Москва, 16 октомври 2011 (МИА) – Во Москва синоќа свечено беа отворени Деновите на македонската култура во Русија, со концерт во реномираниот Конзерваториум „Чајковски“, на кој со Московската филхармонија како солисти настапија оперските уметници Ана и Игор Дурловски.
Манифестацијата, која ќе трае до 18 октомври, ја отвори министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која ги нагласи пријателските односи меѓу Македонија и Русија, посебно во областа на културата.
- Оваа ноќ во Москва е историски датум со неизбришливо значење за руско-македонските духовни односи, кои ги одбележуваат епохите од свети Кирил и Методиј до свети Климент и Наум и градот Охрид како словенски Ерусалим, од каде што рускиот кнез Владимир пред повеќе од илјада години го пренел вечниот пламен на христијанската љубов што трае до ден-денес, рече Канческа-Милевска.
Во своето обраќање таа ги спомна културните врски со Русија на најистакнатите творци и интелектуалци во македонската култура и наука.
- Големиот македонски поет Константин Миладинов ја напишал својата митска песна „Т’га за југ“ во Москва; македонскиот книжевник и преведувач Рајко Жинзифов целиот свој живот му го посветил на руско-македонското зближување; првиот македонски митрополит Партенија Зографски, со своите дела го одбележал историскиот сон на руско-македонското духовно единство. Григор Прличев, вториот балкански Хомер, ја напишал првата пансловенска граматика во Македонија, а врвниот интелектуалец на македонската национална политичка револуција, Мисирков, ги поврзал своите визии за модерна Македонија со својата безгранична љубов спрема Русија во своето капитално дело „За македонцките работи“, истакна министерката за култура.
Канческа-Милевска посочи и дека минатогодишните Денови на руската духовна култура во Македонија и оваа манифестација, која покрај во Москва ќе се одржува и во Санкт Петербург, зборуваат за континуитетот и желбата заеднички да се надминат границите на сопствениот културен простор.
Концертот во Конзерваториумот „Чајковски“ го водеше холандскиот диригент Артур Арнолд. Покрај арии од делата на Хендл, Моцарт, Белини, Верди, Доницети, беа изведени и обработени македонски народни песни.
Деновите на македонската култура во Русија дутре продолжуваат во Санкт Петербург и завршуваат во вторник. хс/ва/10:08