За тоа дека со постојаното спомнување на името Исусово, се раѓа љубов кон Него
Еве, како по трет пат те замолувам, Исус да биде слатка преокупација на твоето срце, Исус нека биде наслада на твојот јазик, Исус нека биде предмет и мисла на твојот ум, Исус нека биде твое дишење и никогаш немој да се заситиш од повикувањето на Неговото име. Зашто, преку тоа постојано и преслатко сеќавање на Исус, во твоето срце ќе се засади, израсне и разграни големото дрво на трите големи богословски добродетели – вера, надеж и љубов. Кога некој е далеку од предметот на својата љубов, тој не може на друг начин да го смири својот копнеж и да ја искаже својата љубов, освен преку постојаното спомнување на името на оној, кого го сака и на сеќавањето на неговиот љубен лик. Ова го вели и св. Григориј Богослов; „Оние, кои кон некого чувствуваат голема љубов, со задоволство се соединуваат со името на љубениот“. Така читаме и во некои раскажувањата, кои велат дека и мајката на царот Лав Мудри, кога тој беше прогонет од Константинопол и кога таа веќе не можела да го гледа покрај себе, постојано се сеќавала на неговото име и ништо друго не велела, освен: „Лаве мој, Лаве мој, сине мој“, и тоа толку често, што дури и папагалот што ја слушал почнал истото да го зборува. Така и душата, која Го љуби Исус, Кој е на небесата и Кого таа не Го гледа, не може на друг начин да ја исполни својата љубов кон Него, освен преку постојано сеќавање на Неговото свето име, насекаде воскликнувајќи со огромна љубов и со солзи во срдечна болка: „Исусе, мој, возљубен мој Исусе“. Така вели и св. Исаак Сирин: „Кога во разумот на оној што љуби, ќе започне сеќавањето за Бога, веднаш и неговото срце ќе започне да дејствува во љубовта Негова, така што од очите ќе му протекуваат обилни солзи, зашто во љубовта е вообичаено да течат солзи, при сеќавањето на оној кој се љуби“.Дека со молитвата и сеќавањето на Исус се раѓа љубов кон Него и кон Неговите заповеди, покрај божествениот Исаак, особено потврдува и св. Василиј Велики, кога вели: „Ние треба со полно внимание да го чуваме своето срце, така што никогаш да не го изгубиме размислувањето за Бога и сеќавањето на Неговите чуда. Срцето не смееме да го оскверниме со валкани мечтаења, туку во него треба да ја носиме светата мисла за Бога, втисната во нашата душа од постојаното и чисто сеќавање, како неизбришлив печат. Зашто така ни се раѓа љубов кон Бога, која воедно нè поттикнува да дејствуваме според заповедите Негови, а која, пак, некои ја чуваат, правејќи ја трајна и непоколеблива“. Што е поблажено од тоа? Што е порадосно и послатко од тоа постојано да се испитува славното, мило и многупожелувано име на Исус Христос, во кое, што и да побара човекот од Отецот и од Него Самиот, добива? Што и да посакате од Отецот, во Мое име, да ви даде (Јован, 15, 16). Што и да посакате во од Отецот во Мое име, ќе ви го направам, за да се прослави Отецот во Синот (Јован, 14, 13). Која мисла и кое сеќавање е побожествено од мислата и сеќавањето за спасоносното и богодолично и страшно име на Исус Христос, Синот Божји, името, кое е над секое име, пред кое паѓа и колена преклонува сè што е на небесата и на земјата и под земјата На тоа сакав да те потсетам, возљубен мој, зашто сум побуден од преголемата љубов кон твоето спасение. Ова, како папагал, го научив од свештените книги на богомудрите отци, или, пак сум го слушнал од живиот глас на некои духовни отци, кои тоа на дело го искусиле, но поради својата немарност и своите страсти, ништо од тоа не можев опитно да осознаам.
Извор: http://bigorski.mk/index.php?content_type=svetootechki_tekstovi&action=details&record_id=68