МАКЕДОНСКИТЕ КОРЕНИ
ПРОМОВИРАНИ ДВЕ НОВИ КНИГИ НА Д-Р ПЕТАР ПОПОВСКИ
12 октомври 2011 година, Скопје, Македонија - Јазикот, фонетското писмо, личните имиња, топонимите, теогонијата се непобитни аргументи за поврзаноста на древните и современите Македонци, рече д-р Петар Поповски на денешната промоција на неговите книги „Македонските корени“ и „Филип Втори, Александар Трети Македонски и Георгија Кастриот Искендер во македонското мијачко епско народно творештво“.
- Нашата историја е градена врз основа на туѓи пропаганди и идеологии. Време е нашата историографија да тргне во нова насока. Македонскиот како ниту еден друг народ има такво културно наследство што нуди цврсти аргументи за тоа кои сме и што сме, рече Поповски.
Промоторот на книгата Вангел Божиновски истакна дека Поповски во „Македонските корени“ го разбива официјалниот податок дека денешните Македонци дошле од зад Карпатите во 6 век и теоријата за големата преселба.
- Големи преселби во новата ера немало, постоеле во неолитот. Нив ги отфрла и светската наука, а не ги потврдува ниту археологијата зашто не постојат артефакти дека некој доселен народ ја сменил културата што постоела на овие простори, рече Божиновски.
Според него, официјалната историја, историчарите и МАНУ, се заробени во незнаење, а таа, како што рече, е изрежирана од европската историографија, има корени во 17 век, а овде во употреба е од 1924 година.
- Од тој момент исчезнува суштината на македонската историја, но не и од свеста на Македонците... Поповски чекор по чекор, методолошки ги растура стереотипите што се уште ги има во образовниот систем, во кој Македонците се претставени како дојденци. Тезата за доаѓањето е растурена со богати аргументи.... Во 1924 е одземено достоинството на еден народ заслужен за основање на европската цивилизација и култура, додаде Божиновски.
За книгите на Поповски зборуваше и Тодор Петров, претседател на Светскиот Македонски Конгрес, кој рече дека кај нас, за жал, се уште се учи грчката историја за Македонија и дека Поповски е редок историчар кој пишува македонска историја.
- Д-р Поповски ги демистифицира сите квазитеории кои легализираат и легитимираат лажни истории за Македонија и за Македонците. Ако историјата ја толкувате од апсект на актуелната геополитика, секогаш ќе доаѓате до погрешни заклучоци... Територијата на Македонија била се до Кина и Индија, распослана на три континенти - Европа, Азија и Африка. Не посакуваме да ја патентираме и монополизираме. Големите цивилизации не патат од комплекс на ексклузивитет... Друго е прашањето за договорот меѓу Белград и Атина по поделбата на Македонија во балканските земји 1912-1913, републиката во рамките на поранешна Југославија, оваа наша Македонија, да се изолира од сопствената историја и археологија за да не се дознае вистината за Македонците, рече Петров.
Легитимација за македонските корени, според промоторите, е и богатата епска ризница и песните со историска содржина. Во епските песни од мијачкиот крај, кои се предмет на втората книга на Поповски промовирана денеска, се опеваат подвизите на Александар и Филип и, како што рече промоторот Божиновски, се демиситифицира Георгија Кастриот Искендер како припадник на македонскиот народ.