Слово за молитвата
Постојат повеќе начини на извршување на молитвата. Еден начин е кога молитвата ја кажуваме со усните. За да ја достигнеме својата крајна цел, во почетокот мораме да се молиме усно.
Човековиот ум се наоѓа во непрестајно движење. Со оглед дека не се движи во склад со природата - а како што би требало да прави - и со оглед дека често е злоупотребуван заради нашата рамнодушност, тој скита по цел свет и застанува кај разнолични наслади.
Понекогаш се насладува со плотски помисли и ужива во нивните сласти. Другпат се насладува со други страсти, а понекогаш незаинтересирано лебдее ваму-таму. Каде и да отиде, каде и да застане, тој се наоѓа во некој вид наслада.
Според тоа, човекот кој има намера да ја достигне својата цел на ‘непрестајна молитва’ (Сол. 5; 17), мора да си го собере својот расеан ум - скитник кој навраќа во секаков свиок - за да си го устрои и уреди.
Но, за да си го собереме умот, мораме да му понудиме нешто сладосно, зашто тој, рековме, наоѓа задоволство и наслада во скитањето натаму-наваму. Од таа причина, во почетокот молитвата мораме да ја изговараме усно.
Почетникот што се учи на Исусовата молитва мора да започне така што усно ќе изговара: „Господи Исусе Христе, помилуј ме“. Тој мора да вложи напор за да го одвлече својот ум од овоземните нешта. Звукот што излегува - звукот на неговите зборови - ќе го привлече умот да обрне внимание на зборовите на молитвата. На тој начин умот, малку по малку, ќе се привикнува да биде собран наместо расеан.
Се разбира дека напорот, вниманието, намерата, ревноста и постојаното трезвено чување на целта кон којашто тежнееме, односно непрестајната молитва - ќе помогнат да го собереме својот ум.
Кога ќе ја кажуваме молитвата на овој начин, таа со време ќе почне да предизвикува во нас извесно задоволство, извесна радост, мир, нешто духовно коешто порано не сме го поседувале. Тоа, малку по малку, ќе го привлече умот.
Како што ќе напредува и ќе го привлекува умот внатре, усната молитва ќе почне да му дава слобода самиот да ја кажува молитвата, без учество на усните. Со други зборови, ќе почне да донесува некој плод. Потоа, молитвата кажувана некогаш со усните а некогаш со умот, лека полека ќе почне да ја освојува душата.
Старец Ефрем Филотејски