ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ
Тропар на светиот
Апостол Лука
18 октомври / 31 октомври
Раскажувачот на Апостолските Дела,
и светлиот писател на Христовото Евангелие,
Лука, се покажа неискажливо преславен
во Христовата Црква,
со песни свештени светиот апостол
да го прославиме, како вистински лекар
и исцелител на човечките слабости,
телесните болести, рани на душата,
и непрестаен молитвеник за нашите души.
Тропар на светите
Христови маченици
Гаврил и Кермидол Египетски
18 октомври / 31 октомври
Жалоста за човечката паднатост
и прелеста на Божјите словесни битија,
поголема беше болка, о, Гавриле и Кермидоле,
од раните на мечот со кои вие Царство Небесно добивте.
Затоа маченици свети, знаејќи за слабоста на човекот острастен,
нека не престанува да се вознесува молитвата ваша,
за нас пред Господ Кој може да опростува.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на преподобниот
пустиник Христов
Јулијан
18 октомври / 31 октомври
Ревноста твоја по Бога те подигна
над сѐ минливо и трулежно, душа хранеше
со Господа разговарајќи, а срце исполни со
псалми Давидови, о Јулијане градино на Духот Свети,
змијата лек носи во раце искусни лекареви,
а молитвите твои нека бидат знаменија
победнички со кои Христос ги прима
нашите души покајни.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Православен календар за 31/10/2024
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2024 лето Господово
Од Верскиот календар:
Тропар, глас3.
Апостоле свети и евангелисте Луко, моли Го милостивиот Бог, да им даде на душите наши прошка на гревовите.
Светиот апостол и евангелист Лука
Роден е во Антиохија. Во младоста добро ја изучи грчката философија, медицината и иконописот. Во времето на делото на Господ Исус на земјата Свети Лука дојде во Ерусалим и таму Го виде Спасителот лице в лице, ја чу Неговата спасоносна наука и стана сведок на Неговите чудесни дела. Откако поверува во Господ, Св. Лука беше вбројан меѓу Седумдесеттемина апостоли и пратен на проповед.
Заедно со Клеопа Го виде воскреснат Господ на патот за Емаус (Лука 24). По слегувањето на Светиот Дух на апостолите, Лука се врати во Антиохија и таму му стана сотрудник на Св. апостол Павле со когошто патуваше во Рим, обраќајќи ги во Христовата вера Евреите и незнабожците. „Ве поздравува Лука, лекарот љубезен“, им пишува на колосјаните Св. апостол Павле (Колосјани 4, 14).
На молба на христијаните го напиша Евангелието, околу 60 година. После мачениката смрт на Св. апостол Павле Свети Лука го проповедаше Евангелието по Италија, Далмација, Македонија и на други места. Ја иконописаше Пресвета Богородица - и тоа не една туку три икони - а исто така Светите апостоли Петар и Павле. Оттука Свети Лука се смета за основач на христијанскиот иконопис. На старост го посети и Горен Мисир.
Од Мисир се врати во Грција, каде што со голема ревност продолжи да проповеда и да ги обраќа луѓето кон Христа, не обѕирајќи се на својата длабока старост. Свети Лука ги напиша Евангелието и Делата Апостолски, обете посветувајќи му ги на Теофил, кнезот на Ахаја. Имаше осумдесет и четири години кога злобните идолопоклоници го подложија на маки заради Христа и го обесија на една маслина во градот Тива (Теба) Беотиска. Чудотворните мошти на овој прекрасен светител во времето на Константиновиот син, царот Констанциј, беа пренесени во Цариград.