туку телото кое господари над него. Душата на човекот не можела да се ослободи од гревовното тело, па затоа Христос, кој е светлата душа, страдајќи привидно ги поучувал алостолите и израелскиот народ како да се ослободат од материјата. Но бидејќи тие не ја разбрале Христовата порака, Христос ветил дека ќе испрати утешител и тоа се остварило во лицето на Манес. Потоа, според учењето на Манес, „совршените, ослободените од материјалните вериги, преминуваат најнапред на сонцето и месечината, потоа во соодветниот простор и најчистото царство на светлината. Останатите треба да талкаат од едно тело во друго, во растенијата и животните. Со завршувањето на очистителниот процес, сето видливо создание ќе биде уништено со оган.”
Од крајот на ИИИ век сé до блажени Августин, отците ревносно се бореле против манихејството, но во таа борба се користеле со философски категории чија поставка ги водела малку понастрана од самиот проблем. За отците, злото е недостаток, порок, несовршенство; не природа, туку тоа што и’ недостига на природата за да биде совршена. Од аспект на постоењето, отците сметаат дека злото не постои, дека тоа е само лишеност од битие. Тој одговор беше достатен за побивање на манихејците, но тој е немоќен пред реалноста на злото што сите ја чувствуваме, пред злото што е присутно и што дејствува во светот. И, ако последната прозба од Господовата молитва може да се протолкува, од философски аспект, со „избави нé од злото”, тогаш, како извик на нашата конкретна тревога, секако, останува обликот „избави нé од злиот” – од „лукавиот”.
Од христијанска перспектива, проблемот на злото се сведува на проблемот на „лукавиот”. А, „лукавиот” не е отсуство на битие, не е недостаток на постоење; тој, исто така, како лукав, не е суштина; бидејќи неговата природа, создадена од Бога, е добра. „Лукавиот” е личност, „некој”.
Отците на црквата правилно заклучуваат дека за злото нема местомеѓу суштините, односно злото не е природа, туку состојба на природата, што значи дека тоа не е само „недостаток”, туку во него има и активност. „Според тоа, злото е слично на болеста, слично на паразитот што постои само за сметка на онаа природа врз која паразитира. Поточно, злото е определена состојба на волјата на таа природа; тоа е лажна волја во односот кон Бога. Злото е бунт против Бога, т. е. лична позиција. Така, злото не се однесува на суштинската перспектива, туку на личносната. „Светот лежи во зло, вели св. Јован Богослов, злото е состојба во која престојува природата на личните суштества, кои се одвратија од Бога”.
Етичката страна на манифестацијата на злото
Низ вековите кои се зад нас има многу мислители што создале свои системи во врска со етичките проблеми. Едни од нив меѓусебно се дополнувале, други пак си противречеле, а имало и доста такви што се негирале едни со други. Најчеста појава е втората, односно последниот да ги критикува оние пред него, и така се создавале нови етички системи на поинакви начела. Но заедничко за сите е тоа што секој философ си поставувал еден врвен морален идеал, како и што си определувал едно основно движечко начело на човековото дејствување за постигнување на идеалот. Што е добро, постои ли врвно такво, што е добродетел, каков живот е најдобар за човекот да одговори на своето назначување итн., тоа се прашањата што најчесто се третираат во овие системи. Почетокот на злото има корен во слободата на созданието. Ете зошто тоа не може да се прости. Злото се раѓа исклучиво од слободата на суштеството што го прави. „Злото не е; или, поточно, тоа е само во оној момент додека се врши”, пишува Дијадох Фотикиски, а св. Григориј Ниски ја истакнува парадоксалноста на оној што му се потчинува на злото; тој постои во непостоечкото.
Значи, човекот му даде на злото место во својата волја и го воведе во светот. Навистина, човекот, по природа расположен кон познавањето на Бога и љубовта кон Него, го одбра злото затоа што тоа му беше поткажано. Во тоа е целата улога на змијата. Злото во човекот, а преку него и во земниот космос е „заразно”, бидејќи ништо не се случува по автоматизам. Тоа можеше да се шири само со согласност на човековата волја, така што човекот се согласи на тоа злото да господари над него. Преку првородниот грев, волјата на нашите прародители е повредена, изопачена, оштетена и ослабена. Таа станала зла и гревољубива, и затоа повеќе наклонета кон зло отколку кон добро, повеќе кон лага отколку кон вистина. Своите желби во поголем дел ги насочува во кругот на гревовното и смртното. Веднаш по падот, давајќи одговор пред Бога за својот грев, место да се покајат и поправат, прародителите се служат со измама заради оправдание, окривувајќи се еден со друг. Ева ја фрла вината врз змијата, Адам врз Ева, па дури и врз Бога кој му ја дал Ева (1. Мој. 3, 12 и 13). Прародителите со падот ја изгубиле светоста, станале зли, паднале во порочни мисли и ѓаволот во нивната природа го утврдил законот на гревот (Рим. 7, 15).
