Црковната свест не ја сфати сериозноста на секуларизацијата на Русија, која заврши во XX век. И некои дискусии во последно време покажуваат дека на директното прашање: „Дали ние, најпосле, живееме во православна земја или не?!“ - многу се оние, кои во анкетите се изјаснуваат како „православни“, одговараат за жал: „Не“.
Тоа „не“, треба да се сфати сериозно. Сериозно во таа смисла, што наведениот одговор, пред РПЦ го изнесува прашањето: Како таа ја сфаќа својата улога во општеството?
Во февруари 2011 на Општоцрковните постдипломски студии беше прочитан интересен реферат од Христина Штјокл, посветен на враќањето на религијата во општествените науки и политичката филозофија.
Овој реферат го допре актуелното прашање за местото на религијата во наше време, кое некои теолози го нарекуваат „постсекуларно“. Постсекуларно се нарекува нашето време, во кое просветеното општество ненадејно откри дека традиционалната религија, и покрај предвидувањата за нејзиниот крај од страна на многубројните опоненти, од Огист Конт, до дедо Ленин, сè уште е жива и опстојува во овој наш век на „нови нанотехнологии и андрони колајдери“. Гледаме дека во современа Русија, во земјите на ЗНД, нашето традиционално православие воопшто не се подготвува да одумре, ниту да ги допре маргините на општествениот живот, не станува занимација на „слабо образовани старици и домакинки“. Истовремено расте гневот и раздразливоста заради активностите на верските универзитети.
Сложениот карактер на меѓусебните односи помеѓу современото општество и Црквата најјасно се гледа од примерот на воведување на основи на православната култура во школските програми. Обидите за воведување на тој предмет во било која форма, дури и на алтернативна основа, предизвикаа огромен отпор кај дел од општеството, кој има широк пристап до медиумите. Така, членот на Државниот совет при Министерството за образование и наука на РФ, телевизиската водителка Светлана Сорокина го предупреди посетителите на сајтот на радиото „Ехо Москва“ дека „наскоро на централниот плоштад ќе ги спалуваат еретиците, кои го чуваат сеќавањето за кружниот облик на земјината топка“.
А главниот уредник на истото радио, подеднакво активно присутен во Државниот совет при Министерството за образование, зазеде алармантен став, велејќи дека со воведувањето на основи на религиозната култура во училиштата, „создаваме културно гето“. Солидарниот став на Државниот совет во врска со ова прашање уште од 2007 година во себе содржеше типични клишеа на антиклерикализмот. Документот, кој беше усвоен од страна на Државниот совет при Министерството за образование и наука - т.н. „Препорака на Државниот совет при министерството за образование и наука на РФ“, усвоена на заседанието од 27-ми март 2007 година - со темата: „современи пристапи кон изучување на историски и културни основи на традиционалните религии во учулиштата на РФ“ - јасно ги открива основните црти на антиклерикалните ставови.
Прво и типично клише на оваа идеологија е тезата за „одвојување на црквата од државата“. Во „препораките ...“ е наведено: „ако Русија е секуларна држава, што значи дека Црквата е одвоена од државата, Црквата не може да влијае на содржината на наставната програма“. Овој став импресионира со својата апсурдност: се подразбира конкретно изучување на културата и учењето на православната Црква, но при тоа, на „црквата“ и се одзема правото да влијае на содржината на таа настава. Односно, на општествената организација „црква“ не може да и се дозволи пристап во учењето за неа. Овој став би бил разбирлив, во случаите на изучување на активностите на нарко - мафијата или заедницата на педофили, кои, секако, не треба да учествуваат во припремата на учебници по криминалистика.
Но, зошто Црквата треба да биде исклучена од припремата на учебници за основите на православната култура? Очигледно, затоа што антиклерекалистите ја сместуваат Црквата во ист кош со гореспоменатите деструктивни организации. Затоа може да се констатира дека постои многу голема недоверба кон Црквата кај тој дел од руското општество, кои судејќи по сè, е формиран уште во советско време. Советското влијание се чувствува уште и на ниво на терминологијата, бидејќи ни во уставот на РФ, ни во другите државни закони, верските заедници не се нарекуваат „црква“, со мала почетна буква. Во рускиот устав се зборува за одвоеноста на „верските организации“ од државата.
А во советскиот устав од 1977 година во член 52 е наведено: „црквата во СССР е одвоена од државата и школството - од црквата“. Од агол на комунистичката идеологија, тоа е сосема разбирливо: болшевиците, пред сè, се бореле против православната Црква, дури и започнале со нејзино потполно уништување, другите религии не ги загрижувале многу комунистите. Во демократска Русија од 90-те веќе немало таква цел, така што член 14 од уставот на РФ гласи: „верските заедници се одвоени од државата и рамноправни пред законот“. Значи ваквото навраќање на советската атеистичка терминологија, го покажува стравот на Државниот совет во врска со токму православната Црква, односно го покажува стремежот да не се дозволи влијание, пред се, на православната Црква, на која се гледа, како на реална сила во Русија.
