Скопје, 13 ноември 2011 (МИА) - Јас имам име, Македонка сум и така сакам светот да ме третира. Тоа е мое основно човеково право. Денеска сум овде за да не бидам од мноштвото безимени, изјави Билјана Котлар - Сакоман од Скопје, професор по македонски јазик, која се потпиша за поддршка на „Манифестот на Македониумот“, што денеска масовно ја изразуваа граѓаните пред Домот на АРМ во Скопје.
Таа потенцира дека сака да ја искаже својата поддршка и да ја поткрене свеста кај останатите граѓани кои се чувствуваат како неа, но немаат храброст да дојдат и да се потпишат. - Сите Македонци што помасовно да излезат бидејќи молчењето е одобрување. Ако не се согласуваат да бидат едни од многуте безимени да дојдат и да се потпишат, рече Котлар - Сакоман.
Кирил Манчев од Скопје изјави дека дошол да се потпише на „Манифестот на Македониумот“ бидејќи, како што рече, ние сме Македонци родени и Македонци ќе умреме.
Според него, бришењето на придавката „македонски“ од Извештајот на ЕК е срамота за Европа. - Срамота е да го смениме нашето име. Нашите дедовци и прадедовци биле со тоа име. Секој кој ја сака Македонија нека излезе овде и да и каже „не“ на Европа за менувањето на името, изјави Манчев.
Пензионерката Босилка Ризовска протестира бидејќи смета оти ЕУ треба да не почитува достоинствено зашто, како што рече, Македонија секогаш била и ќе биде Македонија. - Нашето милениумско име никој не може да ни го земе. Секогаш ќе го браниме и на Европа ќе и кажеме дека Македонија е она што сме ние и Македонија секогаш ќе постои, изјави Ризовска, додавајќи дела дефинитивно Македонија треба да влезе во друштвото на сите европски народи.
- Ние зборуваме македонски јазик, пишуваме кирилично писмо на кое и господинот Филе бил обучуван зашто до таму стигнале Кирил и Методиј, со нашето кирилично писмо, потенцира Ризовска и им порача на сите Македонци да излезат да протестираат бидејќи, како што рече, со тоа се брани нашата држава, идентитетот и интегритетот.
Марче Христовски од Скопје смета дека бришењето на придавката „македонски“ од страна на европските институции е смешно. - Да се избрише еден јазик, да се избрише идентитет на еден народ мислам дека тоа е политички геноцид и погрешно е. Сите да дојдат и да се потпишат за одбрана на нашиот идентитет, рече Христовски и потенцира дека најважно е Македонците да бидат сплотени.
Во Домот на АРМ денеска самоиницијативно дојдоа околу 400 граѓани за да ја дадат својата поддршка и истакнаа дека најмногу за ова се информирале преку медиумите.
Поддршка на „Манифестот на Македониумот“ досега дадоа повеќе уметници и спортисти. Оваа иницијатива се потпишува откако група македонски спортисти и уметници реагираа на изоставување на придавката „македонски“ во Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија.
Студентски организации од Скопскиот, Битолскиот и Штипскиот универзитет со своите раководства вчера со собир спроти хотелот „Бристол“, преку симболично чекорење по улицата „Македонија“ се упатија во Домот на АРМ каде се потпишаа на „Манифестот на Македониумот“ и ја дадоа својата поддршка.
Манифестот беше претставен пред неколку дена и негови примероци се оставени во Домот на АРМ, во спортскиот центар „Борис Трајковски“ и во Друштвото на писателите на Македонија. Откако ќе се соберат одреден број потписи, Манифестот ќе биде доставен до Делегацијата на Европската унија во Скопје и лично до еврокомесарот Штефан Филе.
Во Манифестот се вели дека Македонците се шокирани од актот на бришење на придавката „македонски“ и оти Македонците се рамо до рамо, ако не во економијата, тогаш во уметноста, науката и спортот со европските народи.
- Бришењето е чин кој како што покажува светската историја, никогаш не успеал, дури ниту како картографски метод. Може да избришете и цела територија на некоја мапа, цела држава, но никогаш не ќе можете да избришете цел народ. И бидејќи ние Македонците сме народ, а никој никогаш не избришал народ, може некој таму да „избрише“ поединец-Македонец, но народот во целина не може. Апелираме да влијаете врз сите оние политички сили кои на Република Македонија и пристапуваат со гумичка за бришење и ве молиме да ги потсетите дека Македонија е реална, но и мистична земја. Зошто инаку би била спомената 28 пати во Библијата, стои во Манифестот.
Поради големиот интерес на граѓаните за поддршка на Манифестот на Македониумот, Организацискиот одбор одлучи процесот на собирање потписи од граѓаните и организациите да продолжи и во текот на следната недела.
Покрај двата постоечки пункта за поддршка кои се наоѓаат во Скопје, во Домот на АРМ и во салата „Борис Трајковски“, од утре такви пунктови ќе бидат отворени во сите Домови и Центри на културата во Македонија со што на сите граѓани ќе им биде овозможено да учествуваат во оваа иницијатива.
Процесот на собирање потписи за поддршка ќе трае до петок, 18 ноември, кога ќе бидат презентирани и наредните чекори во насока на запознавање на европските институции со ставот на граѓаните на Република Македонија.
- Упатуваме благодарност до граѓаните и организациите за покажаното високо чувство на свест и одговорност и за масовната поддршка, како и посебна благодарност до медиумите за вниманието и третирањето на темата и поддршката на оваа сенародна и благородна иницијатива, се наведува во денешното соопштение од Организацискиот одбор. мд/паг/14:39