БЛАГОДАТНАТА ВЕРА
1. Седум значења за верата
Вера е некој да верува во недостижниот Бог, Кој од небесата ги вовел во битие, земјата, морето и целото видливо и невидливо создание. Таква вера имале сите древни пророци и праведници, од Адам до воплотениот домострој на нашиот Владика Исус Христос.
Вера е, откако се воплоти Христос, да се верува во Отецот и Синот и Светиот Дух, во едното Суштество во три Лица и во големото Таинство на воплотувањето на Христос, т.е. дека Синот и Словото на Бога и Отецот, без да се оддели од Отецот, слезе од небото и се воплоти од Духот Свет и Марија Секогашдева и стана совршен човек, од телото и разумна душа - соединети со Божеството и човештвото, соединети неразделно и неслиено; дека Тој доброволно страдал и бил распнат, и погребен бил исто така доброволно, и дека кога во времето на смртта се одделила неговата душа, Божеството не се одделило ни од Неговата душа, ни од телото:
Дека Он на третиот ден воскресна и по четириесет дена се вознесе на небото, како човек, и седи на престолот на Своето Божество со Својата плот, воспеан со Отецот и Светиот Дух, од сите небесни војски; дека сите овие таинства на воплотениот Христов домострој беа извршени за оние што веруваат во Него, повторно да се облечат во благодатта на Светиот Дух, да ги исполнуваат заповедите Божји и да го победуваат ѓаволот и сите невидливи демони; зашто без Светиот Дух никој не може ни гревот да го избегне, ни да ги исполнува заповедите Божји, ниту да ја одбива власта и силата што ја добиле над нас демоните.
Вера уште е , некој да им верува на ветените добра кои се изречени во Божествените Писма, за оние што ги исполнуваат заповедите Божји и на опасностите од вечните маки, за оние кои ги нарушуваат.
Вера уште е, некој да е верен на се` што е Божјо; догмати ли се, или заповеди, или подобро да се рече, да е верен на благодатта на Светиот Дух, заради што секој христијанин и се нарекува верен.
Вера уште е, некој да се довери себеси на самиот Бог и од сета душа само на Него да го положува целото свое спасение.
Вера уште е, некој да е уверен дека Бог прави се` што сака Неговата благост и да е убеден дека, Он тоа го прави на најдобар начин.
Вера уште е, некој да се надева на големата и непобедива сила на Бог Седржителот и да биде смел заради неа, така што би заповедал и гори би преместувал; до таква вера малкумина достигнуваат, како што е и напишано, дека немаат сите таква вера(2 Сол. 3,2).
Неможно е да се спаси некој, ако ја нема недостижната и цврста вера во Христа Господа, кој без премислување не верува во зборовите Божји, кој нема љубов кон Бога и кон луѓето, љубов што настанува од добрата совест, од која се раѓаат смирението и милостовоста.
2. Преку верата човекот
се удостојува за Божјата благодат
Заради верата, пред секоја друга добродетел, доаѓаБожјата благодат, како основа на секоја добродетел и дури со помош на Божјата благодат се востанува секоја добродетел во срцето станува дејствена; така што секоја добродетел, која не настанува од Божјата благодат, кај Бога не се смета за вистинска добродетел, бидејќи таквата не е Божја, се случува и демоните да на некого некои јавни добродетели, наречувајќи ги луѓето да изгледаат целомудрени, милостиви, кротки, и преку тоа држејќи ги во високоумие и гордост. Благодатта Божја доаѓа во човекот, макар и осквернет, но кој има доброисповедно (благопризнателно) срце, а вистинска доброисповедност е тоа, со срцето да исповедаш дека, благодатта е благодат (= добар дар). И неможно е, оној што ја добил благодатта да биде со добра исповед (на верата) и благодарен, ако прво не ја признава големината на благодатта што ја добил. Оние што не сознаваат колку е голема благодатта што ја добиле, не ја задржале.
И така, треба да се знае, дека благодатта на Светиот Дух доаѓа во секој што верува во Христа, не заради добрите дела што тој ги направил (ако би доаѓала заради добрите дела , не би била благодат, туку плата за делата); но, таа тоаѓа заради верата во Бога, доаѓа пред сите добри дела и дури на неа како на цврста основа, се градат добрите дела, кои само со помош на благодатта и се покажуваат совршени, така што делата што се прават без благодат на Светиот Дух, Бог не не ги смета за ништо – како сосем да не постојат. Доброто веќе не е добро, доколку тоа не е добро (на добар начин) направено, а не е можно доброто да биде направено без благодатта Христова. Ако тоа би било можно, Бог не би дошол на земјата да стане човек, за да му ја дарувал на човекот таквата благодат, исклучиво со чија помош секое добро може да биде направено. И блажен е човекот кој познал дека со помош на благодатта Христова секое добро може да биде добро направено, а очаен е оној што не го познал ова: таквиот напразно ја држи верата Христова.
