Скопје, 16 октомври 2010 (МИА) - Со традиционалниот маратон од Нова Градишка до Крушево, концерти, спортски натпревари и со емисии посветени на Тоше, се одбележуваат четири години од неговото загинување во сообраќајна несреќа во Хрватска.
Денеска, на денот на трагичната смрт на најголемата македонска музичка ѕвезда, Радио-телевизија Србија од 21 часот на својата прва програма ќе емитува специјална емисија за Тоше „Балкан - сеќавање на Тоше“. Колеги и пријатели на Тоше од републиките на поранешна Југославија ќе пеат негови песни, во придружба на Симфонискиот оркестар на РТС.
Ќе настапат Аки Рахимовски, Калиопи, Хари Варешановиќ, Тони Цетински, Сергеј Ќетковиќ, Александра Радовиќ, Јелена Томашевиќ, Ања Рупел, Антонија Шола, Бора Дугиќ, Нина Радојчиќ, Саша Ковачевиќ, Борис Режак… Во двочасовната програма ќе бидат емитувани документарни материјали, снимени во Скопје и во Крушево, во кои за приватниот и професионалниот живот на Тоше ќе зборуваат неговите пријатели и соработници од Македонија.
Годишнината од смртта на Тоше се одбележува и во Хрватска, во организација на Амбасадата на Република Македонија во Загреб, во соработка со Меѓународната Фондација „Тоше Проески“ - Крушево, Бродско-посавската жупанија и градот Нова Градишка.
Традиционалниот мегамаратон од Нова Градишка до Крушево почна на 13 октовмри во 06 часот и 5 минути пред спомен-обележјето „Тоше Проески“, што минатата година беше поставено пред Електротехничкото училиште, местото од каде што пред четири години беа пренесени посмртните останки на Тоше. Маратонците вчера пристигнаа во Скопје, а денеска се на гробот на Тоше во Крушево. Во чест на Тоше во Нова Градишка настапија македонската рок-група „Леб и сол“, Ламбе Алабаковски и хрватската поп-рок група „Русвај“.
Вчера се одржа ракометен натпревар на ветерани од Нова Градишка и од Македонија, а одбележувањето во Хрватска заврши со македонска вечер, на која се служеше македонска храна и вино, информираа од Амбасада во Хрватска.
Оваа година, на втор ден Велигден, беше отворена Спомен-куќата на Тоше во Крушево, во која преку 350 автентични експонати се претставени детството, тинејџерските години, врвот на музичката кариера и вербата и хуманоста на Тоше Проески. Меѓу нив се и две восочни фигури на Тоше во природна големина. Спомен-куќата од бетон и стакло во форма на крст, која се простира на околу 870 метри, е меѓу најпосетуваните музејски установи во Македонија.
„Дневник“ минатата недела објави дека деновиве на леење ќе биде испратена и скулптурата на Тоше што ќе биде централна меѓу 29-те бронзени статуи на Мостот на уметноста, што ќе ги поврзува ГТЦ и кружната зграда на Јавното обвинителство во Скопје. Таа ќе биде висока два метра и е дело на академскиот скулптор Сретко Јовановски.
На 5 октомври на плоштадот „Македонија“ се одржа и манифестацијата „Ѕвездено небо“ со која „Тоше фан клубот“ трета година по ред го одбележа последниот концерт на Тоше, одржан на Градскиот стадион во Скопје. На 5 октомври 2007 година, амбасадорот на УНИЦЕФ пееше три часа пред 25.000 публика за да се соберат средства за обнова на училиштата во Македонија. Во чест на својот музички идол, неговите обожаватели и оваа година организираа крводарителска акција. хс/ва/11:27