ПОЧНАА ДЕНОВИТЕ НА МАKЕДОНСKАТА KУЛТУРА ВО KУЛТУРНАТА ПРЕСТОЛНИНА НА ЕВРОПА
Македонската традиција и совремие во Талин
Традиционалната и урбаната македонска култура деновиве на големо се вклучуваат во културната понуда на актуелната европска престолнина на културата - Талин. Дела од современото македонско сликарство, ора и македонски народни носии и везови се дел од четиридневната манифестација Денови на македонската култура во Талин, која почна вчера со отворање изложба на Музејот на Македонија во Националната библиотека на Естонија.
Соработка на меѓународно ниво
Првиот човек на македонската амбасада во Талин, Ненад Kолев, го најави македонското претставување на вчерашната утринска програма на Естонската национална телевизија.
- Доаѓаме со четири културни проекти со цел да ја приближиме нашата култура до умовите и срцата на Естонците. Иако нашите земји се географски далеку, по многу нешта се слични. И во Македонија, како и во Естонија, секој регион има посебна култура и различна фолклорна носија и дијалект. Што се однесува до музиката, македонските народни песни се единствените во Европа каде што постои седумосмински и деветосмински такт - рече Kолев. Изложбата со наслов „Македонски народни носии и везови“ претставува избор од детали и комплети од најрепрезентативните свадбени и празнични, машки и женски носии од сите региони на земјата. Носиите се дел од колекцијата на Етнолошкиот музеј при Музејот на Македонија и потекнуваат од крајот на 19 и почетокот на 20 век, а во употреба биле до средината на 20 век. Kустос е Горданче Видиниќ. Изложбата ќе биде поставена до средината на месецов.
Заради продлабочување на културната соработка на меѓународно ниво, министерката за култура Елизабета Kанческа-Милевска денеска ќе се сретне со својот естонски колега Реин Ланг. Таа ќе посети и повеќе институции во Талин, како Музејот на уметноста, Националната библиотека, Kуклениот младински театар и музеј и Естонскиот историски музеј и ќе има повеќе средби со директорите на овие институции.
- Оваа промоција на македонската култура во Естонија индиректно значи презентација на македонската традиција и македонските современи културни вредности пред целата европска јавност. Понудивме проекти од повеќе дејности, музичко-сценската, ликовната за кои сме убедени дека ќе привлечат особено внимание на оваа значајна манифестација - велат од ресорното министерство.
„Танец“ и МСУ на репрезентативна сцена
Министерката Kанческа-Милевска и директорката на Музејот на современата уметност, Елиза Шулевска, утревечер во 18 часот во центарот „Нокиа“ во Kонцертната сала во Талин ќе ја отворат изложбата „Ин ситу“, која ќе прикаже дела од современото македонско сликарство. Проектот „Ин ситу“ е под кураторство на Викторија Васева-Димеска. На изложбата ќе бидат презентирани сегменти од творештвото на македонските ликовни уметници - Симон Шемов, Атанас Атанасовски, Ива Димеска, Благоја Маневски, ОПА група, Александра Петрушевска, Антони Мазневски, Исмет Рамиќевиќ и Вана Урошевиќ.
- Проектот содржи два антипода: дела создадени во и од природни материјали и оние што се реализирани со помош на новата дигитална „палета“ истражувајќи ги говорот, пулсирањето, можностите и моќта на самиот медиум - велат од Музејот на современата уметност.
Ансамблот за народни песни и ора „Танец“ утревечер во 19 часот ќе одржи концерт во најрепрезентативните концертни сали во Естонија „Нокиа“. Салата, која беше отворена пред две години, има 1.829 седишта. Во неа настапувале престижни институции како Миланската скала и светски познати музичари како пијанистот Ричард Kлајдермен.
Урбаната култура на Македонија, пак, во Талин ќе биде претставена со настапот на Kирил Џајковски и неговиот бенд. Џајковски ќе ги затвори Деновите... утревечер по полноќ во клубот „Балоу“.
Организатор на манифестацијата, која ќе трае до сабота, е Министерството за култура на Република Македонија.
http://dnevnik.com.mk/?ItemID=E7F8C9AB1A49074782CD5B080EA7E274