
Можеби сме православни христијани, но, за жал, Христос останува голема непознаница за нас, голема тајна за секого од нас лично. Од одредени причини не ни се допаѓа Христос на Црквата, па сакаме во самата Црква да си создадеме некој друг Христос…
Ние не Го познаваме Христос… А тоа е затоа што не се трудиме да Го запознаеме преку Светото Писмо, молитвата и Светите Отци. Наместо тоа, си создаваме Христос кој е огледало на нашите страсти. Како да сме додале тринаесетти бог на дванаесетте богови на Олимп, каков што некогаш создавале луѓето за да ги обоготворуваат своите страсти и да си прават идоли
.Создаваме Христос на кого дури и ние, теолозите и свештениците, му лепиме етикета дека проповеда само љубов. А зад таа етикета се кријат игри во кои не дејствува Светиот Дух, туку некој друг, нем и лукав дух.
Резултатот е тоа што ја гледаме иконата на Христос во Црквата или во нашиот домашен молитвен агол, но Христос во Кого навистина веруваме во себе не е истиот Христос. Зашто сме си создале нешто друго.
Тоа нешто друго е идол — копија на нашето сопствено лукаво и грешно јас, кое сме го издигнале на Божјо место. И притоа сме убедени дека сме во заедница со вистинскиот Бог и дека ќе ја спасиме својата душа.
Не Го познаваме Христос и треба да Го молиме да ни ги отвори очите за да можеме да Го запознаеме.
Молитвата „Господи, просветли ја мојата темнина“ треба да ни стане здив, нешто без кое не можеме да живееме…
Кога навистина би Го познавале…
Не би гледале на часовникот за време на Светата Литургија. Не би доцнеле на утринското богослужение со изговорот дека сме преспале. Не би велеле: „Доста е, не мора толку многу да се оди во црква“.
Кога си вљубен, не размислуваш за такви работи…
Остануваш буден цела ноќ. Подготвен си да препливаш и океани за да ја сретнеш личноста што ја сакаш. Не ти се важни часот, датумот или околностите. Едноставно сакаш да ја прегрнеш саканата личност и тоа ти е доволно
Ние Го ставивме Христос во некакви рамки, како да е предмет, а не Личност кон Која нè влече љубовта и со Која сме повикани да живееме во заедница.
Светиите ја дадоа сопствената крв, за да го примат Духот.
Се исцрпуваа во молитва, подвиг и покајание. А ние сакаме да создадеме нова теологија без подвиг, потпирајќи се само на психолошко-теолошки и филозофски размислувања, за да се причестуваме со Бога и едноставно да ни биде убаво.Се сеќавам на еден старечец на Света Гора, кој велеше:
„Правете метании, многу помагаат. Удирајте со колената во земјата од силна желба за покајание и спасение. Добро е понекогаш да се разбудите и среде ноќ за да се помолите.
“Како да им го кажеш ова на денешните луѓе што сакаат сè да филозофираат? Ако зборуваш за подвиг, ќе те сметаат за екстремист. Ние сакаме Светиот Дух како апликација на „Андроид“!
Слушаме за христијани кои читаат најразлични „духовни“ книги без духовно раководство и послушание. Велат дека работат на себе и се обидуваат да се пронајдат. Но, најверојатно, на крајот ќе сретнат некој демон.
На патот на послушанието, сопатник е Христос. На патот на непослушанието, сопатници се демоните
.Ако не го удриме сопственото срце со покајание, како што рибарот го удира октоподот за да омекне, нема да Го видиме Христос ниту во овој живот, ниту во идниот.
Да не Го бараме Христос по темни патишта, зашто таму ќе го најдеме само ѓаволот.
Патот кон светоста не ни е непознат. По него чекореле светиите, и токму тие се нашите патокази.
Постојано да се молиме да Го запознаеме Христос, да го раскинеме идолот што самите сме го обликувале и да Го следиме Господа како вистинска Личност. Да Го следиме во сите животни околности, зашто Тој е насекаде и нè чека. Доволно е да Го бараме со чиста и искрена желба, со сесрдност и подготвеност…
Патот кон големата средба има две врати, а ние сме слободни да избереме низ која ќе поминеме, според она кон што најдлабоко копнее нашето срце.
Дали сакам да ја спасам (исцелам) својата душа или само да си го зачувам животот и да поминам неколку убави години тука?
Што е она што навистина го сакам и го посакувам…?Првиот копнеж се остварува во заедница со Личноста на Христос. За вториот пат не е потребен Христос, зашто таму ѓаволот си ја врши работата и повеќе од добро.Што ли ќе избереме?
— отец Спиридон Скутис — Подготови Симеон Стефковски
25.10.2026


