Со што е поврзан таквиот непријателски однос кон Црквата? Работата е во тоа, што идеологијата на секуларизмот во религијата гледа потенцијален, а понекогаш и реален конкурент на полето на формирање на јавниот морал. Строгоста во поглед на ненарушливоста на бракот, абортусите, сопружничката прељуба и други значајни појави на општествениот живот, кои претставуваат основа на моралното учење на Црквата, противречи на погледот на свет на постхристијанското општество, ослободено од љубовта кон националната историја, верноста кон семејството и другите „окови на средновековниот мрак“. На местото на религиозните вредности, во таквото општество се појави државната религија - како на пр. во САД, или квази-религијата на самоволие - како во обединета Европа. Не случајно во препораките на Државниот совет е нагласено дека задача на „световното училиште“ е формирање на „политичка нација - единство на граѓаните на една земја“.
Значи не умни и морални личности, туку социјални субјекти. Притоа имплицитно се подразбира, дека религиозните разлики го попречуваат единството на социјалните субјекти, а нивелирањето (изедначувањето) на религијата, допринесува за политичко единство на секуларизираната нација. Затоа се препорачува заедно со (а всушност наместо) изучувањето на традиционалната религиозна култура да се воведе курс по „историја на светските религии“. Во врска со тоа е и константното нагласување од страна на Државниот совет за опасноста од верска омраза во училиштата, ако одеднаш се започне со изучување на идеолошките основи на конкретни религии. Всушност, основната опасност за антикерикализмот е идеолошката конкуренција.
Како што С. Сорокина отворено изјави во врска со горенаведениов школски предмет: „многу се плашам дека тоа на децата ќе им го „помрачи умот, наместо да им всади жед за нови сознанија“. Во тоа е и суштината на нападите врз овој предмет: антирелигиозно настроената интелигенција се плаши од ширењето на религиозниот поглед на свет, кој во основа е носител на моралните вредности. Тие, пак, од човекот бараат воздржливост, што е суштински спротивно на сфаќањата на постхристијанската цивилизација. Како што изјави горе споменатиот член на советот, Александар Адамски, новиот предмет треба да биде, пред сè информативен.
Во спротивно, според него, постои опасност размислувањата на учителот да се претворат во наметнување на сопствениот поглед на детето. Тоа, секако, би било погубно за секуларизмот, особено ако тој поглед е врзан за традиционалните христијански вредности. Но ако гледаме вака, во тој случај од школската програма треба да се исклучи и историја на книжевноста, бидејќи и кај тие предмети постои можност, субјективното мислење на предавачите да доведе до исти последици.
На тој начин, барањето за „одвојување на црквата од државата“ во рускиот антиклерикализам - пред сè, претставува одвојување на државата од моралното влијание на Црквата, чиј спроведувач е свештенството. Затоа втората основна теза на руското антицрковно движење, во поглед на наставата за основа на религиозната култура и морал, е тезата за „недозволено присуство на свештеници во училиштата“. Од ова во препораките се роди и второ апсурдно барање „наставата треба да ја држат професионални педагози, а не служители на култ“. Логички ова барање е засновано на лажна алтернатива, а правно, тоа претставува неуставна забрана на професијата. Практично се предлага на полноправни граѓани на РФ (каде припаѓаат и служителите на култ) да им се забрани занимавање со педагошка дејност.
А меѓу нив не е мал бројот и на професионални дипломирани педагози и учители од прва и висока категорија. Што со свештениците кои се и професионални педагози? Дали за нив може да се воведе предметот во училиштата? Попатно, терминот „служител на култ“ повторно е рудимент на советскиот државен атеизам. Печатот „служител на култ“ им се ставал на свештениците во пасош и со себе повлекувал лишување од граѓански права. Гледано од аголот на милитарниот секуларизам, свештенослужителите се граѓани лишени од граѓански права. А негативниот однос кон „поповите“ е формиран на подсвесно ниво во процесот на антирелигиозното воспитување и антирелигиозната пропаганда.
Во контекст на таквиот однос е објавено и познатото отворено писмо на десет академици, во кое се изнесени опасностите од зголемената религиозност на земјата. „Со сè поголема загриженост, го следиме подемот на клерикализација на руското општество со активен продор на Црквата во сите сфери на општествениот живот“, пишуваат академиците. Многу примероци од ова писмо беа објавени во медиумите и на интернет. Но, нешто, сепак, остана зад таа дискусија: тоа што го видоа академиците, а нивните критичари не го забележаа. Тие беа во право во врска со тоа дека често црковната свест на ја сфаќа полната сериозност на секуларизацијата на Русија, која се заврши во дваесеттиот век.