Одвреме навреме се раѓа прашањето: Господи зошто нé создаде вака да мора да поминеме низ толку страданија? Св. Василиј Велики состојбата на огревовеност на човековата душа ја опишува на ваков сликовит начин: „Како што во еден дом едниот сад е златен, вториот е сребрен, третиот е глинен, а четвртиот е дрвен, така и од волјата на секој од нас зависи сличноста со оваа или онаа материја. Човек чист во срцето и нелукав е – златен сад, понизок од него во достоинствата е – сребрениот сад, оној што мудрува овоземно и е кршлив е – глинен сад, а оној што удобно се осквернува со гревот и станува храна за вечниот оган е – дрвен сад.” Некогаш и Адам бил горе, не со местоположбата туку со волјата. Тој бил горе кога, стекнувајќи ја душата, го погледнал небото, се восхитил од виденото и го возљубил добродетелот кој му ја подарил насладата на вечниот живот, кој го поставил меѓу утешенијата на рајот и му дал власт слична на ангелите, го направил сличножител со архангелите и слушател на Божјиот глас. Со сето тоа, наоѓајќи се под закрилата на Бога и насладувајќи се од Неговите блага, тој наскоро се заситил и, како наткршен од заситувањето, на умствената убавина и’ го претпоставил она што му се причинило пракрасно за телесните очи. Полнењето на стомакот го ставил над духовната наслада. Наскоро тој се нашол надвор од рајот, надвор од оној блажен живот, правејќи се зол не поради неопходноста, туку поради недостаток на разум. Затоа тој, како што згрешил поради лошата волја, така и умрел поради гревот. „Оти платата што ја дава гревот е смрт“ (Рим. 6, 23).
Понатаму св. Василиј Велики заклучува: „значи, научен на ова од Бога и имајќи претстава за различните видови зла, поточно, знаејќи што е вистинско зло – имено, гревот, чиј крај е смртта, и што е привидно зло – зло болно за сетилата, но таква што ја поседува силата на доброто, како што се, на пример, страдањата пратени за зауздување на гревот, а чиј плод е спасението на душата – престани да се огорчуваш од повелбите на Божјиот домострој и воопшто не сметај го Бога за виновен за постоењето на злото, и немој да си замислуваш дека злото има некоја своја посебна самостојност. Зашто лукавството не е самостојно и не наликува на некакво си животно, оттаму не треба неговата суштина да ја замислуваме како самостојна. Злото е лишување од доброто. Создадено е окото, а слепилото настанува од загубата на окото. Затоа, ако окото поради својата природа не би било подложно на расипување, слепилото не би можело да постои. Така злото не постои самото по себе, туку се појавува при повредите на душата. Тоа не е неродено – како што велат нечестивите, кои лукавата природа ја сметаат за еднаква со добрата, признавајќи го и едното и другото за беспочетно и за повисоко од раѓањето. Но, тоа не е ниту родено, зашто ако сé е од Бога, тогаш како може злото да биде од доброто? Грдото не е од прекрасното, ниту, пак, е порокот од добродетелта. Прочитај ја историјата за создавањето на светот и таму ќе го најдеш следново: „И виде Бог дека е многу добро сето она што го беше создал” (1. Мој. 1, 31). Злото не е создадено заедно со доброто. Умственото создание, создадено од Создателот, не е приведено во битие со еден дел на лукавство во него. Па така, ако телесните созданија го немаат во себе злото од мигот на нивното создавање, тогаш како би можеле умствените созданија, кои толку се одликуваат со чистота и светост, да имаат самостојност заедничка со злото?
Достоевски одлучно ги отфрлувал сите оние лажни учења во однос на кои злото е задолжителен услов за постоење на добро. Така, на пример, се тврди дека злото е нужен момент во хармониската целина, како што дисонанцата е нужна за убавината на едно музичко дело. Тој не се сложува ниту со тврдењето дека злото е нужно, дека тоа е услов за познание на доброто. И поради што да се спознае тоа ѓаволско добро и зло кога тоа толку скапо чини? – се прашува Иван Карамазов. Поради тоа повторно се наметнува прашањето: како мојот семожен и преблаг Бог можел да допушти постоење на толку и такво зло во светот. Меѓутоа, Бог не е творец на злото. Но, кој е тогаш виновник? Одговорот што го понудил Достоевски сосем е јасен, барем во границите на човечките можности да се одговори на такво прашање. Достоевски посебно бил против учењата кои објаснувале дека злото во светот е последица на несовршени односи во општествената средина – во несовршеноста на општественото уредување. Христијанството на човекот му наметнува одговорност, бидејќи човекот е создаден како слободно битие, па со оглед на тоа – морално е одговорен за своите постапки. Ако човекот го набљудуваме како битие кое е зависно од општественото уредување, тогаш ќе го сведеме на она најниското – човек нема цигари, нема пари да купи и – убива друг човек за да дојде до пари! И така, човекот е слободно битие; ништо не го спречува да постапува лошо, и кога човек ќе скршне од патот на доброто и ќе тргне по патот на злото, тој страда, но нема право да ја префрла вината на друг, на Бога, на општествениот систем.
