Свети Теофан Затворник
Неопходност од повторното соединување со Бога заради спасение. Самиот човек не е во состојба тоа да го направи. Духот Божји го совршува ова во нас заради искупувањето кое го донел Синот Божји.
Значи, до кој резултат дојдовте барајќи одговор на прашањето што е потребно за да се врати се во претходниот, првобитен поредок? Што и да смисливте, јас го продолжувам своето.
Како и што се спуштивме од гората, сега спротивно на тоа треба повторно таму да се искачиме. Како што се појавила таа болест, така со спротивно делување може и да се истера. Отпаднавме од Бога – потребно е повторно да се соединиме со Него. Отпаднавме и заради сомнежот во Божјите зборови – треба да ја обновиме потполната вера во тие зборови. Губејќи ја верата во Бога, сме ја прифатиле погубната одлука, значи сам сум – треба да го уништиме тоа сам сум. Кога настанало тоа погубно сам сум, нашиот дух ја изгубил својата сила да владее со душата и телото, и напротив, самиот паднал под нивен јарем. Тоа владеење на духот треба да се обнови. Кога била пресечено, потребите на душата и телото се разишле на разни страни и во нашите желби дошло до метеж – сите тие потреби треба пак да бидат доведени во единство и да се востанови во нивниот поредок меѓусебна потчинетост. Заедно со погубното сам сум во нашиот живот влегло и мноштво страсти, како диви ѕверки кои не напаѓаат. Треба да ги истераме тие страсти.
Гледате што е потребно. Веќе и заради мноштвото и важноста на она што е потребно можеме да дојдеме до заклучок дека сами нема да можеме да излеземе на крај со тоа дело кое за нас е единствено потребно. Особено не треба да се надеваме дека сами ќе го совршиме нашето најважно дело, оти првата точка на тоа дело, без која подалеку не вреди да се оди, е токму повторното соединување со Бога, а тоа никако не може да биде во наша власт. Ние можеме тоа да го сакаме и да го бараме, но да го направиме – тоа не може да биде дело на нашите раце. Кој може да влезе во Божја област или сам да прокрчи пат кон Него? Кој е во состојба да земе од Бога она што го посакува, уште и да Го принуди Бога да биде во нас, за и ние да бидеме во Него, особено откако сето тоа веќе ни било дадено, но сме го презреле, сме Го навредиле Бога со недоверба во Него и Неговата власт сме ја згазиле со своето самоволие? Велиш – ќе се покајам, се кајам. Но не е до тебе да поставуваш услови. Покајанието е во ред, но кога Сам Бог ќе прифати да го пими. А само по себе што е тоа?! Се повредив, ме боли – па што?!
Значи, повторното соединување со Бога не е во наша власт; и условите за тоа и начинот на остварување и се што се однесува на тоа не е во наши раце. Но еве колку е тоа важно, што кога ќе дојде до повторно соединување, се друго ќе тргне само од себе. Истиот час духот ќе добие сила, ќе ги потчини на себе душата и телото, ќе ги доведе во ред потребите и желбите и ќе ги истера страстите. Но како да го постигне тоа? Јас сакам да Ви објаснам дека нема заради што да удираме глава врз тоа како повторно да се соединиме со Бога. Колку и да се мачиш, ништо нема да постигнеш; туку ако на Бога Му е угодно да востанови поредок на такво повторно соединување тогаш побрзај да го прифатиш со потполна вера, и тоа да го искористиш со топла благодарност. И фала Му на човекољубивиот Бог, се во тој поглед е веќе направено, востановено и објаснето! Прифати и искористи.
Нема да ви изложувам како сето тоа е направено; ќе го кажам само она главното: за обновување на нашиот дух и за повторно соединување со Бога, неопходно е Духот Божји да се спушти на него и да го оживее. За да го покаже патот за спуштање на Божјиот Дух, Единородниот Син Божји се спуштил, се воплотил, пострадал, умрел на Крстот, воскреснал и се вознел на небесата. Вака односот на Своето дело кон Светиот Дух го одредил и Самиот Син Божји, кога на Своите ученици им објавил дека ќе си оди кај Отецот, а тогаш, откако тоа ги разжалостило, за утеха им рекол: подобро е за вас Јас да отидам, оти ако Јас не отидам, Утешителот нема да дојде кај вас (Јн: 16, 7). Уште порано, пренесувајќи ги Господовите зборови, светиот евангелист Јован Богослов пишува: кој во Мене верува... од утробата негова ќе потечат реки од жива вода; а потоа додава: ова го кажа за Духот кога требаше да го примат оние кои веруваат во Неговото име, оти Духот Свет уште не беше даден, затоа што Исус уште не беше прославен (Јн. 38-39). Требало да се прослави Синот Божји Кој се смирил Себеси во воплотувањето и страдањата, за да дојде Светиот Дух и да пребива во оние кои веруваат во Него. Тој навистина дошол и пребива во верните, и тоа така што другиот апостол восхитено прашува: не знаете ли дека сте храм Божји и дека Духот Божји живее во вас (1. Кор. 3, 16).