Еве зошто повеќето луѓе, кога пеат псалми и молитви творат, само со уста ги произнесуваат псалмите и молитвите, а нивниот ум води разговор со бесовите, затоа што тие – бесовите, го земаат умот и го опктужуваат со суетни помисли, светски, плотски, злопсметливи, за доброто, молитвата псалмопеењето да не би било добро правено, т.е. како што треба, на начин што на Бога му е угоден. Не е очигледно ли ова, дека доброто не може да биде добро правено без Христовата благодат? Ако е неможно доброто да биде добро направено без Божјата благодат, тогаш со какво вистинско добро може да се фали човекот како тоа да е сопствено, негово дело? Со никакво. Затоа вистинските христијани, сознавајќи дека ништо добро немаат во себе од себе, туку се` од Божјата благодат, секогаш се смирени и скрушени, што служи и како празник за вистинските христијани. А високоумието, занесенувањето, суетославието, дрскоста, гордоста, славољубието и привидното смирение, кои настануваат заради човечка слава, се признаци за невистинските христијани.
3.Без вера не може да му се угоди на Бога
Така, верата и делата се две нешта, кои нераздвојно се поврзани меѓусебе. Верата е за добри дела, а добрите дела се вршат не за верата, туку со посредство на верата. Без вера никој не може да твори добри дела и да му угодува на Бога; затоа што благодатта на нашиот Господ Исус Христос заради верата доаѓа во оној што поверувал во Него. Според мерката на верата, каква е кај секого, се дава и благодатта. Кој има голема вера, нему му се дава голема благодат. Кој има мала вера, мала му е и благодатта. Но, треба да се памети и тоа дека само верата, па нека е и вистинска и православна, без добри дела нема да му донесе корист на некој што верува. Како појава на верата служи силата што излегува од верата. Сила пак, на појавата служи ревносното исполнување на Божјите заповеди и на богоугодните дела. Зашто, живо дејствување ( енергија) произлегува од силата со која, некој што ја има, може да направи нешто. И така, бидејќи е неможно без вера да му се угоди на Бога (а, на Бога му се благоугодни добрите дела), јасно е дека верата ја дава силата за творење на добрите и богоугодни дела според Божјата волја. Под вера пак, овде во однос на ова што го зборувам, се подразбира не онаа: само да се верува во Христа и во сите негови зборови, но токму оваа: да се биде смел заради Христа и во срце да се носи уверението дека со Христовата сила можеме и од злото да се ослободиме и секоја добродетел да ја извршиме, како што исповедал и светиот апостол Павле, велејќи: Повеќе од сите се потрудив, не јас, туку Божјата благодат, која е со мене (1.Кор.15,10).
И така, кој не се удостоил да ја добие Христовата благодат и да ја познае како умно својствена на својата душа, тој суетно го носи името христијанин. Тој е ист како иноверните, Тој може да мисли дека го избегнал секое зло и поминал низ сите добродетели, но навистина е лажливец и лицемерен. Нека ги раздал сите свои имоти на сиромашни, нека пости, бдее, нека спие на гола земја, нека се моли, нека вика: Господи помилуј! Но, ако во срцето нема убедувања дека Божјата благодат, која се дава за верата, е Божја милост, и не ја бара оваа благодат да ја добие пред се` друго; ако не мисли дека само за добивање на оваа благодат тој го раздал својот имот и се подложува на лишување и страдања, ако не се подвизува со таа цел; за да ја добие благодатта за прв пат преку Крштението, или, ако ја имал, а таа си заминала заради негов грев, повторно да ја врати преку покајанието, исповедта и самопонижувачки живот, туку дава милостиња, пости, прави бденија, молитви и друго, не со таа цел и не само за овој крај, туку мисли дека извршува славни добродетели и сами по себе вредни пред Бога добри дела; тогаш суетно се труди и се измачува.
Таа цел е онаа, за која спомнав, и од почетокот на светот е скриеното таинство на христијанството, кое се јави во последните времиња (Кол. 1.26). Неа ја подразбира Павле, кога зборува за Бога, дека Он сака сите луѓе да се спасат, и до познавање на вистината да дојдат (1.Тим. 2,4). Зашто , познавањето на вистината не е нешто друго, освен самата благодат. Таа е вистината, која настана преку Исуса Христа, според светото Евангелие (Јн.1,17) И христијанинот не може да најде милост кај Бога, ако не ја познае оваа благодат. Зашто, како што Христос не можеше да твори знаменија и чуда за неверните, така Он не може да помилува никого од оние што, иако веруваат во Него, не познале претходно, дека Христовата благодат, од него и преку Него давана, таа самата и е милоста и спасението. Никој не може на друг начин да се спаси,(освен) ако не ја добие божествената благодат, која треба да го обожи или да го направи бог по благодат. Да се расположиме и ние, браќа, само за оваа цел да ги твориме сите свои дела, т.е. да ја добиеме и познаеме Божјата благодат и милоста од Исуса Христа, нашиот Господ, Кому слава и сила Му, со безпочетниот Негов Отец и со Светиот Дух, во вечните векови. Амин.
Превод од Руски јазик: ѓакон Тони Петрушевски
Посети: {moshits}