ШТО Е ДУХОВЕН ЖИВОТ И КАКО ДА СЕ ОСПОСОБИМЕ ЗА НЕГО (4)
Свети Теофан Затворник
Световниот живот ги лишува луѓето од слобода, и оние кои му се препуштаат ги држи во тешко ропство. Лицемерието и егоизмот како стални својства на световниот живот
Минатиот пат не зборував за се што споменавте во своето писмо. Сега испраќам дополнување. Вие велите: „Еве што уште гледам: дека сите брзаат некаде, брзаат како би уловиле нешто, и никој ништо не успева да фати. Се случи да поминувам по прометна улица – каков метеж и суета! А потоа гледам: и во куќите исто; исто е, веројатно, и во нивните души. И не можам да верувам; зар е можно така да се живее? Еве што уште гледам: дека едниот го притиска другиот, го стега и измачува, дека никој нема своја волја и слобода. Не смееш да се облекуваш како сакаш, не смееш да одиш како сакаш, да зборуваш исто така – и ништо не смееш како сакаш. Кај нив се како да е потчинето на некој закон, за кој не се знае кој го напишал; тој сите ги притиска, но никој не се осмелува да го прекрши. Затоа и самите стануваат тирани едни на други. А ако се осмелиш да не послушаш – уште полошо. Јас на пример пеам кога ми се пее. Оти тоа е рај: и мене самата ми е пријатно и на оние кои слушаат. А тука сакаш-нејќеш: пеј! Тоа се бара многу угладено, но да одбиеш би го сметале за злосторство. И пееш. Неиздржливо ти е тешко, да пукнеш, но се претвораш дека пееш од срце. Тоа го забележав и кај другите. И тоа е слобода! Однадвор гледано – слободна сум! Слободна, со врзани раце и нозе! По тој повод почнав да се прашувам, го прават ли тие од срце и се останато? И? Можеби грешам, но не сум видела ништо што би било од срце. Ласкање и услужност – исто така, меѓусобно уважување – исто така. Се е извештачено. Зад изгладената и префинета надворешност се крие сосема поинаква душа, која би можела однадвор да се покаже, никој не би ја нашол дека е префинета, дури ни дека е поднослива. Излегува дека кога се состануваме, претставуваме збир на лицемери и лицемерки. Комедија! И што уште е чудно – дека од сите избива студенило. Како тоа?! Сите се дружат, се чини дека се подготвени душа да дадат, а наоколу се чувствува студенило!“
Потполно точно. На Вашиот опис нема што да се додаде. Сето тоа веќе одамна е забележано и на сето тоа е укажано внимание. Еве како уште Макариј Велики го претставил метежот кој Вие сте го забележале во трката по нешто:„Недата на овој век станува налик на пченица ставена во земно решето, и се просејуваат низ непостојаните помисли на овој свет, со непрестајно мешање на светските работи, желби и компликуваните материјални сфаќања. Сатаната ги протресува душите, и со решето, односно со земните дела, го просејува целиот грешен човечки род. Од времето на падот, кога Адам ја пречекорил заповедта и му се потчинил на лукавиот кнез кој ја превзел власта над нив, со непрестајни измами и пометување на помислите на сите синови на овој век тој просејува и доведува до судирање во земното решето. Како што непрестајно се судираат пченичните зрна во решетото на оној кој ги просејува, биваат фрлени во вис и се преметнуваат, така и лукавиот кнез со земните рабти ги оптеретува луѓето, ги колеба, ги доведува во состојба на немир и напнатост, ги присилува да се среќаваат со суетните помисли, со нечистите желби, со земните и световните врски, непрестајно поробувајќи го целиот грешен Адамов род. Самиот Господ на апостолите им го претскажал идното станување на ѓаволот против нив: еве вас посака сатаната да ве вие како пченица. А јас се молев на Отецот Мој да не престане вашата вера (22:31-32). Оти овој збор, како и одлуката која Создателот му ја соопштил на Каин дека талкајќи и треперејќи, во немир ќе живее на земјата (Пост. 4:12) таинствено служат како слика и пример за сите грешници, оти родот Адамов, кој ја пречекорил заповедта и станал грешен, тајно го примил на себе ова подобие. Луѓето биваат вознемирувани со помисли за страв, секаков немир, желбите и најразличните задоволства. Кнезот на овој свет ја вознемирува секоја душа која не е родена до Бога и како пченицата непрестајно ја префрла по решетото, на различни начини вознемирувајќи ги човековите мисли, колебајќи ги луѓето и ловејќи ги со помош на световните измами, телесните задоволства, стравовите и грижите“ (Беседа 5:12).
Еве Ви го ова како додаток на Вашите погледи. Добро сте забележале што е и како е. А свети Макариј укажал на причината и на потеклото на таквата состојба. Во кругот за кој зборуваме, таквиот поглед на нештата не се прифаќа, на нив ни збор за тоа не вреди да им се каже. Вас пак Ве молам да го усвоите тој поглед и секогаш да се држите до него во мислите. Тој ја изразува суштината на нештата и, бидејќи сте го примиле со увереност, ќе Ви служи како ограда од опчинетоста со светскиот живот. За да поразмислите подобро за тоа и за подобро да се сродите со таквиот начин на размислување, потрудете се да ја прочитате целата петта беседа на свети Макариј. Таа книга и ја давав на Вашата мајка и таа сакаше да ја набави.
