Свети Григориј Богослов
Животопис, творештво и карактеристики
Тој е големо светило на верата и благочестието, на првославието и поборништвото. Роден бил во малото гратче Арианз, близу градот Назианиз, околу 330 година. Рожба е на прочуен и благочестив дом - потомок на богат и влијателен род. Татко му се викал исто така Григориј и на почетокот бил паганин, виден администратор, а подоцна станал и епископ на градот Низианзин. Мајка му се викала Нона и била класична христијанка и прекрасна мајка, ќерка на благочестивиот Филтат и сестра на прочуениот ретор Амфилохиј, татко на епископот свети Амфилохиј Иконски. Нона била учителка на својот сопруг во верата, како и воспитачка на своите деца – Григориј, Горгонија и Кесариј. Се прославила во христијанската агиологија.
Прво училиште на свети Григориј бил домот. Тука научил да чита и пишува и под раководство на својот татко и вујко, ги направил првите стапки на реториката, во која подоцна ќе се прослави по сиот свет. Подоцна, образованието го оформил во Кесарија Кападокиска, каде и се запознал со свети Василиј Велики. Оваа средба била промислена од Бога и тие по ова премногу се зближиле, како браќа во Христа. Григориј бил силен ум и најмногу се прочул по неговите текстoви за Света Троица, за што го добива и епитетoт- Богослов. Се докажал и како борец против богоборецот Јулијан Апостата, кого Григориј го нарекол зло за тронот, државата, верата и народот. Бил борец и против ереста на Аполинариј.
Григориј бил ракоположен за епископ од страна на Василиј во 371 година во градот Сасим. За ова се вели дека го направил по послушание, а не по својата скромна волја. Градот бил собиралиште на скитници и злосторници, а материјално преживувал во тешка мизерија. Потоа оди во Цариград, на мисија. Тука ги изнел своите пет класични слова За богословието, а и непрестајно му принесувал служба на Бога. Ариевските еретици го клеветеле и беснееле поради неговата дејност и дури посегале по неговиот живот, фрлајќи камења по него кога се движел по улиците. Го сквернавале неговиот параклис и сл. Така, Григориј својата слава во Црквата ја заработувал со понижувања и болка. Бил кроток и смирен архипастир. Рекол: ,, Нека постанам јас пророк Јона, не сум виновен за бурата, но се жртвувам за спасението на коработ( мислејќи на Црквата). Земете ме и фрлете ме... Јас не се радував, кога се искачив на престолот, затоа сега, со задоволство слугувам на него,,. Вака, свети Григориј станал неповторлив пример за жртвеност на клирот за својот народ. Напуштајќи го гнездото на суетата и лицемерието, на лукавството и зависта, оди во Назијанзин и ја презема катедрата на својот татко. Тука ги негува богомудрието и осаменоста во молитвата. Се упокоил во 389 година. Неговиот живот бил потполно свет и беспрекорен, се прославил во говорништвото, пројавил чиста и совршена вера. Тој е надарен поет, одличен мисионер, жртвен стилист и совршен човек. Од него се сочувани 45 проповеди, 508 стихозбирки и 243 писма во обемни два тома. Оваа духовна ризница и денес е прилика за Црквата. Тој на ненадмилив начин ја објаснува тајната на Троичноста на Едниот Бог и по тоа ќе остане славен и запаметен до крајот на векот.
Извадок од книгата - Духовни бисери од Светите Отци
Подготви: Алек
Посети: {moshits}