Aпокалипса, пред се значи, Божјо Откровение на крајната вистина за смислата на историјата, а тоа е - спасение на светот, до кое ќе дојде на крајот на историјата, со Второто Доаѓање Христово во слава. Заради тоа православното поимање за Апокалипсата е пред се радосно, како што и Црквата исповеда на крајот од Символот на верата : “Го чекам воскресението на мртвите и животот во идниот век“. Конечното спасение на светот и човекот, конечната победа на Љубовта Божја, конечната заедница на човекот со Бога – тоа е за нас православните Апокалипсата, а не мрачен крај и уништување на “ гнасниот“ и зол свет, што како претстава за Апокалипсата, сме го примиле од латинскиот средновековен Запад, и тоа до денес претставува општо место на незнаење, кај многу православни Христијани, а со тоа и извор на неправославна и анти-историска “духовност (теологија) на стравот“.
За Апокалиптичното време и „апокалиптиците“
Архимандрит Рафаил Карелин
Нашето време е апокалиптично. Но, кое време не било апокалиптично? Уште во Апостолско време христијаните гледале демонско олицетворение и пројава на злото во светот кој ги опкружувал. Тие со свои очи како да виделе сенка на Апокалипсата за време на крвавите гонења на христијаните и мрачната цел на “ѕверот од бездната“ кој сака да ја растргне Црквата – Христовата Невеста, како што лавовите со своите заби ги растргнувале телата на христијаните на зидовите од Колосеумот.
Во настаните од светската историја, луѓето ги претчуствувале катастрофите кои доаѓаат, и пред нивните очи се посилно се исцртувале контури на апокалиптични слики. Апокалипсата започнала од времето на Христовото доаѓање на земјата. На Патмос, св.Јован Богослов го созерцувал она што е, и она што ќе биде.
Злото отсекогаш постоело во светот и тоа расте од поколение на поколение. Тоа е налик на река полна со вода, која придвижувајќи се нагоре, ја руши браната и ги потопува своите брегови. Злото се концентрира во личности – непријатели на христијанството, кои излегуваат на историската сцена како претечи на антихристот.
Но, постои уште еден, помрачен, секојдневен апокалипсис – тоа е осиромашеноста на љубовта и верата, тоа е лагата и развратот, тоа е рамнодушноста и суровоста, тоа е секојдневната борба на човек против човека, која ја одзема духовната радост и го прави животот ланец од ситни престапи. Ова е мачно и навидум незабележливо дело на темните сили, кои го припремаат патот на ѕверот кој доаѓа. Во таа смисла сегашноста во себе содржи елементи на иднината и се јавува како нејзин праобраз.
И сега , како и порано, христијаните ја чувствуваат растечката сила на гревот и недостаток од добра – таа морална ентропија на светот.
Но времето, во кое ќе се заврти последната страница од историјата, не е познато. Господ рече дека скоро ќе дојде да им суди на живите и мртвите, но во кои космички мерки се измерени овие зборови – ние не знаеме.
Во Откровението на св.Јован Богослов е напишано, дека блажени се оние кои ја читаат таа книга – Апокалипса. Тие се блажени бидејќи не се залажуваат со вечно пребивање на земјата и затоа што се спремни за искушенијата што следат; блажени се, зашто знаат за конечниот пораз на злото и победата на доброто. Но, откровението во “Апокалипсата“ не ја сокрило од христијаните, главната задача на нивниот живот – да се припремаат себеси за својата смрт и средбата со Христа, која ќе се случи независно од временската историја.
Откривањето на иднината во Апокалипсата ги терало да ја барааат и да ја видат апокалипсата во своето срце, каде што Христос се бори со антихристот, каде што демонот се труди да го разруши храмот на срцето на човекот, каде што самиот човек се гледа себеси- еднаш во заедница со Светиите, еднаш во местата на темните сили. Овој внатрешен апокалипсис им се откривал на подвижниците и на оние кои плачеле над себеси, созерцувајќи го и чувствувајќи го трагизмот на светот во своето сопствено срце. Блажени Августин пишува: “Бог направи многу повеќе, од тоа што го уништи злото. Он го натера самото зло, да му служи на доброто.