Од своја страна додавам дека таа трка по нешто и незадоволството со ништо зависат од она за што пишував и минатиот пат: токму од она што со таквиот начин на живот не се храни целата човечка природа и не се задоволени сите нејзини потреби. Незадоволената страна како гладна бара храна, а потребата за задоволување на гладта и жедта го гони човека да ја бара. Човекот брза и бара; но бидејќи стално се врти во ист круг, кој не може да ја задоволи неговата глад, тогаш и нема ни задоволување, гладта и жедта не престануваат, не престанува ни барањето храна, не престанува ни трката. И никогаш нема да престане кај оние кои живеат по духот на светот. Непријателот ги држи во заслепеност заради што тие не ги забележуваат погрешките, дека не трчаат по правиот пат и дека не идат каде треба; во тој мрак тој ги мачи и дави тие несреќни души. Ѓаволот така ги премачил што никој не смее ни да им спомене дека се во криво. Оти ќе почнат да рикаат како лути ѕверки. Зар не е тоа рикањето на оној лав кој бара кого ќе изеде?
Што се однесува до другите страни на световниот живот кои сте ги забележале, ќе кажам само тоа дека подруго и не може да биде. Оти таков е животот на паднатиот човек чија појдовна линија е самољубието или егоизмот, кои како цел си ги поставил себеси, а сите други како средство. Тука е причината за тоа што секој сака да ги наметне своите желби на другиот или да го сврзе со своите желби, што навистина добро сте го нарекле тиранија. Штом некој не ги ограничува своите желби, во позадината на сето тоа стои егоизмот кој сака да ве сврти по свое или да ве направи средство. Тоа е и причината на лицемерието, чија суштина е употребата на големо лукавство за на секој начин да се прикријат сопствените лоши страни, а да не се исправат; инаку би се пресекло влијанието на другите и сходно на тоа веќе не би можеле да бидеме користени како средства. Тоа е причината за тоа што од сите избива студенило – оти сите се затворени во себе и не излачуваат зраци на животна топлина околу себе.
Вие секако сретнувате неколку лица со симпатично расположение на срцето: тие Ви се прививаат право за срце. Тоа е остаток на чувството за сродност со кое човек е створен; но тоа тука му стои на служба на егоизмот, кој го користи како најдобро средство за да ги уреди своите работи. Јас знам едно такво лице. Подобро вистински егоист отколку таков „симпатичен“. Кај оние барем може да се забележи за што станува збор, а тука тоа ретко кому му тргнува од рака.
Вистина, Вие скоро непрестајно среќавате услужни луѓе, но тие идат на тоа потоа заради една услуга десетоструко да ве спрегнат во своја корист. Ќе кажете: „Па како тоа? Сите се повикуваат на чест, а да се покажеш нечесен во нешто значи – да се уништиш себеси“. Навистина е така, но таа чест е маска за егоизам; важно е –да не паднеш во кал, заради што честопати се допуштаат најнечесните постапки, само ако е возможно да се затајат од другите. Вие дури слушате или веќе сте чуле приговори: тој е егоист! Немојте да мислите дека егоизмот им е стран на оние кои го кажуваат тоа. Не, тој приговор се однесува на оние кои не дозволуваат со нив да се управува и да ги употребуваат во своите егоистички цели оние кои за нив така судат. Имам слушнато дека таквите лица дури и монасите ги прекоруваат заради егоизмот: како, дека живееле само за себе. Јадни монаси! Ниту да каснат, ниту да испијат, ниту да отспијат; ден и ноќ на нозе, во послушанија, без своја волја и свои желби – а стигнале меѓу егоистите! Веќе и по тоа можете да судите каква вредност имаат обвиненијата за егоизам кои ги сретнувате или ќе ги сретнете кај световните луѓе. Тие значат: наишла косата на камен.
Прегледувајќи го ова што е напишано, гледам дека сум изнел многу груб суд за светскиот живот, но не сакам да ги повлечам зборовите. Можеби јас и не би го напишал она што го напишав, но бидејќи Вие и самата веќе сте ги забележале прилично темните дамки на светот, јас добив желба да запеам во ист тон. И не мислам дека со тоа ќе Ве разжалостам после она што самите го кажавте. Но, го очекувам од Вас прашањето: “Како тогаш да се живее?“ Тоа ќе го решаваме во продолжението на нашата преписка. Сега ќе го кажам само ова: секако е невозможно да се одвоите од сите, но колку што е можно избегнувајте да влегувате во кругот на тој световен живот, а кога ќе Ве вовлечат против волја, држете се таму како да Ве нема – гледајќи не гледајте и слушајќи не слушајте. Оставете она што го гледате да помине покрај очите и она што го слушате да помине покрај ушите. Однадвор правете што и другите, божем отворено, но чувајте го своето срце од сочувства и страсти. Тоа е најважното – чувајте го срцето и бидете таму само со телото, а не со душата, точно исполнувајќи ја заповедта на апостолите: и кои овој свет го употребуваат, како да не го употребуваат (1. Кор. 7:31). Светот тука значи исто она што ние го подразбираме под световен живот. Вам светот Ви е потребен, то ест неопходно Ви е да имате допир со световниот живот; но кога своето срце ќе го држите подалеку од него, тогаш ќе бидете како таквиот живот да не Ви треба, односно ќе учествувате во него не заради симпатиите за него и желбите во него да учествувате, туку изнудено од Вашата сегашна положба.
Ве изморив од опширно пишување, но Вие ме натеравте. Молам на Вашето внимание да не му побегне ова што е напишано, особено последните редови.
(Продолжува)
Подготви: Б.Ѓ.
Посети:{moshits}