И дискусиите во врска со скандалозните фотосесии на познатата балерина на сметка на „православниот дрес - код“ покажаа дека на дирекното прашање: „Дали ние, најпосле, живееме во православна земја или не?!“ - многу се оние, кои во анкетите се изјаснуваат како „православни“, одговараат за жал: „Не“. И тоа „Не“, треба да се сфати сериозно, во смисла како руската Црква ја сфаќа својата улога во општеството? Дали црквата е спремна да го прифати општеството такво какво што се сега: безбожно, зафатено со морални пороци, обвиткано со корупција? Зарем не забораваат црковните луѓе дека, и тие самите се дел од општеството и во голем дел ги носат неговите пороци и мани?
Се работи за тоа, што во нашето вообразување, често се создава идилична слика, која би се остварила, кога во некој убав сончев ден би оживеала онаа Русија пред револуцијата, со православна вера вградена во телото на државната идеологија. Да речеме дека таа замисла може да се оствари: нас православните, а особено свештенството, би нè повикале во училиштата да држиме настава за законот Божји, би нè праќале во војска за воени свештеници.
Дали сме спремни да се соочиме со тоа, дека руското општество, покрај сите свои симпатии за православието, веќе не е оној народ, за кој пишуваше Достоевски: „Народот го знае својот Христос Бог, или, уште подобро, нашиот Бог, иако не учел школо“? Патот што рускиот народ го помина во дваесеттиот век, го измени засекогаш. „Не може два пати да се влезе во иста река бидејќи тече нова вода“, - рече мудриот Хераклит, притоа не мислејќи само за природата, туку и баш за општеството. Најважно е тоа дека во нашето општество се измени системот на вредности и односот кон животот.
За тоа сведочи и познатиот „Архипелаг Гулаг“ на А. И. Солжењицин, документ, кој не само што ја разоткрива трагедијата на сталинистичката репресија, туку и трансформацијата на моралот, ерозијата на христијанските вредности кај народот. Кога Русија од ова бурно време би барала духовно раководство, како некогаш древната Киевска Русија, би чекала некого, кој би дал морален модел, било да е тоа благодатната промена на кнез Владимир, или подвигот на светителот Гермоген, тогаш денешните руси би биле многу далеку од духовното ништавило, што би било и прв чекор кон Царството Небесно. Нашиот народ сега, како блудниот син, сепак, сеуште го раздава татковото наследство и ние не знаеме дали тој ќе се врати при Отецот, или ќе го продолжи својот пат „кон просперитет“.
Треба да сфатиме: секуларизацијата личи на созревање. Детето, кога расте во семејството, волно или неволно, мора да ги слуша советите на своите родители. Кога детето ќе порасне, тоа и натаму ги почитува родителите, но секогаш, кога тие ќе го повисат тонот, нему му се чини дека тие „ја кршат неговата лична слобода“. По природата на нештата, засиленото антиклерикално расположение во руското општество, претставува социјално - психолошка реакција на тинејџерите против своите родители. Од таа аналогија може да се извлечат најмалку два заклучоци.
Прво, во нашата црковно - просветителска и мисионерска дејност треба да решиме, со современото општество да разговараме со „авторитативен тон“: детето порасна, еманципирано е и сака да разговара исклучиво со „рамните на себе“. Треба да научиме така да разговараме, а пред се, самите православни треба да сфатат дека тие ја сочинуваат Црквата Христова, која го продолжува својот пат во нашата земна татковина, стремејќи кон небесната татковина. Овде треба да нагласиме дека ние, свештенослужителите и мирјаните, сме полноправни граѓани на нашата земна држава, и треба да знаеме како да ги сочуваме своите права во современото општество, вклучувајќи се во него, но грижејќи се да не ги примиме неговите болести и пороци.
Второ, треба да ја имаме на ум духовната одговорност на родителот, дури и за пораснато дете. Православието ја обликува Русија и нејзината култура, што значи дека сме должни да ја сакаме својата земна татковина на посебен начин, не така, како што тоа го прават православните во западните земји. Во нашиот речник не треба да има презрив „прозападен“ тон: да велиме дека „во оваа земја сè е наопаку“.
Не треба да го прифатиме моделот на однесување што ни го наметнува антиклерикалниот секуларизам, затворајќи се во својот „православен благочестив свет“, оставајќи го „грешниот свет“ да страда. Да, православните гимназии, православни кампови за деца и друго, ни се потребни денес и ќе ни требаат уште долго време, но не треба да одиме по патот на самоизолација, спротивставување на црковните општини и рускиот социум. Токму тоа од нас го очекуваат „секуларистите“: живејте во својот мал свет со „православни“ мед, палачинки и пирошки, а во нашата современост не се мешајте.
Треба да сфатиме, да не го проповедаме враќањето на Русија на И. Шмељов, која и во негово време беше повеќе детска фантазија, отколку реалност. Сакаме да бидеме верни на изборот што го направија нашите предци, избирајќи го православието како духовна сила и морален ориентир, и во оваа современа Русија на XXI век.
ѓакон Димитриј Циплаков
Извор: Православие ру
Преземено од : Бигорски манастир