Но демонот , “како мајмун на Бога“, сака доброто да го претвори во зло, и самата книга Апокалипса во рацете на луѓе кои не стекнале благодат, да ја направи книга на некакви гатања. Така настанал типот “Апокалиптика“, одвоен од внатрешниот духовен живот, кој се бави со тоа што ќе се случува во времето на доаѓањето на антихристот и крајот на светот, односно сака да ја украде од Бога онаа тајна, која Христос ја сокрил од светот. Тој темелно ги собира извештаите од катастрофите, извадоци од написи за поплави, приближување на комети, и сл. Тој на своите слушатели им зборува со победнички тон: еве, откриена е озонска дупка и сите ќе умреме од зрачење; вие слушавте дека кометата се приближува и мора да падне на земјата: ќе настане експлозија која ќе го уништи човештвото, а ако кометата падне во океан, ќе се подигнат бранови кои ќе ја прекријат целата површина на земјата, како во деновите на Потопот. Потоа, тој без престанување зборува дека започнало растопувањето на ледот на Антарктикот, дека нивото на океанот се зголемило за неколку метри и дека крајбрежните градови ќе бидат потопени; на Црното Море ќе се случи експлозија на хидроген – сулфид и повторно ќе се активираат вулканите.
Ако пак случајно, како ваков “апокалиптик“ се покаже одреден свештеник, тогаш внатрешниот духовен живот на паствата постепено ќе почне да се гаси, и парохјаните ќе почнат повеќе да размислуваат за тоа, какви катастрофи и кога ќе го снајдат светот, отколку за стекнување на благодатта, без која човекот сам за себе се покажува како антихрист. За време на беседите на вакви пастири со својата паства, атмосферата постанува наелектризирана. Сите очекуваат од својот духовен отец откровение за крајот на светот, како што за време на спиритуалните сеанси се очекуваат одговори од “медиумот“ кој призива духови. Во вакви друштва, не се интересираат за Исусова молитва, не читаат книги за духовниот живот; таму нема духовна светлина, која ги затоплува срцата на луѓето – таму има некаква “магија“ на стравот. Овие луѓе забораваат на Промислата Божја, на Христовото ветување – дека ќе ја сочува Својата Црква од портите на адот.
Апокалипсисот на св.Јован Богослов е напишан со огнен јазик, како да е
соткаен од болскави молњи . Он сам по себе претставува оружје против заборавот и мрзливоста. Он не му дозволува на човечкото срце да омлитави, но во исто време за гордите и непокајани души он претставува меч, со кој тие се рануваат самите себеси.
Апокалипсисот не е толку реквием за светот кој гине – колку што е химна во слава на Новиот Ерусалим, кој слегува од Небесата. Древните христијани го чекале крајот на светот како избавување од страдањата, како премин во подобар живот. Современите апокалиптици зборуваат за крајот на светот како за неизбежна катастрофа. Што ќе биде понатаму – нив малку ги интересира: позади разорениот Вавилон, тие не го гледаат Небесниот Ерусалим. Ако прашате таков апокалиптик: “како се подготвуваш за доаѓањето Христово, да ли се молиш со Исусова молитва, дали го поминуваш животот во покајание, дали даваш милостиња?“
Тој ќе ви одговори: “слушнав дека антихристот веќе се родил, тој ќе дојде на власт на триесет години и ќе царува три години; тој на челото и на десницата ќе става печат, и заради тоа јас ги предупредувам луѓето, за да не го примат“.
Ако му кажете, дека не треба само да се отфрли печатот антихристов, туку и да се прими печатот Христов – знак, пред кој Херувимот кој ја чува рајската врата ќе спушти огнено оружје – Името на Исуса Христа, соединето со срцето, тогаш апокалиптикот ќе ви одговори: “Мене не ме учеа за тоа, но јас можам да објаснам што значи бројот на ѕверот“.
Апокалипсисот бил омилената книга на св.Филарет Московски – еден од најпроникливите умови на своето време. Од неа, тој црпел сила во борбата за Православието, која ја водел десеттина години.
Но, за луѓе острастени и горделиви, обидите да проникнат во тајната на историјата можат да доведат до духовна заблуда или да го пренасочат вниманието од најглавното – внатрешниот духовен живот – на надворешното, од нас сокриено.
Не треба да се заборава, дека средбата со Христа не се случува само во денот на Второто Христово Доаѓање, туку и после смртта, која за човекот е неизбежна.
И за оваа средба, секој христијанин мора да се подготвува целиот свој живот.
Подготви М.З.
Посети: {moshits}