Тоа Ви е значи се. Синот Божји се воплотил, пострадал со телото, умрел на Крстот, воскреснал, се вознел на небесата и Го испратил од Отецот Светиот Дух, Кој, примен од оние кои веруваат во Синот, го исполнил во нив она за што Синот се молел: сите да бидат едно, како Ти, Отец, што си во Мене и Јас во Тебе (Јн. 17,21).
Како Он тоа ќе го соврши? Соединувајќи се со духот на оние кои веруваат во Синот Божји и оживувајќи го, повторно го соединува со Бога. Ова се нарекува ново раѓање од Бога, кои верните ги чини чеда Божји по благодат, како што вели светиот евангелист Јован: а на оние кои примија власт им даде да бидат чеда Божји, оние кои веруваат во името Негово, кои не се родија од крв... туку од Бога (Јн. 1, 12-13). Закон на духовниот живот во Христа Исуса стана: ако некој не се роди од вода и Дух, не може да влезе во Царството Божје... оти само она што е родено од Духот дух е (Јн. 3, 56).
Немојте да прашувате зошто сето ова е неопходно за обновување на вистинскиот живот во нас, туку тоа што се го чуле прифатете го верувајќи едноставно и искрено како дете. Ако почнете да поставувате прашања, ќе дојде ѓаволот и како некогаш на Ева, ќе Ви дошепне соблазна и ќе ја поколеба Вашата вера, а низ тоа ќе Ве лиши и од нејзините плодови. Како што тогаш било несфатливо дека од пробување на забранетиот плод можат да произлезат такви последици, кои сепак произлегле, така е сега несфатливо зошто било потребно Синот Божји да се воплоти, да пострада и потоа да го испрати Духот за да не обнови, па сепак, токму од искрената вера во таков поредок на случувањата зависи нашето обновување и сите кои тоа го прифатиле и прифаќаат со вера се обновуваат.
Значи, не прашувајте као Бог сето тоа го уредил, а ни јас ништо за тоа нема да Ви зборувам. Ќе кажам само неколку збора за она што во нас го прави Светиот Дух кога го обновува нашиот дух. Но, стрпете се до следното писмо.
(Продолжува)
Подготви: Б.Ѓ.
Посети:{moshits}
Друго:
Св. Теофан Затворник- што Е ДУХОВЕН ЖИВОТ И КАКО ДА СЕ ОСПОСОБИМЕ ЗА НЕГО (20)
Свети Теофан Затворник- што Е ДУХОВЕН ЖИВОТ И КАКО ДА СЕ ОСПОСОБИМЕ ЗА НЕГО (19)
што Е ДУХОВЕН ЖИВОТ И КАКО ДА СЕ ОСПОСОБИМЕ ЗА НЕГО (18)
Свети Теофан Затворник - што Е ДУХОВЕН ЖИВОТ И КАКО ДА СЕ ОСПОСОБИМЕ ЗА НЕГО (17)
што Е ДУХОВЕН ЖИВОТ И КАКО ДА СЕ ОСПОСОБИМЕ ЗА НЕГО (16)
што Е ДУХОВЕН ЖИВОТ И КАКО ДА СЕ ОСПОСОБИМЕ ЗА НЕГО (15)
Св.Теофан Затворник - што Е ДУХОВЕН ЖИВОТ И КАКО ДА СЕ ОСПОСОБИМЕ ЗА НЕГО (14)
што Е ДУХОВЕН ЖИВОТ И КАКО ДА СЕ ОСПОСОБИМЕ ЗА НЕГО (13)
што Е ДУХОВЕН ЖИВОТ И КАКО ДА СЕ ОСПОСОБИМЕ ЗА НЕГО (12)
што Е ДУХОВЕН ЖИВОТ И КАКО ДА СЕ ОСПОСОБИМЕ ЗА НЕГО (11)
што Е ДУХОВЕН ЖИВОТ И КАКО ДА СЕ ОСПОСОБИМЕ ЗА НЕГО (10)
што Е ДУХОВЕН ЖИВОТ И КАКО ДА СЕ ОСПОСОБИМЕ ЗА НЕГО (9)
што Е ДУХОВЕН ЖИВОТ И КАКО ДА СЕ ОСПОСОБИМЕ ЗА НЕГО (8)
што Е ДУХОВЕН ЖИВОТ И КАКО ДА СЕ ОСПОСОБИМЕ ЗА НЕГО (7)
што Е ДУХОВЕН ЖИВОТ И КАКО ДА СЕ ОСПОСОБИМЕ ЗА НЕГО (6)
што Е ДУХОВЕН ЖИВОТ И КАКО ДА СЕ ОСПОСОБИМЕ ЗА НЕГО (5)
што Е ДУХОВЕН ЖИВОТ И КАКО ДА СЕ ОСПОСОБИМЕ ЗА НЕГО (4)
што Е ДУХОВЕН ЖИВОТ И КАКО ДА СЕ ОСПОСОБИМЕ ЗА НЕГО (3)
што Е ДУХОВЕН ЖИВОТ И КАКО ДА СЕ ОСПОСОБИМЕ ЗА НЕГО (2)
што Е ДУХОВЕН ЖИВОТ И КАКО ДА СЕ ОСПОСОБИМЕ ЗА НЕГО (1)
Извор: https://svetosavlje.org/sta-je-duhovni-zivot-i-kako-se-za-njega-osposobiti/23/