Свети Теофан Затворник
Универзалност на верата во Божјото постоење како пројава на духовниот живот.
Прашувате: “Како тоа Вие велите дека сите имаат дух со означени пројави; меѓутоа, зар се малку народите кои не знаат за Бога?“ Тие народи не знаат Кој е вистинскиот Бог, но дека Он постои – тоа сите го исповедаат. Верувајќи дека постои Бог и сакајќи точно да одредат што Он е, тие паѓале во заблуди па го нарекувале Бог она што не е Бог, на пример сонцето, месечината или ѕвездите, или нешто друго. Но сеедно биле во груба заблуда. Кога Бог ги расеал народите по лицето на земјата сите тие со себе понеле и здрави поими кои им биле предадени за Бога како невидлив Творец, Промислител, Судија и Давател на добра, и тоа кај сите се сочувало, но дека Он е нематеријален Дух тоа не го сочувале сите, туку ја замениле славата на бесмртниот Бог со подобието на смртниот човек и птици и четвороножни животни и влекачи (Рим. 1, 23). Тие го разбрале Бога, односно спознале дека постои Бог, но не Го прославиле како Бог (ст. 21). Од источните народи возвишени поими за Бог имаат персијанците, индијците, азијатските народи и американците. Грците и Римјаните, така да кажеме, Го раситниле Бога. Американските индиј(ан)ци на пример Бога Го нарекуваат дух на светот, кој е невидлив и сеопфатен. Тоа е многу возвишена претстава и духот препуштен сам на себе не може да иде подалеку од тоа. Азиските Индијци повеќе се вдлабочувале во спознавање на Бога, но, иако ја задржале претставата за Неговата невидливост, семоќ, и седејствителност, кога пробале поточно да ги одредат Неговите створителски и промислителни дејства, додале многу од тоа неосновано и напишале многу неверојатни приказни.
Ете значи во кој поглед ги има оние кои не знаат за Бога! А не во тоа дека навидум има народи кои исповедаат дека не постои Бог. Имаше некакви патници кои сведочеа дека божемно сретнувале народи кои воопшто не знаеле за Бога и не Му се поклонувале. Вистина во тоа сведоштво е само тоа, дека тие не чуле исповедање на верата и дека не виделе поклонение на Бога – но дека тоа го немало... Требало подолго да поживеат меѓу тие народи. Бекер во наше време цел месец живеел во некој народ околу езерата низ кои протекува Нил – и не видел богопочитување. Но, вели, дошла младата месечина, гледам, поглавицата се спрема некаде, се подготвуваат и сите старешини, го приготвуваат бикот. Во одреден ден тргнале на некакво ритче и го принеле бикот на жртва. Да отидев два-три дена порано, можев сосема искрено да посведочам како тој народ не Го почитува Бога.
Значи, сосема исфрлете си од глава дека има такви кои не го признаваат Божјето постоење. Постојат некои научници кои мислат да се снајдат без Бога, па заборуваат за тоа и пишуваат книги, но додека нивните јазици и пера точат такви празнословија, нивното срце зборува поинаку. Тие се гордеат со тоа што не веруваат во Бога, но многу е сомнително дали така би можеле да се држат и пред сопствената совест.
Оние кои Го познале Бога, покажуваат и совест, и Го почитуваат Бога, и Му се молат, и го очекуваат идниот живот, во кој секому ќе му биде дадено по делата негови. Силата која ги содржи сите такви верувања и убедувања е духот. Да заклучиме дека во секој човек постои дух – возвишена страна на човечкиот живот, сила која го влече од видливото кон невидливото, од минливото кон вечното, од створенијата кон Творецот, која е карактеристична за човека и која го чини различен од сите други живи суштества на земјата. Оваа сила може да ослаби во различен степен, нејзините барања можат криво да се протолкуваат, но не е можно потполно да се загуши или да се уништи. Таа претставува неодвоив дел од нашата човечка природа и кај секого се пројавува на свој начин.
Ете до каде ме донесовте со своето прашање. Но тоа не беше лошо. Сакав да Ви пишувам не за тоа, туку за она што се случило и што се случува во душата след дејствувањето на духот по неговото соединување со неа. Но за тоа – следниот пат.
(Продолжува)
Подготви: Б.Ѓ.
Посети:{moshits}