Свети Теофан Затворник
Третата страна на човечкиот живот: духовен живот. Главни пројави на духовниот живот: страв Божји, совест и жед за Бога. Човечко достоинство.
Пишувате: “Се обидов да ги задржам своите мисли на сериозни теми и никако не можев. Мислев дека тоа зависи од мојата ненавикнатост да размислувам, па земав добра книга за да можам со нејзина помош да го држам умот во размислување за она што е корисно – и пак исто. Умот се нешто бега на страна и по глупости. Конечно сосема се замислив.
И кај се не бев, и какви приказни се не исплетов. Некој од домашните ме прекина со прашањето: ‘За што толку размислуваш? За што?‘ А јас воопшто не размислував туку мечтаев. Така беше и порано, но на тоа не обрнував внимание. Сега гледам дека така не треба да биде; но како тогаш? Никако да излезам на крај со мислите“.
Како со тоа да излезете на крај, ќе Ви кажам после; а сега само Ве молам на тоа Ваше набљудување да додадете уште нешто: пробајте макар еден ден да поминете без лутење и досада, и кажете како тоа Ви тргнало од рака.
Потоа ми го поставувате прашањето: “Вие сте заклучиле: еве Ви ја душата и душевниот живот. Но не го споменавте сето она што е случува во душата. За добродетелите и побожноста не кажавте ни збор. А јас гледам дека во нашето семејство, кај роднините и многуте пријатели, тие се на прво место, и тоа не само на зборови туку и на дело. Како така ова да не го споменавте?“
За тоа токму се подготвував да пишувам. И минатиот пат сакав да го кажам она што ќе го кажам сега, но одлучив малку да почекам и да видам што ќе кажете за она за што зборував. И еве го сега Вашето прашање. Ви благодарам на сериозното занимавање со она што беше изложено. Тоа е достојно за Вашата толку сериозна главичка. Она што забележавте како пропуст всушност и не беше пропуст, туку станува збор за тоа, дека, на работите за кои Ви се присторило дека се пропуштени всушност таму не им било ни место. Оти не е работа на душата да се занимава со тие предмети. За тоа постои дух, а душата е сета свртена исклучиво кон уредувањето на нашиот минлив, земен живот. И сите нејзини знаења устроени се само кон она што дава опит, и сета нејзина дејност насочена е исклучително кон задоволувањето на потребите на минливиот живот, и сите нејзини чувства се раѓаат само од она и почиваат само на она што ги претставува нејзините видливи состојби и ситуации. Се што е над ова – не е нејзина работа. Ако кај неа и бива нешто повеќе од тоа, тоа се само гости кои и дошле во посета од друга, повисока област – од областа на духот.
Духот, како сила која произлегла од Бога, Го знае Бога, Го бара, и само во Него наоѓа мир. Со некое тајно духовно чувство духот се уверува во своето божествено потекло, ја чувствува својата потполна зависност од Бога и се смета за обврзан да Му угодува на секаков начин, да живи само за Него и со Него.
Поочигледни пројави на овие движења на животот на духот се:
1. Стравот Божји. Сите луѓе, на кој било степен на развиток да стојат, знаат дека постои врховно суштествот, Бог, Кој се створил, се држи, и со се управува; сите знаат дека Он е судија и Давател на наградите на секого по делата негови. Таков е природниот символ на верата напишан во духот. Исповедајќи го него, духот побожно стои пред Бога, исполнет со стравот Божји.
2. Совест. Знаејќи дека е обврзан да Му угодува на Бога, духот не би знаел како да и угоди на оваа обврска кога во тоа со него не би раководела совеста. Соопштувајќи му го на духот делот на Своето сезнаење преку споменатиот природен Символ на верата, Бог во него ги зацртал и барањата на Својата светост, правда и добрина, поверувајќи му ги нему самиот да внимава на нивното исполнување и да суди за својата исправност или неисправност. Оваа страна на духот и е совест, која укажува што е право а што не е, што Му е угодно на Бога а што не е, што треба а што не треба да чини; откако ќе укаже, во состојба е да принуди на извршување, а потоа за извршувањето наградува со утеха, а за неисполнувањето со грижа. Совеста е законодавец, чувар на законот, судија и извршител на санкциите. Таа ги претставува природните таблиц на Божјиот завет кој се простира на сите луѓе. Кај сите луѓе можеме со стравот Божји да го видиме и делувањето на совеста.
3. Жед за Бога. Таа се изразува преку сеопшт стремеж кон сесовршеното добро и јасно се гледа во сеопштото незадоволство со ништо створено. Што означува тоа незадоволство? Тоа, дека нашиот дух не може да задоволи ништо створено. Тој излегол од Бога, Го бара Бога и сака да Го вкуси, пребива во живиот сојуз и единството со Него, во Него наоѓа мир. Кога тоа ќе го достигне пронаоѓа мир, а дотогаш не може да се смири. Колку и да има некој материјални добра, се му е малку. И сите, како забележавте, само бараат и бараат. Бараат и наоѓаат, но кога ќе најдат фрлаат и повторно тргнуваат во потрага, за да кога ќе го најдат и тоа, го отфрлат исто така. И така без крај. Тоа значи дека не бараат она што треба, и не бараат таму каде што треба. Зар тоа не покажува доволно јасно дека во нас постои сила која не влече од горе од земјата и земното и не влече нагоре – кон небеското?
Не Ви ги толкувам детално сите овие пројави на духот, туку само Вашите мисли ги насочувам на неговото присуство во нас; Ве молам да размислите подобро за тоа и да се доведете себеси до потполна убеденост во тоа дека во нас постои дух. Оти тој претставува карактеристична црта на човекот. Човечката душа не прави нешто повисоки од животните, а духот покажува дека сме само малку помали од ангелите. Вам секако Ви е позната смислата на фразите кои се во оптек кај нас: дух на писателот, дух на народот. Тоа е севкупност на карактеристични црти, вистински, но на одреден начин и идеални, кои не можат да се опфатат или почувствуваат, но можат да се дознаат со умот. Човековиот дух е исто тоа; само што духот на писателот, на пример, се доживува идеално, а човековиот дух во него е присутен како некаква жива сила која со живи и очигледни движења сведочи за своето присуство.
Би сакал од реченото Вие да го извлечете следниот заклучок: оној во кого нема движење и дејствување на духот, тој не стои во линија на човечкото достоинство.
(Продолжува)
Подготви: Б.Ѓ.