Антропологијата го поставува проблемот на злото. За Берѓаев не Бог, туку човекот е тој кој сам на себе не може да си го прости своето отпадништво. Оставен на себе, тој е немоќен и го бара Спасителот за да може ништавилото да му го врати на ништавилото, како би го уништил злото и гревот. Меѓу врховните духовни битија, меѓу ангелите, слободата прв пат негативно одговорила на повикот на Бога. Сатаната не бил извор на злото. Тој пројавил една ирационална слобода и остварил избор против Бога. За атеистите, постоењето на злото претставува доказ против постоењето на Бога. За Берѓаев, меѓутоа, работите стојат обратно: повеќе од реално постоењето на злото и страдањето на невините се врвен доказ за постоењето на Бога. Светот што го убива праведниот Сократ и го распнува Христа не е единствен, ниту вистинит свет. Тој сведочи за постоење на еден друг свет, каде што Сократ е повторно млад и вечно убав, и каде Христос е Цар кој со ниеден друг не ја дели власта – Пријател на луѓето. Но и овој наш свет е неопходен, за оној другиот да не би бил автоматизиран свет без слобода. Сепак, доброто не е условено со злото. Злото не е оправдано како пат кон доброто. Искуството со злото говори против него самото, му ја симнува маската, го открива како небитие, фантом и паразит. Злото само по себе не го збогатува животот, туку го осиромашува. Но, по падот, секоја победа над злото претставува чекор напред, кон искуство со доброто.
Навистина, како да се објасни појавата на злото во светот што е создаден од Бога, во она видување според кое создаденото е добро по својата суштина? Дури и кога ја имаме предвид даруваната човекова слобода да и’ се противи на божествената замисла, не можеме да не си го поставуваме прашањето: што е злото?
Злото се појавило во светот, најпрвин како страдање и тага. Светот е празен, ладен, рамнодушен. Сите страдаме поради злото. Злото кое е распространето по светот е причина за нашите страдања. Сеопштото страдање некогаш не доведува до границата на очајот. Страдањето не го открил прв Шопенхауер. Тоа е потврдено уште кај св. апостол Павле (Рим. 8, 20-22), кој ни дал доста јасно излагање: злото е претставено во созданието преку гревот. Целиот свет е затруен со злото и злите енергии, а поради тоа целиот свет страда.
Во човековата личност, седиште на злото се страстите. Личностите кои се запоседнати со страстите се пасивни, ограничени и страдаат. Страстите секогаш се безлични; тие се енергии кои човековата личност ја прават затвореник и роб. Како последица на таа заробеност, тој ја губи својата личност и својот личен идентитет. Станува хаотичен, со многу „лица” т. е. маски. „Страствениот” човек не е сосема слободен, дури може да остави впечаток на активна и енергична личност, а не е ништо повеќе од „маса” безлични влијанија. Произволноста не е слобода, туку замислена слобода која произведува ропство. Во духовниот живот ние се бориме против страстите. „Бестрастието” е главната цел на духовното растење. Сепак тоа е површно толкувано и интерпретирано. Тоа не е рамнодушност, ниту пак ладна нечувствителност на срцето. Напротив, тоа е активна состојба, состојба на духовна активност, која се стекнува само по борба или тешки искушенија. Поточно, бестрастието е независност од страстите.
Доброто и злото се чудно измешани, но синтезата не е можна. „Природното” добро е премногу слабо да се спротистави на злото. Злото постои само преку доброто. Човечката заедница навистина направила отстапка, но сепак, не е изгубена милоста Божја која сама може да го совлада секој човечки ќорсокак.
Формалната анализа на злото сé уште не е доволна. Постоењето на злото е вистинито на религиозен план. И само преку духовен напор можеме да го разбереме овој парадокс и да го совладаме овој скандал, и на тој начин да проникнеме во мистеријата на доброто и злото.
Извор: ПРАВОСЛАВЕН ПАТ
Посети:{moshits}