Скопје, 19 август 2011 (МИА) - Двајца македонски средношколци освоија бронзени медали на Интернационалната олимпијада по информатика во Тајланд, што е најголем успех на информатичарите од Македонија на овие натпревари.
Предраг Груевски од Битола и Христијан Богоевски од Скопје, ученици во средното „Јахја Кемал“, ги добиле наградите во конкуренција од 300 млади информатичари од 90 земји. На 23-тиот светски натпревар биле вреднувани начините и брзината на решавање на поставените задачи за програмирање и алгоритамско размислување. Својата иднина ја гледаат токму во сфеарата на ИТ-секторот. Предраг е матурант и наградата од Тајланд му помогнала да се запише на престижниот MIT во Бостон и да добие речиси целосна стипендија.
Тие се вратија со бронзени медали и од 19. Балканска олимпијада по информатика во Романија, каде што во натпревар со ученици од 11 земји бронзи добија и Дејан Божиновски и Јован Крајевски од гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“.
Бронзени медали освоија и основците Денис Мазникар од Штип и Филип Бујаровски од Скопје на 5. Јуниорска балканска олимпијада што се одржа, исто така, во Романија. Со пофалници од тоа натпреварување се вратија и учениците Климент Серафимов од Скопје и Михаил Денковски од Куманово.
Наградите денеска беа промовирани на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) каде што успехот на младите информатичари им го честитаа министерот за образование и наука Панче Кралев и заменик-министерката за информатичко општество Марта Арсовска-Томовска кои им подарија и литература од ИТ-областа.
- Ова е настан со кој треба сите да се гордееме и е поттик да продолжиме да поддржуваме образовни програми за информатика и за втемелување на информатичката технологија во наставата за што поголем број ученици да бидат оспособени да се справат со глобалните предизвици, рече министерот Кралев.
- Успеавме да создадеме солиден темел, но вие сте градителите на нашето информатичко општество. Инвестицијата во образованието се враќа сто проценти, им рече Арсовска-Томовска на наградените информатичари.
Македонската репрезентација во Тајланд ја водеше Миле Јованов, претседател на Здружението на информатичари на Македонија (ЗИМ) кое ги организира и националните натпревари.
- Ова е незапаметен успех, кој се должи на континуираниот труд што ЗИМ го вложува во организација на циклусите натпревари во Македонија, преку кои се откриваат, едуцираат и на крајот се избираат најдобрите таленти за учество на интернационалните натпревари, истакна Јованов.
Деканот на ФИНКИ Димитар Трајанов изјави дека факултетот им доделува целосни стипендии за студирање на наградените, но и на учениците кои на Државниот натпревар по информатика освоиле прво, второ или трето место. хс/паг/14:24