Борбата се води храбро и непрестајно (НЕВИДЛИВА БОРБА -Свети Никодим Агиорит)
Ако сакаш да го победиш духот на злото што е возможно полесно и побрзо, потребно е да се бориш против сите свои страсти, храбро и непрекинато, а особено против САМОЉУБИЕТО, угодувањето себе си, самосожалувањето, затоа што тоа служи како корен и извор е на сите страсти и тоа не може да се скроти со ништо, отколку и само со радосното примање на неволјите, лишувањата, неоснованите оптужби и угнетувања од страна на луѓето.
Ако ова се се испушта од вид и човекот се самосожалува себе си, тогаш сите напори се безуспешни, а победите несовршени и несигурни.
Затоа борбата мора да биде постојана и мора да се води со голема душевна храброст. До храброста сепак, може лесно да се дојде доколку таа се измоли од Бога.
Излези, значи, на бојното поле без колебање. Ако ти дојде и те заплаши помислата дека лошиот дух е силен а ти си слаб, сети се дека е Бог Семоќен, и дека Он те љуби. Сети се дека ти помагаат хорови на ангели и молитви, како што е напишано за Амалика: (2 Мој.17,16).
Колку ли само слаби жени и недораснати деца ги подигнала на борба помислата на таквата голема помош. И ја сочуваа победата , ја победија целата мудрост на светот, сите лукавства на непријателите - духот на злото и целокупната злоба на адот.
Затоа од ништо не смееш да се исплашиш кога ќе започнат да се ројат мисли дека дека борбата која што ја започнале против тебе непријателите е страшна, дека нема крај , дека ќе се оддолжи до крајот на животот, дека нема да те одминат паѓањата до крајот на животот и дека тие ќе се повторуваат многу пати и на различни начини.
Знај дека нашите непријатели со сите свои лукавства се наоѓаат под раката на нашиот Божествен војсководец, Господ Исус Христос, во чија чест и слава ти војуваш.
Бидејќи Тој самиот те води во борба, секако дека нема да им дозволи на непријателите да извршат врз тебе насилство, ако ти самиот по своја волја не прејдеш на страната на непријателите, туку Тој Сам, ќе се бори за тебе и ќе ти ги предаде непријателите во твоите раце, кога тоа Нему ќе Му биде угодно, како што е напишано ( Мој. 23,14,).
Ако Господ задоцни за да ти ја даде потполната победа над непријателите и ако ја одложи до последниот ден на твојот живот, знај, дека и тоа го прави само заради твоето добро, само ти не не отстапувај и не престанувај да се бориш со сета своја снага. Макар да бидеш и рануван, не го отфрлај оружјето и не бегај од бојното поле.
Имај само една намера - да се бориш и да се бориш...со сето воодушевување и со сета храброст, бидејќи тоа е неопходно. Не постои човек кого што го заобиколила борбата во текот на животот. А кој што не се бори против страстите, тој ќе биде предаден на смртта.
Корисно е исто така постојано да мислиш, зошто на Бога Му е угодно да не остави во таа борбена положба. А еве зошто.
Како што некогаш водејќи го Израел во ветената земја Бог не наредил да се истребат сите народи туку оставил пет други непријателски расположени племиња кон Израил, - прво затоа за да види дали е цврста верата на избраниот народ и дали верно ги исполнува Неговите заповеди, а второ за да го научи Својот народ да води борба (суд 1: 1-4), - така Тој не ги истребува одеднаш ниту сите наши страсти, туку ги остава да живеат во нас, за да се борат со нас до самата смрт, за да ја испита нашата љубов кон Него и нашата покорност на Неговата волја и за да не научи на духовна борба.
Бидејќи сме постојано опкружени со толку и такви непријатели кои страотно не мразат, не можеме да очекуваме мир и прекин на непријателствата, туку мораме во секој момент да бидеме спремни за борба и штом непријателите ќе ја најават, веднаш храбро да влеземе во неа.
Се разбира, би било подобро во почетокот да не сме ја отворале својата душа и да сме ги пуштале внатре страстите. Сега, кога тие си го расчистиле патот не можеме веќе да бидеме безгрижни, туку мораме да се вооружуваме против нив за да ги истераме од себе. Тие се бесрамни и упорни и нема да излезат ако не ги истераме со сила.
Ти претстои борба со страста и другите твои непријатели, ти зборува Тој. Не плаши се и не бегај од бојното поле.
Затоа што јас сум Господ Исус, Твојот Војсководец, кој стои блиску до тебе, опкружен со ангели, спремен да се заедно со тебе против непријателот.
Тој нема да дозволи непријателите да те оборат и да те победат, зашто ветено е: Господ ќе се бори за вас (2 Мојс.14,14).
Затоа секое утро започни го со молитвата: Господи Исусе Христе помилуј ме.
Тоа страшно Име, блеска како меч во срцето и како гром ги погодува злите духови и страстите. Затоа, Св. Јован Лествичник рекол:
„ Со Името на Господ Исус Христос, камшикувај ги непријателите“.
Со тоа оружје победувај ги непријателите најпрвин со спротивставување на страста, потоа со омраза кон неа и најпосле со делата на добродетелта кои и се сосема спротивни .
Се разбира сето тоа мора да се извршува во молитвена атмосфера. Правејќи така извршуваш дело што му е угодно на твојот Бог, Кој со Својата прославена Црква на небесата ја посматра твојата битка.
Преведе и подготви М. Даниловска