Архимандрит Закхеј, претставник на Американската Православна Црква во Московската Патријаршија
На запад, воопшто, а во Северна Америка особено, Православното Христијанство е минорна религија. Помалку од 1% од Американците се Православни верници. Заради ова, Православните во Америка копнеат по дијалог меѓу религиите кој ќе овозможи создавање на форум на кој нашиот глас ќе биде слушнат. Да се предизвикуваат услови за, или да се посакува отварање на дијалог во ситуација кога се припаѓа на малцинството , иако добра работа, бидејќи дијалогот е секогаш добра работа, во целост гледано не е баш херојско дело, кога некој сака да пронајде можност за споделување на сопствените погледи со погледите на поинаквото мнозинство.
Спротивно на ова, во Русија на пример, според моето лично искуство, како и насекаде по светот – Грција, Романија, Македонија – сите места каде што Православното Христијанство е мнозинска верска група - токму тука иницијативата за дијалог меѓу другите религии е многу важна, и секако Божја.
Ова е бидејќи како што е случајот во секое мнозинство, се паѓа во искушение да се западне во монолог, и оттука да се заборави, во најдобар случај, или уште полошо, потполно да се игнорира или дури и да се оневозможува дијалогот.
Многумина слушнале за мудрата поговорка дека Бог на човекот му дал две уши, но само една уста, со што се потврдува фактот дека треба да слушаме повеќе а да зборуваме помалку. Ова е и сржта на вистинскиот дијалог – без разлика дали е меѓу цивилизации, култури или религии.
Ние, како религиозни лидери, мораме да бидеме светилата на светот, светот кој за жал е премногу често намерно покриен со темнина, или како што Епископот Иларион напомена во неговиот говор пред малку – е превртен наглава (наопаку).
Кога ние, како свештенство, како религиозни лидери, и учители од еврејскиот, муслиманскиот, христијанскиот, индускиот итн, свет почнеме со дијалог меѓу себе, ние ја поставуваме основата за да верните го следат нашиот пример. Ова е точно и заради што, во потполна вистина можеме да кажеме дека „нема вистински мир меѓу народите без вистински мир меѓу религиите“.
Исто така мора да признаеме, многу почесто отколку во литературата или презентациите или собирите како овој на кој присуствуваме, вистинскиот дијалог се случува за време на кафе паузите, ручеците и приемите – кога ние всушност многу лично и непосредно, лице в лице се впуштаме во пријатни разговори меѓу себе, учејќи еден од друг, запознавајќе се меѓусебно, а што е многу поважно почнувајќи да се сакаме меѓусебно.
Пријатели мои, неодамна учествував на една друга конференција за Дијалог меѓу Цивилизациите на Родос. Еден од претседавачите на собирот сподели со нас една мисла, за која јас чувствувам дека треба да се каже и тука. Иако оригиналниот автор на мислата е дискутабилен, пораката која таа ја носи е јасна.
Цитирам: „ Парадоксот на нашето време во историјата е дека имаме повисоки згради но пократка трпеливост, пошироки автопатишта но потесни погледи. Трошиме повеќе но имаме помалку, купуваме повеќе но уживаме помалку. Имаме поголеми куќи но помали семејства, повеќе удобности но помалку време. Ние имаме повеќе дипломи но помалку смисла, повеќе знаење но помала моќ на расудување, повеќе специјалисти а повеќе проблеми, повеќе медицина но помалку здравје.
Пиеме премногу, пушиме премногу, трошиме без милост, се смееме малку, возиме пребрзо, премногу се гневиме, легнуваме предоцна, стануваме преуморни, читаме премалку, гледаме телевизја премногу, а многу ретко се молиме. Сме го умножиле нашиот имот, но сме ги намалиле нашите вредности. Зборуваме премногу, љубиме ретко, мразиме пречесто.
Сме научиле како да се снајдеме во животот, но не и како да живееме. Додадовме години на животот, но не и живот на годините. Бевме дури до месечината и назад, но имаме проблем да ја прејдеме улицата за да го сретнеме соседот. Го освоивме ѕвездениот простор но не и внатрешниот простор. Имаме направено поголеми работи, но не и неопходно подобри работи. Го исчистивме воздухот, но ја загадивме душата. Го освоивме атомот, но не и нашите предрасуди. Пишуваме повеќе, но учиме помалку. Планираме повеќе но остваруваме помалку. Научивме да брзаме но не и да чекаме. Направивме повеќе компјутери за да се сместат повеќе информации, за да се прават повеќе копии од било кога, но комуницираме се помалку и помалку.
Само-критичките мисли поместени во овој цитат би требало да бидат основа за потреба од вистински дијалог. Оваа година, 2007 е година која содржи многу празнувања на јубилеи. Соединетите Американски Држави и Русија слават 200 години од воспопставувањето на дипломатските односи. Православните Цркви на Русија и Америка ја прославија 30 годишнината од канонизацијата на Св. Инокентиј, Митрополит на Москва и Апостол во Америка, кој стори многу, преку искрен дијалог со една многу различна култура од пред-Револуционерната Русија со домородното население на Аљаска – Тлингитс, Ескимите и Алеутите. Исто така пред 100 години беше оформена најпрвата етничка Македонска Православна Црква во Мадисон, Илиноис.
Овие јубилеи се случуваат како директна последица од многу успешни дијалози меѓу различни нации и култури.
Моја искрена надеж е дека еден ден во иднината, без разлика дали тоа ќе биде после 10, 20 или 100 години, некој ќе го обележи јубилејот дека во 2007-та во Охрид, Македонија, навистина започнал процесот за воспоставување фактички мир меѓу луѓето, со зачнување на вистинскиот мир меѓу религиите. Да даде Бог.
Благодарам на вниманието.
превод: Л.П