Игуменот на Ватопед архимадрит Ефрем се обрати кон учесниците на фестивалот „За живот“ (09.07.2013 13:39)
Игуменот на светогорскиот манастир Ватопед архимандрит Ефрем се обрати кон учесниците на IV Меѓународен фестивал за социјални технологии во заштита на семејните вредности „За живот“.
„Вчера Христовата Црква го празнуваше Рождеството на Јован Крстител, а девет месеци пред тој ден тој бил зачнат – малиот ембрион се соединил со бесмртната душа во утробата на неговата мајка. Човечкото тело има свои закони и време за развој и раст. Со нив се занимава науката која може да ги набљудува (следи) сите процеси од зачнувањето до смртта.
Животот на душата е тајна. Таа може да престојува и во кревкото, слабо и беспомошно тело, но има и уникатна способност да комуницира со Бога. Тоа ѝ е дадено од моментот на зачнувањето. За да се развие ова општење, нужно е душата да живее како бебе во луклата на телото. Соединувањето на распадливото тело и нетлената душа е една од најголемите Божји тајни во светот. Бог го создава човекот и му дава право на живот. Само Тој знае како секоја душа комуницира со Него. Затоа, само Тој може да одлучи дали човекот ќе живее или нема да живее.
За жал, денес ние го губиме чувството за стравопочит пред таинствениот човечки живот и постоењето на универзумот во целина. ‘Постхристијанскиот свет’, како што тој самиот себеси се нарекува, се смета за покомпетентен отколку Бог Творецот и си дава за право да контролира сѐ, дури и човечките судбини. И во време кога се заштитуваат сите права на малцинствата и болните, животните и птиците, незаштитени остануваат само младенците во утробите на своите мајки; тие стануваат жртви на материјалистичките и атеистичките теории, и премногу неморалните и рамнодушни општества.
Друго зло на новата епоха (Њу ејџ) е обезвреднувањето на востановената од Бога семејна институција, површниот став кон сопружништвото и родителството, мешањето на половите итн.
Ние, монасите, молејќи се за болката во целиот свет, ги повикуваме сите кон покајание и поправање, враќање кон Бога, но и ги поздравуваме напорите на нашите браќа и сестри во светот да ги одбранат вековните традиционални вредности на света Русија. Патем, ќе се навратам на Јован Крстител: тој пострадал, не поради догмите на Црквата, како другите маченици, туку поради тоа што се спротивставил на моралниот распад на општеството.
Молитвено сакам вашиот собир да биде плодотворен и да придонесе за духовниот, моралниот и социјалниот развој на нам драгиот руски народ“.
Извор: Православие.ру