…внимавај на себе. Со други зборови, немој да внимаваш ни на она што е твое, ни на она што е околу тебе, туку исклучиво само на самиот себе. Бидејќи, едно сме ние самите, а друго – е она што е наше и она околу нас. Ние сме душа и ум, бидејќи сме создадени по образот на Творецот (сп. Пост. 1, 26). Наши се, пак, телото и сетилата, а околу нас се парите, вештините и другите животни пронајдоци. Што значат овие зборови? Немој да го пазиш телото, немој да трчаш на сите начини за телесни добра, односно за здравје, убавина, насладување, уживања и долговечност, немој да се восхитуваш на парите, на славата или господарењето. Немој да го сметаш за големо она што служи за привремениот живот, па грижејќи се за него, да го занемариш својот превосходен живот. Напротив, внимавај на себе, односно внимавај на својата душа. Неа украсувај ја и за неа грижи се, со својата грижливост да ја предупредиш секоја нечистотија која ја донесува порокот. Потруди се да ја очистиш од секој гревовен срам и да ја просветиш со секоја доблесна убавина. Испитај се самиот себе и познај ја својата природа. Сфати дека твоето тело е смртно, а душата бесмртна, и дека нашиот живот е двоен: едното е својствено на телото и брзо поминува, додека другото е сродно на душата и не дозволува опишување. Заради тоа, внимавај на себе, односно немој да запираш на смртното како на вечно, и немој да го презираш вечното како да е минливо. Занемари го телото кое поминува и грижи се за душата која е бесмртна. Со сета возможна грижливост проникни во самиот себе, па и на едното и на другото да им го дадеш она што е неопходно: на телото – храна и облека, а на душата правилата на побожноста, достојно однесување, подвизување во доблестите и исправување од страстите. Немој да го дебелееш телото, и немој да се трудиш околу плотските неспокојства, бидејќи телото сака против Духот, а Духот против телото, а ова се противи едно на друго (Гал. 5, 17). Внимавај, здебелувајќи го телото да не му дадеш поголемо господарење на она што е полошо. Ако во прилика на мерење на вагата го оптеретиш едниот тас, ти ќе го олесниш другиот, кој му е спротивен. Слично се случува со телото и со душата: изобилието во едно нужно ќе предизвика недостиг во другото. Кога телото е во добра состојба и обременето од здебеленост, умот нужно ќе биде тешко подвижен и слаб за нему својствените дејствија. Меѓутоа, кога душата е добро устроена и со поучување во доброто возвишена до големината која & доликува, неминовно ќе дојде до овенување на телесните стремежи.
(продолжува)…
Подготви: Михаила Поповска
Посети:{moshits}